Референдумот успеа, цензусот не


Со поделени оценки околу успешноста финишираше вчерашниот референдумски ден во Македонија. Премиерот Зоран Заев го претстави како успешно гласањето во кое учествуваа близу 35 проценти од запишаните гласачи од кои огромно мнозинство, над 90 проценти заокружија „за“ на прашањето „Дали сте за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ со прифаќање на договорот од Преспа“.
-Имаме успех за демократијата и за европска Македонија. Успехот е заеднички, на нашата земја, на сите граѓани. Без разлика на организираниот бојкот од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, секако, со чест на исклучоци, очекувам дека огромно мнозинство од граѓаните кои гласаа го избрале европскиот пат за Македонија“, рече Заев на прес-конференција набрзо по затворањето на гласачките кутии.
Наспроти тоа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во текот на попладнето се погрижи да ги извести своите поддржувачи дека нема да излезе на гласање, заклучи дека рефендумот е „длабоко неуспешен“.
-Македонија соопшти дека договорот не поминува. Имаме длабоко неуспешен референдум. Политиката на владата и на Зоран Заев доживеа дебакл, а Македонија вистински победи. Бројката на граѓани кои не дадоа поддршка на овој срамен договор, односно на граѓани кои апстинираа од гласање или пак гласаа „против“ договорот е драстично поголем од оние граѓани кои гласаа за договорот, рече Мицкоски.
Освен што не ја обезбеди посакуваната мобилизација на гласачкото тело, референдумот ги исцрта и поделбите во опозициската партија. Дел поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на гласачките места, и покрај отворениот повик за бојкот што претседателот Ѓорге Иванов го испрати од САД и прикриените политики во таа насока на потесното партиско раководство. Но, за разлика од оценките на Мицкоски дека скромниот одѕив на референдумот ги делегитимира политиките на Заев, првите оценки што пристигнаа од меѓународната заедница се позитивни во однос на исходот од референдумот. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан оцени дека е обезбедена „широка поддршка за Преспанскиот договор и за евроатлантската иднина на државата“.
Сепак, и покрај оценката на Заев дека референдумот ја постигнал целта и забелешките на Мицкоски дека се делегитимирани политиките на актуелната влада, синоќа по затворањето на гласачките кутии отсуствуваше славеничка атмосфера и во двата табори – во хотелот „Александар Палас“, каде што беше лоциран штабот на кампањата „Излези ЗА“ и во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Единствено, неколку стотици граѓани од движењето „Бојкотирам“ прославуваа пред Собранието на Македонија.

Заев соопшти дека процесот на спроведување на договорот од Грција се сели во законодавниот дом. Сепак, недоволно високиот одѕив, и покрај јасно изразената волја „за“ ги ослабуваат позициите на владејачкото мнозинство пред почетокот на процедурите за донесување на уставните измени што произлегуваат од Преспанскиот договор. Поради тоа, премиерот ја остави отворена опцијата за брзи предвремени избори, доколу не се постигне потребното двотретинско мнозинство за уставни избори.
-Сега, гласот на граѓаните, волјата на оние кои гласаа на овој консултативен референдум, треба да се претвори во политичка активност во законодавниот дом. Гласот на пратениците во Собранието треба да биде глас за одлучно и одговорно да ги забрзаме процесите за конечно членство во НАТО и во ЕУ и за подобар живот на нашите деца и на сите граѓани на Македонија. Очекувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат демократската одлука на мнозинството граѓани кои гласале. Во спротивно, нема друго, ќе треба да ја употребиме другата демократска алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори – веднаш“, порача Заев.
Но, првичните ставови на Мицкоски не навестуваат политичка волја кај опозицијата да се вклучи во процесот на уставни измени. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека неговата партија ќе ја следи желбата на народот, кој, според него, кажал „не“ за манипулациите на власта со вистинските вредности на ЕУ и на НАТО.
-Волјата и апсирациите за членство во ЕУ и НАТО се наши стратешки приоритети, тие се тука и постојат, но сите треба да го почитуваме фактот дека народот има свои перцепции и приоритети што им се посебно важни како што е името на оваа држава и нивниот идентитет, пренесен од колено на колено, од дедо на внук.
Референдумот беше распишан како консултативен, што остава простор за политичка релативизација на фактот дека не е обезбеден одѕив од над 50 проценти, како еден од условите што мора да се исполнат во случај на задолжително референдумско изјаснување. Во тој дух е и реакцијата на грчкото МНР, од каде што, меѓу другото, посочуваат дека „резултатот од референдумот во ПЈРМ, кој е советодавен, а не дел од обврзувачките услови од Преспанскиот договор, е контрадикторен.
-Тој покажува голема надмоќ на одговорот „за“, но без соодветно учество. Голем дел од општеството на соседната земја го поддржа договорот. Сепак, значителен дел од него изрази скептицизам. Грција ги почитува изборите на граѓаните на ПЈРМ, се наведува во соопштението од грчкото МНР.
Првичните најави беа дека процесот на уставни измени по референдумот би финиширал до крајот на декември, за потоа во јануари или во февруари договорот од Преспа да биде ратификуван во парламентот во Атина, пред европските избори во мај. Евентуалните вонредни избори во земјава, како опција што Заев ја отвори синоќа, пак, би го забавиле тој процес и би создале неизвесност околу понатамошното спроведување на договорот, меѓудругото, и со оглед на тоа што се потребни барем 40 дена за спроведување предвремени избори.

Александра М. Митевска