Ректорот Јанкуловски за „Независен весник“: УКИМ е подготвен за нови дострели


Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има кадровски потенцијали за да го добие заслуженото место меѓу 500. универзитети на Шангајската листа. Меѓутоа, за да се објави труд во реномирано научно списание во светот, се потребни средства. Државата треба да издвојува повеќе пари за наука, а Универзитетот има кадровски потенцијал за научно-истражувачка работа. Како установа се залагаме за бесплатно високо образование доколку државата ги покрива средствата за партиципација, вели ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски

На 1 октомври започна академската година, до лани почетокот беше од 15 септември. Колку бруцоши се запишаа на УКИМ? За кој факултет кај младите имаше најголем интерес, а каде има запишано мал број на студенти?

-Согласно конкурсот, беше предвидено запишување нови студенти на 186 студиски програми од вкупно 193 акредитирани студиски програми на УКИМ. Според воспоставената практика и со оглед на видот, карактерот и спецификите, на одделни студиски програми, не се предвидува прием на нови студенти секоја учебна година. Од Универзитетот беше предложено мирување на 7 студиски програми (5 студиски програми на Факултетот за драмски уметности, една студиска програма на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и студиите по инженерство на животна средина и ресурси).

На сите факултети на Универзитетот беа пријавени околу 6.500 кандидати. Бројот на пријавени кандидати и оваа година сведочи за големиот интерес за студирање на нашата високообразовна институција. Инаку, најголем интерес, идните студенти пројавија за студиските програми на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, со пријавени 919 кандидати, Медицинскиот факултет, каде се пријавија 845 кандидати, Економскиот факултет – 569 кандидат, Филозофскиот – 523, Правниот факултет „Јустинијан Први“ – 373 и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се пријавија 340 кандидати.

Дел од факултетите со години кубурат со наставен кадар. Со новиот Закон за високо образование се предвидува можност универзитетот да ангажира асистенти, право кое беше замрзнато. Колку барања за нови вработувања испративте до Министерството за образование и наука?

-Барани се 38 асистентски места, а добиени 13. Барани се 9 наставници, а добиени се 10 места.

И годинава ниту еден универзитет од земјава не се најде во топ 100. најдобри на Шангајската листа. Што треба да направи државата и установите да се подобри оваа слика?

-Универзитетот има кадровски потенцијали за да го добие заслуженото место меѓу 500. универзитети на Шангајската листа. Но материјалната положба на универзитетите во Македонија не е на завидно ниво. За да се објави труд во реномирано научно списание во светот, се потребни средства. Професорите сами плаќаат за оваа активност така што објавата во едно од тие списанија чини колку една професорска плата. Понатаму, не се алоцирани средства за учество на меѓународни конгреси, конференции и слично, што исто така придонесува за искачување на меѓународните ранг-листи.

Од друга страна, постојат и субјективни причини. Од една страна УКИМ има научен потенцијал кој е добро научно поткован, покриени сме со учебници и друга литература во издание на Универзитетот, односно единиците. Се работи целокупното творештво, меѓународното учество во настани од научен карактер, меѓународната соработка и сл., да биде истакнато на веб-страниците на Универзитетот и на единиците. Како прилог на тоа, изготвени се и се финализираат: Ризницата на трудови, Каталогот на услуги на УКИМ, Издаваштвотото, е-библиотеката и сл. од каде што целокупната меѓународна јавност може да ги види сите активности на УКИМ, што е од големо значење за неговата препознатливост, а со тоа и за искачувањето на Шангајската листа. Србија и Словенија, на пример, немаат нобеловци, но со одвојување на доволни средства за оваа намена се искачија меѓу првите 500 универзитети на Шангајската листа. Сметам дека високото образование треба да се третира како развојна дејност, како што во некои земји постои едно министерство за развој, наука и високо образование.

 Дали пратениците дадоа согласност на Статутот на УКИМ, за кој меѓу професорите имаше спротивставени ставови? Дали беше донесен набрзина без консултација на сите проректори? Сметате ли дека е направен по мера на цела академска заедница? Одбиен беше предлогот факултетите сами да одлучуваат за проектите и финансиите. Зошто?

-Собранието дава согласност на статутот како нивно изворно право. Статутот беше даден на јавна расправа на целата академска заедница на УКИМ и беше прифатен од органите на Универзитетот, и од Ректорската управа и од Сенатот, со сите гласови „за“ и со еден глас воздржан. Инаку проректорите не се органи на Универзитетот, како што кажав органи на Универзитетот се ректор, Ректорска управа и Сенат. Проректорите рамноправно учествуваа во јавната расправа и тоа како членови на наставно-научните совети на нивните единици и како членови на Ректорската управа. За сите предложени амандмани се гласаше, така и за амандманите на проректорите. Забелешките на Статутот што се дадени во оваа фаза, не се од пратениците туку од МОН. Ваквото постапување значи директно мешање на извршната власт во автономијата на универзитетите, бидејќи забелешките според Законот за високото образование треба да ги даде Собранието како основач. Од друга страна, пак, преку забелешките извршната власт сака да му наметне на Универзитетот одредени решенија, кои законодавецот со донесување на Законот за високото образование оставил да се решат со статутите на универзитетите како нивно автономно право.

Со години се зборува дека науката не е доволно платена. За колку сметате треба да се зголеми буџетот за научно–истражувачката дејност и колку домашните наставници се занимаваат со вистинска наука?

-Додека процентот за наука изнесува 0,11% од БДП, состојбите ќе бидат какви што се. Словенија одвојува 2,2% од бруто националниот приход. Значи треба да се стартува со многу поголеми издвојувања за наука. Инаку УКИМ има кадровски потенцијал за научноистражувачка работа. Сведоштва за тоа се учеството на нашите професори во многу меѓународни истражувачки проекти. Правиме сè што е во наша моќ да излеземе во пресрет на истражувачките капацитети на нашиот наставно-научен кадар. Така, секоја година Универзитетот финансиски поддржува по повеќе од сто научници кои објавуваат свои научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание а од оваа година Универзитетот ќе воведе и дополнително финансирање за пристап на вработениот академски кадар на УКИМ до бази на податоци кои ќе ги олеснат и унапредат научноистражувачките активности. Останатото ќе треба да го направи Владата, односно Министерството за образование и наука, ставајќи се поголем фокус на науката која долги години е на маргините.

Студентите бараат беспатно високо образование од државата. Има ли услови за тоа во овој момент?

-Ние се залагаме за бесплатно студирање доколку средствата за партиципација 200 евра и школарина од 400 евра ги обезбедува државата или се изнајде друг модел на финансирање од страна на државата што ќе ги покрие потребните трошоци на Универзитетот за плаќање дејноста на единиците, како и за материјалните, комунални и сл. трошоци. Овие трошоци до сега се плаќаат од страна на Универзитетот, односно единиците од средствата наречени партиципација и школарина. Овие средства што ги уплаќаат студентите се симболични и не се доволни за покривање на дејноста. Со новиот Закон за високото образование средствата за комунални трошоци треба да ги покрива државата, но останува проблемот за финансирање на дејноста, односно изнаоѓање соодветен модел кој ќе биде на обострано задоволство на студентите и на Универзитетот и кој ќе придонесе за подигнување на квалитетот во високото образование и науката, како неразделива целина.

Инаку, во изминатиов период, исто така, сме прилично концентрирани за прашањето за стипендирање на поголем број студенти на УКИМ од досегашниот. Но за тоа ќе зборуваме во друг момент кога ќе бидат сите работи за тоа прашање целосно финализирани и дефинирани.

Која е поврзаноста на УКИМ со општествената заедница?

-Тука би ги споменал Академијата за обуки и бизнис-акцелераторот. УКИМ како сериозна високообразовна установа покрај извршувањето на трите дејности, високообразовната, научноистражувачката и апликативната дејност, заедно со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, формираше Академија за обуки која првенствено е наменета за обука, односно дообразовање и освежување на знаењата на вработените во јавниот сектор, а исто така сме подготвени да понудиме обуки и за вработените во реалниот сектор. Во реализација на обуките ќе учествуваат еминентни универзитетски професори од двата универзитета и таа ќе се извршува во Скопје и местата каде има потреба од такви обуки. Сакам да истакнам за јавниот сектор со 130.000 вработени овој вид обуки се задолжителни со што Академијата директно ќе помага во реализација на законски задолжителните обуки.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со својот диверзитет на научни области кои ги покриваат факултетите и институтите на Универзитетот, огромниот потенцијал на човечки ресурси во сите научни подрачја, големиот број лаборатории, како и материјални ресурси со кои располага несомнено е дека ги задоволува сите предуслови за координација и учество во акцелератор, во кој ставајќи ги во функција своите капацитети ќе може најефикасно да придонесе за развој на стартапи, забрзување на нивниот раст и развој и со помош на останатите содружници нивно меѓународно вмрежување и партиципација на глобалниот пазар.

Државата мора да ја зголеми платата во високото образование

Независниот академски синдикат побара да се зголеми буџетот наменет за платите на вработените во високо образовните научни установи. Треба ли да има ублажување на фрапантните разлики во платите меѓу професорите?

-Независниот академски синдикат не е репрезентативен синдикат како што бара Законот за работните односи. Но кај мене постои разочарување од неодамнешните изјави за зголемување на платите во основното и средното образование, а во високото само кај наставниците во здравството. Ова е целосно потценувачки за наставниците во високото образование. Државата треба најитно да ја зголеми основната плата на наставниците во високото образование. Инаку, разликите во платите се резултат на затекнати состојби во високото образование од времето на замрзнувањето на масите за плати од страна на државата во 1990-тите години, а од друга страна разликите се јавуваат согласно со оптовареноста на наставниците, на пр. не е исто да работите со мал број или со поголем број на студенти.

Она што би требало да се случи во наредниот период и што се мои реални очекувања, барем според она како е утврдено во новиот ЗВО, е да се коригираат ваквите состојби во финансирање на високообразовните активности – платите на професорите и покривање на материјалните трошоци за одржување на капацитетите на универзитетот и негов развој во смисла на обезбедување на средства за плати, истражувања и покривање на реалните трошоци за студирање зависно од научното подрачје и комплексноста на студирањето во различните научни подрачја. Очекувам дека ова позитивно ќе се реши со формирањето на Националниот совет за високо образование, кој треба да изнајде механизми за финансирање на високото образование.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер