Социјалдемократи на Северна Македонија, ново име на СДСМ?


Социјалдемократи на Северна Македонија (СДСМ) или само Социјалдемократски сојуз (СДС) – се двете можни варијанти за промена на називот на владејачката партија, согласно со новото име на државата чија примена почнува од оваа недела. Не е исклучено веќе на априлските избори за шеф на државата СДСМ да настапи со модификувано име.
Висок партиски функционер во изјава за „Независен весник“ посочува на овие две можности за промена на називот на партијата со седиште на улица „Бихаќска“. Во првиот случај, во називот на партијата би влегло новото име на државата, со додавката „Северна“, а би останала истата кратенка што беше употребувана досега – СДСМ. Во вториот случај, социјалдемократите, како левичарски ориентирана партија, би настапувале без споменување на името на државата во својот назив, како што е случајот со многу други европски социјалистички и социјалдемократски партии, членки на Партијата на европските социјалисти (ПЕС). Лабуристичката партија (ЛП) во Велика Британија, СДП во Германија, СДП во Хрватска, Социјални демократи (СД) во Словенија, Партијата на социјалисти во Франција (ПС)… се дел од членките на ПЕС кои во својот назив го немаат името на државата од која доаѓаат, за разлика, на пример, од Бугарската социјалистичка партија (БСП) или Социјалдемократската партија на Австрија (СПO)…
Функционери од СДСМ најавуваат дека промената на партискиот назив би можела да се реализира уште на претстојниот конгрес на СДСМ закажан за 3 март, кога треба да биде официјализирана одлуката за тоа со кој кандидат ќе настапи партијата на шестите претседателски избори. Според тоа, се очекува во наредниот период во партиските тела да се отвори дискусија околу тоа како точно да биде новиот назив на партијата, што потоа ќе повлече и одредено ребрендирање, односно промена на логото и на симболите и секако на таблите пред партиската централа во Скопје, како и на седиштата на општинските и месните организации на партијата.
Што се однесува, пак, до промената на таблите на државните институции, на граничните премини за влез и излез во земјава, како и на дипломатско-конзуларните претставништва во земјава, процесот се најавува дека ќе почне уште во текот на оваа недела. Генералниот секретар на владата Драги Рашковски, кој ќе претседава со меѓуресорската работна група за примена на Преспанскиот договор и на уставните амандманите што произлегоа од него, информира дека во текот на денешниот ден ќе биде објавен акцискиот план – со прецизни рокови за спроведување на обврските согласно со Уставниот закон што беше донесен по прогласувањето на уставните промени. Од МНР соопштија дека до утре во „Службен весник“ ќе бидат објавени уставните амандмани и Уставниот закон кои стапуваат во сила откако грчката страна ги исполни своите обврски, односно експресно ја помина ратификацијата на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Македонија и Грција треба деновиве да го известат генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, дека новото име на нашата земја стапува во официјална употреба и на внатрешен и надворешен план. За тоа треба да бидат информирани и другите меѓународни организации и околу 130 земји што ја признаа Македонија под досегашното уставно име.
Според првичните најави, Владата ќе набави околу илјада табли со различна големина, во зависност од тоа за кој објект или институција станува збор. Набавката ќе ја спроведе Службата за општи и заеднички работи. Не е утврдена сè уште точната сума што ќе биде потребна за промена на таблите, кои, според информациите, сепак, не се поскапи од околу 20 до 30 евра, во зависност од димензиите. Освен што на новите табли ќе стои името Република Северна Македонија, тие ќе бидат на македонски и на албански јазик, согласно новиот Закон за употреба на јазиците, во кој, пак, е предвидена сума од милион и пол евра за спроведување на двојазичноста која предвидува и превод на целата службена документација.
Согласно Уставниот закон, за постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна и за внатрешна употреба што може да се користат надвор од државата е предвиден рок од пет години за нивно усогласување со уставните амандмани. За постоечките документи и материјали наменети исклучиво за внатрешна употреба усогласувањето ќе почне етапно – со отворање на секое поглавје од одредена тематика во преговорите со ЕУ, а ќе заврши најдоцна во рок од пет години од отворањето на поглавјето

Се бара решение за МАНУ

Како што е предвидено со Уставниот закон, од денот на влегување во сила на амандманите на Уставот, државјанството ќе биде македонско – граѓанин на Република Северна Македонија. Употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.
Според тоа, новото име на државата во иднина ќе треба да фигурира во називите на сите државни институции, па и на оние кои досега во називот ја имаа придавката, како што е, на пример, Македонската академија на науки и уметности (МАНУ). Со оглед на тоа што академиците, од кои голем дел го поддржаа Преспанскиот договор, покажаа отпор кон можноста Академијата да се преименува во Академија на науки и уметности на Северна Македонија, излегоа информации дека се бара друго решение, односно се споменува варијантата Национална академија (НАНУ).
Пред референдумот за името во МАНУ беше организирана научна расправа за Договорот од Преспа. Коментирајќи за називот на Академијата откако ќе стапи во сила Преспанската спогодба, нејзиниот претседател Таки Фити изјави тогаш дека МАНУ е буџетска институција, ама не комплетно, затоа што дел од средствата се од научни проекти.
– Од самото наше формирање имаме извонредно голема самостојност и во поглед на вработувањата и научните проекти и затоа можеме да се надеваме на флексибилност – да се размисли доколку ова може да се реши бона фиде. Но, што и да се случи, не ја намалува нашата убеденост за успешното решавање на идентитетските прашања – рече Фити.

Александра М. Митевска