Се бараат нови промени во амандманите


Одредбите на уставот треба да кореспондираат со начелото на еднаквост, а во амандманот 36 со кој се заменува членот 49 ставаме одредба со која се фаворизираат граѓаните според националното потекло, односно се пропишува дека Републиката се грижи и за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство, забележа вчера професорот Темелко Ристевски на втората јавна дебата за нацрт-амандманите во рамките на договорот со Грција. По зборот странство, како алтернативно решение, сугерира Ристевски, треба да се додадат зборовите и за припадниците на албанскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот, бошњачкиот, турскиот и на други народи кои имаат македонско државјанство и живеат во странство.

„Со четвртиот амандман делумно се напушта патернализмот на матичната држава во конкретниот случај Македонија во однос на припадниците на македонскиот народ во соседните земји. Добро е што е направен ваков обид. Правата се заштитени со меѓународни правни акти – со универзалната декларација за човекови права, со меѓународниот пакт за граѓански политички права, меѓународен пакт за економски и социјални права, европска конвенција за човекови права. Ако е обезбедена заштита, нема што ние посебно со Уставот да обезбедуваме заштита“, рече Ристевски на дебатата на Универзитетот ФОН, на која говорници беа премиерот Зоран Заев и ректорот Нано Ружин.

Премиерот Заев по еднонасочната премиерна дебата вчера доби неколку прашања од, како што самите рекоа, загрижени граѓани. Како се чувствувал во моментот кога 80 пратеници гласа „за“, дали кога се разбудил утрото и се погледнал во огледалото видел патриот или нешто друго? Дали со тоа што ќе го смениме името ни се гарантира подобар живот? Дали имаме гаранција за неменливоста на границите од НАТО, САД, ЕУ?, Дали ќе бидеме „Северномакедонци“? – беа дел од прашањата кои беа поставени до премиерот.

„Со договорот јасно е утврдено дека сме Македонци и зборуваме македонски јазик. Добиваме додавка ‘Северна’. Нема друга држава Македонија. Нема да го носиме повеќе срамот на ФИРОМ. Не е лесно, но главното прашање е што сакаме да им оставиме на идните генерации. Држава која и натаму ќе тоне, или држава на која ќе ѝ се отворат патиштата на просперитетот“, рече Заев, кој ја остави отворена вратата за предлогот со уставните измени во личните документи да може да се определи и етничката припадност.

Професорот Нано Ружин нагласи дека македонското прашање е избувлива работа, кое со договорите со Бугарија и Грција влегува ад акта, практично, се затвора. „Тоа се два дела на една целина“, рече Ружин.

Според него, Македонија со текот на времето станала „држава ноунејм“. „Со договорот добиваме вистинско, достоинствено име. Ја надминуваме референцата ФИРОМ која беше институционализирана“, вели Ружин.

Од регионот Македонија, потсети Ружин, Грција има 51,56 отсто од територијата, Македонија 38,2 отсто и Бугарија 10,2 отсто. „Колку и да ни изгледа чудно, во геополитиката, кога имате монопол на простор кој се именува според вашето име, неминовно се наметнува иредентистичката амбиција. Зборувам со зборовите на науката, без оглед колку ние сме помали и немоќни да загрозиме некого“, рече Ружин. Тој предупреди дека доколку не се усвои договорот од двете страни постои опасност одредени сили да иницираат локални напнатости кои би се претвориле во поголеми конфликти. „Нефункционална БиХ, дијалогот меѓу Косово и Србија и сè уште нерешениот спор за името меѓу Грција и Македонија. Тоа се трите проблематични точки во регионот. Со надминувањето на нашиот проблем се наметнува модел на решавање на останатите конфликти“, нагласува Ружин.

На првата јавна расправа за уставните амандмани која завчера се одржа во Владата, професорот Љубомир Фрчкоски предложи три компоненти дополнително да нагласи предлагачот на амандманите: дека не се загрозува граѓанскиот карактер на Уставот, да се нагласат идентитетските одредници, како и дека решенијата се во рамките на уставните стандарди и не се измислени само за нас.

Во врска со предложените амандмани, Фрчкоски даде забелешка во делот на Преамбулата да се вметне Охридскиот договор, но да не биде во истата реченица со историските документи и со Уставот од 1991 година.

Во третиот амандман, според Фрчкоски, треба да стои дека Републиката се грижи за дијаспората, без да се наведуваат припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство или да се наведуваат други заедници.

Професорот Владо Поповски предложи во Преамбулата, во новиот текст веднаш по граѓаните на Република Северна Македонија, да стои македонскиот народ, албанскиот, турскиот, српскиот, ромскиот, бошњачкиот, влашкиот. Според Поповски, прецизирањето македонски народ е потребно затоа што граѓаните на Република Македонија не се национален државен субјект, туку се колективен субјект кој се бори за своја држава.

Поповски рече и дека треба да стои и „граѓани кои се дел од албанскиот, турскиот, влашкиот, бошњачкиот и ромскиот народ, а не како досега „граѓани кои живеат во нејзините граници“. Тоа, како што рече премиерот Заев, бил предлог и на партиите – Алијансата за Албанците и Беса за кој може, како што нагласи, да се разговара. Остануваат уште три јавни расправи за уставните амандмани. По нивното завршување Владата во рок од два дена треба да достави извештај до Собранието и конечна верзија на текстот по што ќе се пристапи кон гласање за што во третата фаза неопходно е двотретинско мнозинство. (Н.К.)