Сите патишта водат кон Будимпешта: Груевски како Грујевски


Македонија бара од унгарските власти да го вратат назад во земјава поранешниот премиер Никола Груевски, кој бегајќи од правдата најде засолниште во Будимпешта. Сега, практично, дилемата е на кое барање ќе одговори побрзо администрацијата на Виктор Орбан – на македонското за екстрадиција или на барањето на Груевски за добивање азил.

Од унгарската влада информираа дека дозволиле Груевски да поднесе барање за азил, а со тоа да биде сослушан и во седиштето на Канцеларијата за миграција и азил во Будимпешта бидејќи тоа е законско прашање.

„Груевски поднесе барање за азил кај соодветната служба во Унгарија. Со оглед на фактот дека тој беше премиер на Македонија 10 години, од безбедносни причини унгарските власти му дозволија на да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за миграција и азил во Будимпешта, која ќе ја спроведе процедурата во согласност со унгарските и со меѓународните закони“, стои во изјавата од кабинетот на Орбан.

Оттаму велат дека Македонија е стратегиски партнер и важен сојузник на Унгарија. Според нив, добрата соработка меѓу двете земји е важен темелник за развој на балканскиот регион и за безбедноста на Европа.

„Актуелната македонска влада е партнер на Унгарија и затоа ние на ниеден начин не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на суверените држави и сметаме дека разгледувањето на барањето за азил на поранешниот македонски премиер е чисто законско прашање“, се додава во дописот од унгарската влада.

Тие велат дека во согласност со унгарскиот закон, унгарските власти нема да даваат понатамошни детали за процедурата за азил на Груевски пред таа да биде завршена.

Во Министерството за правда, како што информира вчера оттаму, се подготвува барањето до надлежните органи во Унгарија за екстрадиција на поранешниот премиер. Од Министерството велат дека по известувањето од МВР дека Груевски е пребеган во Будимпешта се обратиле до Кривичниот суд во Скопје, каде што поранешниот премиер беше осуден на затворска казна од две години за случајот „Тенк“, за да ја добијат целокупната документација за случајот. Веднаш откако ќе биде комплетирана документација, барањето за екстрадиција ќе биде испратено во Унгарија, велат од Министерството.

Премиерот Зоран Заев, пак, очекува Унгарија да постапи по распишаната меѓународна потерница.

„Очекуваме од Унгарија да биде пример дека нема да штити криминалци кои направиле штета врз граѓаните на Македонија. Каква би била мотивацијата на нас земјите кандидати ако една земја членка на ЕУ биде засолниште на криминалци и не ја почитува меѓународната пракса, меѓународното право“, рече Заев.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, вели дека бегството на поранешниот премиер не би требало непосредно да влијае врз евроатлантскиот пат на Македонија.

„На други места се одлучува за тоа, пред сè во Собранието со активниот однос кон договорот со Грција, и за тоа одлучуваат на индивидуално ниво и пратениците кои мораат да знаат дека во прашање е иднината на нивната земја и дека не е време за тактички приоритети“, изјави Вајгл. Тој изрази надеж дека новонастанатата ситуација нема да влијае врз атмосферата во земјата и евроатлантските приоритети.

„Се надевам дека во духот на правото и правилата на ЕУ ќе настапи и унгарската влада и органи“, рече Вајгл.

Ова не е првпат Министерството за правда да бара екстрадиција за бегалци од предметите на СЈО. Уште претходниот министер за правда Билен Саљији бараше од грчките власт да ги вратат од Солун Горан Грујевски, поранешен началник во Петтата управа и Никола Бошкоски од УБК, обвинети за случајот „Тврдина“, кој се однесува токму на масовното незаконско прислушување. Обновување на барањето за екстрадиција со дополнителна аргументација најавуваше и актуелната министерка Рената Дескоска, а, според информациите, во македонското Министерство за правда досега не е пристигнат одговор ниту на првото барање.

На Грујевски и Бошкоски сега им се суди во отсуство во Кривичниот суд во Скопје, откако, уште пред повеќе од една година, ја напуштија земјава со лажни идентитети затоа што им беше определен 30 дневен притвор. Тие не успееја да стигнат до Будимпешта, затоа што беа уапсени на аеродромот во Солун, а сега во Грција имаат статус на баратели на азил. За разлика од нив, Груевски самиот ја извести јавноста дека е на безбедно во Будимпешта, каде што замина како правосилно осудено лице, без пасош и преку „зелен премин“ од Србија.

Будимпешта беше спомната и на едно од рочиштата за случајот „Титаник“, како дестинација каде што бил на лекување во угледна болница поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протуѓер, поради што не се појавувал на судењата.

Повикувајќи се на унгарските закони, МИА објави процедура според која Груевски би можел да добие статус на азилант. За тоа се наведени два можни услови – како лице под заштита или како прифатено лице, а постапката би траела до 90 дена. Поточно, унгарските власти треба да се изјаснат за барањето на Груевски во рок од осум односно 15 дена, а за остварувањето на правата од азил за 45 до 90 дена. Според унгарскиот и меѓународниот закон, секој странец има право да побара азил доколку во неговата земја бил изложен на прогон, тортура или сериозно му биле нарушени човековите права. Можноста да побараат азил законот им ја дава и на лица кои илегално влегле на унгарско тло и илегално престојуваат во земјата. Доколку ги исполнуваат условите за добивање азил нивниот статус во Унгарија ќе стане легален. Лицата кои се стекнале со право на азил може да ги доведат членовите на нивното семејство во Унгарија. (А.М.М.)