Судиите се држат за фотелјите, и покрај лошите резултати


Најдобриот тренер на светот Зинедин Зидан замина од спортот кога беше најуспешен, кога неговиот клуб освои три шампионски титули, а сега кога има најлоши резултати во судството, судските менаџери цврсто ги држат своите фотелји.

Вака, со спортски жаргон, судијата Лазар Нанев ја опиша состојбата во судството кое постојано се реформира со нови закони, тела, конференции. Проблемите во судството во Македонија, Нанев ги лоцира во тоа што дел од судиите не сакаат да го нарушат својот комодитет и да ги прифатат промените.

„Проблем во Македонија не е извршната власт, не е ниту законодавната власт, туку ненарушувањето на комодитетот на дел од судиите, кои слепо заседнати во своите фотелји се обидуваат да не ги прифатат промените. Изминатиот временски период се покажа дека, и покрај фрлената ракавица од страна на сите клучни актери во Македонија, судството остана анемично, затворено, со чувство на страв од проблеми“, вели Нанев.

За Нанев честите менувања на законските решенија и носењето на стратегии не е решение за проблемите. За него тие се само патоказ, а кризата на судскиот менаџмент е она што ја понижило судската власт.

„Недостигот на судски менаџмент го дерогира судскиот систем и ја понижи судската власт. Ние не можеме да се натпреваруваме со извршната и законодавната власт затоа што немаме судски лидери кои ќе можат, паралелно, заедно со останатите две власти да го менаџираат целокупниот систем на власта“, вели Нанев.

Судијата Нанев ја предводеше комисијата од Министерството за правда која утврди дека судските предмети се делеле на рака, а не електронски и откри нерегуларности во прераспределбата. Нивниот извештај се најде и на седница на Судскиот совет, но засега оттаму нема никакви информации што било одлучено. Тој вели дека и оваа власт продолжила со избор на подобни судии и тоа го покажало ранливото ткиво на судството.

На иста линија е и професорот на Правниот факултет, Гордан Калајџиев, кој вели дека зборот реформи се преувеличува и дека тие, сами по себе, нема да донесат напредок. Метастазираните судство, според него, не се лекува за еден ден и со постојани законски измени бидејќи и на постојни реформи ние немаме резултати. Според него, и оваа власт прибегнува кон полесниот пат, ветува реформи и законски решенија, а не суштина, само за да добие позитивни критики од меѓународната заедница.

„Лекувањето бара сериозен и научен пристап, а ние најмалку пристапуваме на тој начин. Ниту Владата ниту самите судии не поддржуваат научно истражување или да се вклучи академската јавност во решавањето на проблемите. Владата пропушти една шанса со формирањето на Советот за реформи, на првото несогласување со политичарите не нѐ сослушаа, не откачија. Тоа не е одговорен пристап, ние не сме политичари, науката не исполнува желби на политиката. Сакаат да продолжат да гледаат со розови очила, а тоа нема да ни помогне“, вели Калајџиев кој беше член во Советот за реформи во судството, но си даде оставка, а сега ова тело е во рамките на Владата.

Претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, порачува дека за сеопфатна реформа во судството потребна е нормативна и ментална трансформација, но и финансиска самостојност на судиите.

„Ние треба да изградиме чекори кон финансиска самостојност на судиите и финансиска реална претстава на буџетот во однос на платите на судиите. Сите влади досега прават грубо прекршување на законот. Никој не зборува зошто еден министер за финансии го прекршува законот, односно Владата го прекршува законот во однос на предвидениот процент од бруто-националниот производ, тоа е проблем што треба да го решиме во иднина“, рече Саити.

На премиерот Зоран Заев декларативно не му пречат критиките и тврди дека научната фела е вклучена во законските измени.

„Во Македонија е многу важна имплементацијата. Од минатото научивме многу работи, но една сигурно – дека дури и кога постојат одлични закони, ние знаеме да фалираме, односно да ја направиме неуспешна нивна имплементација. Само преку критика и директно кажување во очи можеме да успееме во овој многу значаен процес“, вели Заев.

Поглавјата 23 и 24 што ги покриваат судството и темелните права ќе бидат отворени први во преговорите со ЕУ.

Фросина Факова-Серафиновиќ