На Сеад Кочан му остануваат сметките, запленета е механизација и имот


Бизнисменот Сеад Кочан, чија фирма „Трансмет“ цела деценија беше една од најуспешните компании и градеше делници, булевари, но и барокни фасади, со обвинението за случајот „Труст“ и пресудата со која беше осуден на шест години затвор ја изгуби моќта, но почнува да го губи и имотот.
Освен затворската казна за Кочан, и потписникот на фирмата „Силекс неметали“, Василие Авировиќ, кој е осуден на три години затвор, судот одлучи да биде конфискуван и имот во вредност од 17 милиони евра од компаниите „Трансмет“ и „Силекс неметали“. Според информациите од Кривичниот суд, засега привремено е замрзнат имот од околу 15 милиони евра.

Според неофицијални информации, засега нема замрзнато личен имот и сметки на Сеад Кочан и обвинетиот Авировиќ. Замрзнати се градежни машини, возила, камиони и слично во износ од близу 7 милиони евра. Освен машините и возилата, ставена е хипотека на недвижни имоти, во вредност од околу 8 милиони евра, меѓу кои и хипотека на земјиштето на кое се наоѓа ТВ „Нова“.

„По барање на надлежен обвинител, со решение на судија на претходна постапка е определена привремена мерка – забрана за отуѓување и располагање со ставање на хипотека на недвижни имоти, меѓу кои ставање хипотека и на земјиштето на кое се наоѓа ТВ ‘Нова’, а во вкупен износ од 8.011.108 евра. Исто така е определена привремена мерка забрана за отуѓување и располагање со подвижен имот, а кој се однесува на машини за механизација, возила, камиони и сл. во износ од 6.924.952,58 евра“, велат од Кривичниот суд.

Барањето за замрзнување на имотот го достави специјалното јавно обвинителство, а како што изјави обвинителот Гаврил Бубевски, досега е привремено обезбеден околу 90 отсто движен и недвижен имот.

„За конфискацијата, можам да му честитам на судот. Ова е прва ваква работа во Република Македонија, се работи за бруто-принцип на конфискација, кој, најверојатно, ја прави најголемата превенција од идни вакви кривични дела. Се работи за современ принцип кој го имаат сите современи правни системи. Досега, според мене, во моето искуство јас немам видено ваква конфискација со бруто-принцип, иако и законот и членовите кои се однесуваат на конфискацијата дозволуваат ваков начин“, изјави обвинителот Бубевски.

Освен ова, фирмите „Трансмет“ и „Силекс неметали“ добија парична казна од два милиона денари и во рок од три години не смеат да учествуваат на тендери. И Кочан и Авировиќ имаат забрана да управуваат, односно да застапуваат правно лице во наредните три години.

Ова е прво решение на судот за конфискација на имот на обвинети во случаите на специјалното јавно обвинителство и со овој случај по правосилноста на пресудата треба да почне и враќањето на проневерените пари во државниот буџет.

Имотот ќе биде конфискуван по правосилноста на пресудата. Судот е тој што утврдува од кој имот, што и како треба да се одземе, а потоа постапува Агенцијата за управување со недвижен имот.

Како што објаснува поранешниот директор на Агенцијата Ванчо Шехтански, по правосилноста на пресудата судот носи решение за одземање на имот, а потоа Агенцијата прави проценка што е одземено, колкава е вредноста и прави записник за тоа.

Право на приговор на проценетиот имот имаат Јавното обвинителство, Државното правобранителство или друга засегната страна. Потоа Агенцијата именува лице кое ќе биде овластено да стопанисува со имотот. Конфискуваниот имот се враќа во сопственост на државата, потоа може да биде продаден по пазарна вредност или да се стави на лицитација.

Фирмата „Трансмет“ е вклучена во изградбата на автопатот Кичево-Охрид, но од Јавното претпријатие за државни патишта не добивме одговор како „Трансмет“ ќе ги исполнува своите обврски со оглед дека на фирмата ѝ се одземени возила и машини за работа.

Според јавните информации, од 2012 година досега компанијата добила 64 милиони евра од државни тендери.  Кочан, Авировиќ и двете фирми се осудени дека со лажна документација учествувале на тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаглен во РЕК „Битола“. Тие го добиле тендерот и проневериле 17 милиони евра.

СЈО не побара притвор за Кочан, а тој даде гаранција од близу еден милион евра дека нема да избега. Во случајот „Труст“ беше обвинет Сафет Ватиќ и неговата фирма „Вато“, но СЈО го повлече обвинението против фирмата, а судот го ослободи Ватиќ.

Фросина Факова – Серафиновиќ