Светската јавност го фали лидерството на Заев и Ципрас


Крај на 27-годишниот спор – тоа е суштината на огромниот број текстови во светските медиуми по објавувањето на договорот меѓу Македонија и Грција. Текстовите се прецизни, без во нив да се нагласува дали договорот е причина за триумф на Атина или пораз на Скопје, или обратно. Во најголемиот дел од текстовите се пренесуваа причините за спорот меѓу двете земји, неговиот историјат и долгогодишните преговори под покровителство на ОН. Уште се нагласува дека поради спорот за името Грција долги години го блокира пристапувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО. Речиси сите текстови се авторски, а не агенциски, што самото по себе зборува за одгласот на договорот во светската јавност.

Лондонски „Гардијан“  пишува: „двете земји по 25 години спор конечно објавија мир“ и „малечката држава во иднина нема да биде позната по својот акроним ПЈРМ, ниту едноставно како Македонија, туку како ‘Република Северна Македонија’ – географска одредница која им става крај на стравовите на Атина за територијални амбиции насочени кон истоимената грчка провинција“. „Гардијан“ објаснува и како можело да дојде до договорот: „Ципрас и Заев, двајцата во нивните рани четириесетти со инстинктивни антинационалистички рефлекси, долго време имаат прогресивен став за спорот, кој не само што им штетеше на билатералните односи, туку го кочеше и членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Зголемените докази за мешањето на Русија на Балканот на спорот му додаде и нови стравови за дестабилизација на регионот“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, беше меѓу првите што го поздрави договорот: „Топло го поздравувам договорот помеѓу премиерот Ципрас и премиерот Заев за решение за спорот за името. Овој историски договор сведочи за многугодишна трпелива дипломатија и волја на двајцата лидери да решат спор кој предолго го засега целиот регион. Сега ги повикувам двете страни да го финализираат договорот постигнат од страна на лидерите. Ова ќе го стави Скопје на патот на членство во НАТО и ќе помогне да се консолидира мирот и стабилноста на целиот Западен Балкан“.

Веднаш се огласи и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. „Овој успех им припаѓа на лидерите на двете земји и нивните екипи, но пред сѐ на граѓаните на двете земји, и на Европа. Сега чекаме Советот да ги потврди заклучоците од извештајот за напредок од 17 април“.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, едноставно објави: „Искрени честитки за премиерите Ципрас и Заев. Држам стиснати палци. Благодарам што невозможното го направивте возможно“.

Во реакциите на светските државници се потенцира лидерството на двајцата премиери. Така, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го поздрави договорот како „демонстрација на лидерство за поширокиот регион и подалеку“ и се надева дека ќе ги инспирира другите вклучени во конфликти да работат кон склучување договори без натамошно одложување. За лидерство зборува и британскиот шеф на дипломатијата Борис Џонсон изјавувајќи: „Фантастична вест е дека премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа договор за прашањето за името. За ова е потребно лидерство и политичка храброст“.

Си-ен-ен текстот за договорот го почнува на невообичаен начин. „Ако планирате да одите во Македонија за да ги видите нејзините прекрасни пејзажи и историските места, можеби ќе биде добро да го проверите нејзиното точно име пред да заминете. Тоа е затоа што балканската земја ќе одржи референдум подоцна годинава за официјална промена на името во ‘Република Северна Македонија’. Овој чекор е дел од планот да се решат долгогодишните тензии на земјата со нејзиниот сосед од југот, Грција“. Американската ТВ-мрежа потоа дава детален приказ како започна спорот по распадот на Југославија и нагласува дека ова не е прв случај една земја да си го промени името, па наведува како во 1989 година Бурма го промени името во Мјанмар, а главниот град од Рангун во Јангон; потоа како во 1997 година Заир стана Демократска Република Конго. Името Заир беше воведено во 1971 година, а претходно државата се викаше Република Конго. Во 2016 година Чешката Република се обиде да направи преименување во Чехија, но тој обид не доби замав.

Би-би-си наведува дека проблемот во спорот е многу посериозен отколку јавно наведуваното образложение за наводното македонско крадење на хеленскиот идентитет на Македонија. Британската телевизија вели дека семето на спорот лежи во балканските војни и распадот на Отоманската империја и поделбата на територијата на Македонија меѓу трите соседи.

И Русија го поддржа договорот

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на заедничката прес-конференција во Москва со грчкиот колега Никос Коѕијас изрази надеж дека договорот за новото име на Македонија ќе биде во интерес на Атина и на Скопје и дека ќе го поддржат граѓаните и на двете држави.

„Секогаш нагласувавме дека се залагаме за изнаоѓање договор за тој проблем, без мешање однадвор, без поставување на одредени вештачки услови. Говоревме дека ќе го поддржиме решението кое ќе биде во интерес на Грција и на Македонија и кое ќе има широка народна поддршка. Се надевам дека договорот кој вчера беше објавен е токму таков“, изјави Лавров.

Вартоломеј повика на прифаќање на црквата во Скопје

Вселенскиот патријарх Вартоломеј, се огласи по повод постигнатиот договор за името меѓу Скопје и Атина, пренесе српската агенција Танјуг.

На литургија по повод чествувањето на празникот на Светите апостоли Вартоломеј и Варнава, вселенскиот патријарх ги повикал сестринските цркви да ја прифатат, како што вели црквата во Скопје, во православното единство цитирајќи дел од посланието на апостолот Павле до Коринтјаните дека кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи, а кога се радува еден орган, се радуваат сите.

„Кога еден од нашите браќа се оквалификува како расколник или еретик, а уште повеќе кога цел еден народ, милиони луѓе, се надвор од нормалната црква врз основа на тој раскол, тогаш е потребен итен и без одложување повик на духовно будење. Апостолска должност на Мајката црква е да бара начини за спас на нашите браќа во Скопје и во Украина. Наша должност и одговорност е секогаш народите да ги вратиме кон вистината и кон канонските рамки на црквата. Бидејќи нашата Вселенска патријаршија се грижи за целиот свет и за сите народи и луѓе, без исклучок“, рекол Вартоломеј.

Светиот синод на Вселенската патријаршија на 29 мај годинава соопшти дека во рамки на нејзините надлежности и прерогативи, ќе биде разгледано и ќе се преземе тоа што е потребно за враќање на „црквата на Скопје“ во канонски рамки под името Охридска архиепископија.

 (H.B.)