Славески, Ставревски и Керим фаворити на ВМРО-ДПМНЕ за наследник на Иванов


Во сенка на драматичните случувања во врска со спорот за името со Грција, партиите се подготвуваат за претседателските избори што ќе се одржат идната година. Завршувањето на вториот мандат на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов и законската забрана за добивање трет значи дека Македонија следната пролет ќе го добие својот петти „татко на нацијата“. Опозицијата бара заедно со нив да се организираат и предвремени парламентарни избори, власта засега е против таквото барање, но, како и да е, референдумот прво, а потоа и изјаснувањето за претседател ќе биде показател на расположението кај граѓаните во однос на политиките на Владата и реорганизацијата на опозицијата.

Во септември и во октомври ќе започнеме со посериозни анкети, анализи и испитувања на терен. Ќе видиме каков е рејтингот на ниво на цела територија на Македонија на потенцијалните кандидати. Засега вршиме сондажа меѓу нашето членство и на нив најдобро стојат професорот Трајко Славевски, поранешниот вицепремиер Зоран Ставрески, а зад нив се појавува името на Срѓан Керим, поранешен министер за надворешни работи“, вели функционер на ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“.

Педесет и осумгодишниот Трајко Славески е професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии (од 2006 до 2009 година) и за развој (од 1999 до 2000 година) во владите на ВМРО ДПМНЕ, чиј потпретседател стана во 2005 година. Важи за добар познавач на економијата и критичар на економските политики на владата предводена од Зоран Заев. Интересно, кога беше разрешен од министерската фотелја во 2009 година (по барање на тогашниот премиер Никола Груевски) го наследи Зоран Ставрески, кој, доколку се прашува членството на најголемата опозициска партија, треба да му биде соперник во внатрепартиската битка. Ставрески (54) е во кумска релација со Груевски, го водеше секторот финансии во владата до 2016 година, а потоа даде оставка од, како што наведе самиот, здравствени причини. Неговото име се слушна во телефонските разговори што ги објавуваше тогашната опозиција, во кои тој всушност ги критикуваше потезите на поранешниот премиер.

Во целата таа збрка што се случуваше, тој остана чист за целото време“, коментираат во партијата.

Зад двајцата професори од Охрид, стациониран е Срѓан Керим, роден во Скопје пред 69 години. Во периодот од 30 ноември 2000-та до 13 мај 2001 година беше министер за надворешни работи, беше амбасадор во Германија и во Обединетите нации. Од септември 2007 до септември 2008 година беше претседател на Генералното собрание на ОН. Подоцна имаше амбиции да стане и генерален секретар на ОН, но не ги реализираше. Додека беше на чело на МПМ, згаснаа весниците „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“. Во 2009 година, во пресрет на изборите за претседател СДСМ, кој тогаш беше во опозиција, му предложи на ВМРО-ДПМНЕ да излезат со заеднички консензуален кандидат – Срѓан Керим. За волја на вистината, неговото име се споменуваше како кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, но штом ја добија понудата од СДСМ, ја одбија и изненадувачки, го кандидираа професорот Ѓорѓе Иванов.

Кога се во прашање социјалдемократите, неофицијалните информации говорат дека во таборот околу „Бихаќска“ се зголемува бројот на претенденти за претседателската функција. Стево Пендаровски, кој беше кандидат на СДСМ во 2014 година и помина релативно добро, и овој пат важи за едно од посериозните можни решенија за претстојните избори, доколку не биде одлучено да се оди со „тврдо“ партиско решение. Сепак, меѓу политичките кругови сѐ погласно се зборува оти коалицијата на власт ќе ја предложи министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Дилемата е околу слабиот рејтинг на министерката која, според последните сондажи, не ужива голема доверба кај граѓаните. Како претенденти за претседателска кандидатура од владејачката партија се споменуваат исто така вицепремиерот Кочо Анѓушев и шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и неколкумина бизнисмени, меѓу кои и Трифун Костовски. Се очекува СДСМ да добие поддршка од коалициските партнери, пред сѐ од ДУИ, иако неизвесно е што сѐ може да се случи за десетина месеци за кога се предвидени изборите.

Политичките партии во моментов работат на приспособување на изборната регулатива, така што планот е од септември да почнат да се применуваат новите правила, а ДИК да почне да функционира според нов концепт и во нов состав: како административно тело во кое партиите ќе делегираат свои набљудувачи шест месеци пред редовни избори.

Се оценува дека ниту за СДСМ ниту за ВМРО-ДПМНЕ не е сеедно со каков профил на кандидат ќе истрчаат на претседателските избори кои, всушност, ќе бидат увертира во парламентарните избори, кои во редовен термин треба да се одржат кон крајот на 2020 година. На номинациите секако ќе влијае и исходот од политичките процеси што престојат.

Македонија досега имаше четири претседатели: Киро Глигоров во два наврата од 1991 до 1999 година, Борис Трајковски до 2004, Бранко Црвенковски до 2009 и Иванов, кој идната година ќе заврши со еднодеценискиот престој во вилата на Водно.

Горан Адамовски