Премиерот Заев на клучна средба со Села, „Алијансата за Албанците“ или ДПА во власта?


 

Клучната недела за доформирање на владиниот кабинет на Зоран Заев, кога премиерот ќе оствари важни средби со партиите што се заинтересирани да бидат дел од власта, го затекна албанскиот политички кампус расцепен и во постојана меѓусебна конфронтација. Албанските партии по изборите ја заборавија заедничката декларација во која стои дека секоја точка од неа е интерес на граѓаните и на Албанците во Македонија и дека ќе биде спроведена. Во овој контекст се и последните остри критики на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кон ДУИ и кон премиерот Зоран Заев. Таравари на социјалните мрежи напиша дека премиерот Заев ги гледа Албанците само како бројка и смета на нив само кога има потреба, со што само ја продолжува антиалбанската политика на Груевски. ДУИ, според Таравари, е нереформирана и претставува мост што го поврзува СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ.

„Кој е удобен во Владата? ДУИ. Веќе неколку години не ја напушта и е цврсто седната на фотелјите што некогаш ги заслужуваше, а често ги узурпираше. ДУИ ни малку не е удобна покрај себе да има партија која ќе ја мониторира нејзината работа во Владата. Таа не е научена да има рамноправни Албанци во Владата кои ќе работат чесно, поради што ја бара старата формула, додека Заев по сѐ изгледа ѝ дава сигнали дека под превезот на политичко-емоционална реформа ја бара старата политика.
Заев, пак, по потреба зборува албански, како што правеше Груевски.
Тој вели дека Албанците треба да бидат дел од државата, како што правеше Груевски. Тој преку Македонците решаваше за Албанците, како што правеше и Груевски. Тој ја држи ДУИ нереформирана како партнер во Владата, како што правеше и Груевски. Каде се реформите во ДУИ?
Груевски ја остави ДУИ недопрена. Како е можно ДУИ, која беше партнер на Груевски во неговиот режим, да биде толку невина?“, напиша градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

Дел од албанските политички аналитичари се чудат како е можно албанските партии така лесно да заборават на потпишаните меѓусебни договори, како што беше заедничката декларација, и толку да му дадат важност на тоа кој ресор на која партија ќе ѝ припадне. Главниот уредник на весникот „Лајм“, Исен Салиу, за „Независен“ изјави дека е непростлив фактот дека албанските партии толку лесно се занесоа во поделбата на владиниот колач што во заборав ги однесоа меѓусебно потпишаните договори.

„Партијата и политиката претставуваат интерес, и не е невообичаено ако има внатрепартиски недоразбирања и несогласувања меѓу албанските политички партии или меѓу различни групи од интерес. Но да се остават во сенка граѓанските интереси, како и потпишаните договори кои се во интерес на граѓаните од кои ги добија гласовите, заради партиски и интереси на клановите, е нешто што никако не може да се оправда. Ако се земат предвид резултатите на последните локални избори, мислам дека судирот меѓу Села и Мемеди не е веќе само внатрекоалициски судир, бидејќи гласачите покажаа која политичка партија ја сфаќаат како ‘Алијанса за Албанците’“, оцени Салиу.
Со сличен став и аналитичарот Артан Дика. Според него, ДУИ најмногу се плаши од можната соработка и формирање на коалиција меѓу „Алијансата за Албанците“ и Движењето Беса, бидејќи на тој начин многу веројатно ќе го изгуби најсветото нешто за нив, а тоа е власта. „Заедничката декларација“, пак, според Дика беше само манипулативна игра на ДУИ од губитник да се воздигне во победник меѓу албанските партии.

„За министерските места партиите се договорени со месеци порано кога се формираше владата, но повторното отворање на ова прашање преставува типично српска дипломатија. Освен ова, контрадикторен е ставот од ДУИ дека не се подготвени да изгласаат кандидат за министер од „Алијансата за Албанците“, но од друга страна подготвени се да го гласаат кандидатот на СДСМ за министерското место, иако токму тие ја обвинуваа Беса дека не гласала за албанскиот кандидат Талат Џафери за прв човек на законодавниот дом.

Што се однесува до албанската декларација, на крајот произлегува тоа што се претпоставуваше уште од почетокот – дека беше манипулативна игра на ДУИ за да ги зацврсти нејзините позиции. Јас, исто така, не гледам разлика меѓу старите и новите кадри на ДУИ. Тие може се разликуваат во годините или во физичкиот изглед, но имаат исти цели и решенија. На крајот, тие се само индивидуални корисници на привилегиите на власта и на одлуките на партијата, а главната одговорност за штетата што ја предизвикаа го носи печатот на претседателот на ДУИ.
Веќе е сфатено тоа за што предупредивме пред две години, дека Весел Мемеди е петтата колона во партиите што не се дел од ДУИ. Тој е заробен од структурите на моќ и не може поинаку да се движи. Мислам дека целиот овој неред е резултат на загриженоста на ДУИ за можната соработка на „Алијансата“ со Беса. ДУИ се чувствува загрозена околу својата најсвета работа, а тоа е да остане на власт. Во случај таа соработка меѓу „Алијансата“ и Беса да се реализира, сите бројки говорат дека ДУИ, доколку има избори, ќе биде губитник. Затоа ДУИ е во состојба на да направи сѐ само за да се задржи на власт. Доказ беше заедничкиот кандидат со СДСМ на локалните избори бидејќи знаеше дека само нејзините гласови не беа доволни“, изјави Артан Дика.

Што се однесува до евентуалното враќање на старата гарда и на Муса Џафери, како што се шпекулира во албанските кругови, Салиу смета дека тоа нема да смени ништо во ДУИ, ниту во позитивна ниту во негативна смисла, имајќи предвид дека оваа партија во последните два изборни циклуси не се соочуваше со кадровски проблеми, туку има проблем со падот на довербата кон неа на албанските гласачи.
„Ако се спомене Муса Џафери, морам да кажам дека тој е многу поискрен и помалку штетен од еден хроничен измамник како Бујар Османи“, дециден е Дика.

Денес премиерот Заев ќе има клучна средба со лидерот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села. Заев на Села во замена за ресорот здравство ќе му понуди сосема нова позиција во владиниот кабинет, а тоа е вицепремиерското место за реформи. Не се исклучува ниту можноста премиерот на средба да го покани и Мендух Тачи за да разговараат за условите тој да се приклучи во владиниот состав.

Блерим Исмаили