Се бара кандидат што ќе го пробие „консензуалниот праг“


Можна ли е своевидна реприза на резултатите од септемврискиот референдум на претседателските избори што треба да се одржат напролет следната година? Тоа е дилемата што се наметнува додека од политичките кулоари излегуваат нови комбинаторики околу можните кандидати за шеф на државата, при што се споменуваат имиња и профили што би можеле да го поминат и „консензуалниот цензус“ што повторно го наметна како тема владејачката ДУИ.
Но, за разлика од ДУИ која инсистира засега само личност која би била прифатлива за сите етнички заедници во Македонија, некогашниот претседателски кандидат и основач на Нова демократија, Имер Селмани, деновиве настапи со оценка дека е време за претседател Албанец.
„Да не почнеме од фактот дека тој треба да биде Македонец, да биде прифатен од Албанците. Албанците ги гласаа речиси сите претседатели по ред. За жал, и Иванов го изгласаа Албанците пред пет и пред 10 години, не во голем број, туку во доволен за да стане претседател. Да не зборуваме за Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Киро Глигоров, кои исто беа изгласани од Албанците. Време да се размислува за консензуален кандидат Албанец, кој ќе биде изгласан од македонска страна и сите други етнички заедници кои живеат во Македонија“, изјави Селмани за Алсат.
Причина за тоа се високите прагови кои го прават невозможен изборот на претседател во првиот круг, додека во вториот круг успешноста на изборите е во корелација со ризикот некоја од поголемите партии да го повика на апстиненција своето членство. Поради тоа, пред десетина година беше направена интервенција во Уставот, со која цензусот за одѕивот во вториот круг се намали од 50 на 40 отсто од запишаните гласачи. Референдумот пред неколку месеци покажа дека и ваков цензус може да биде недостижен, со оглед на тоа што, поради бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ, на гласање излегоа едвај околу 37 проценти од регистрираните избирачи.
Професорката од Правниот факултет Гордана Силјановска-Давкова посочува дека не постои друг пример во Европа на изборен систем за претседател со толку висок цензус во вториот круг. Таа вели дека уште кога се менуваше Уставот во делот на претседателските избори, експертите сугерирале дека има потреба или од бришење на цензусот или од негово позначајно намалување, наспроти политичката одлука што беше донесена тогаш – предвидените 50 отсто одѕив да се симнат за десет процентни поени. Сепак, посочува Силјановска, во случај сега да се отвори прашањето за промена на изборниот концепт за претседател, тоа би претставувало политичка инструментализација и манипулација со гласачкото тело.
„Цензус каков што има во Македонија не постои ниту во Франција. Ако се следи францускиот модел за избор на претседател, јасно е дека ако во вториот круг влезат двајца кандидати едниот од нив треба да победи. Но македонско-албанските коалиции на власт, сè досега до смрт го бранеа високиот цензус за избор на претседател“, вели Силјановска.
Таа посочува дека во повеќе европски земји претседателите се избираат на непосредни избори, најчесто без цензус во вториот круг, а има и примери на значително понизок праг од македонскиот. Според Силјаноска, идејата за консензуален кандидат за претседател е нерационална.
„Консензуален претседател е тој кој ќе добие најголема поддршка од граѓаните на Македонија, а не од партиите што се застапени во парламентот. На Македонија не ѝ е потребен консензуален претседател, туку ѝ е неопходна демократија и владеење на правото“, оценува Силјаноска.
Во забелешките на Венециската комисија, Македонија е нотирана како редок пример на држава со толку висок цензус за избор на претседател во вториот круг. И во извештаите на набљудувачките мисии за време на изборите во земјава има препораки за преиспитување на цензусот.
Професорката Силјаноска смета дека нема потреба од промена на изборниот модел, односно шефот на државата да се избира во парламентот, а не на непосредни избори.
„Граѓаните имаат можност непосредно да избираат градоначалник и претседател на државата. Тоа е можност да се гласа за личност, а не само за партија. Ако тоа им се одземе на граѓаните и ако и тој избор го монополизираат партиите во парламентот, тоа ќе значи и повеќе од авторитарност“, вели Силјаноска.
Во повеќе држави во Европа претседателите се избираат на непосредни избори: Франција, Полска, Португалија, Финска, Чешка, Словачка, Австрија, Кипар, Турција… па до Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија, како земји од нашето опкружување. Германија, Италија, Грција, Албанија, Унгарија, Естонија, Летонија, Косово… се примери на држави чии претседатели се избираат во парламентот.
Според нашиот Устав, за претседател во првиот круг е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи. Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. (А.М.М.)