Преку грбот на Македонија, Вучиќ се пресметува со ЕУ


Развојот на настаните околу договорот со Грција и изборите во БиХ го охрабрија претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да каже дека регионот има потреба од посилна ЕУ.

„Потребно ни е нешто опипливо, не само поддршка, туку потребно ни е исполнување на ветувањата од Европа“, рече вчера Вучиќ на отворањето на Белградскиот безбедносен форум.

Премиерот Зоран Заев, иако беше најавен како говорник на денешниот последен панел од форумот, заедно со српската премиерка Ана Брнабиќ, сепак, тој во последен момент го откажа присуството поради актуелната политичка состојба во државата, односно важноста на постапката за почнување на уставните промени во Собранието.

Вучиќ, како што самиот вели, жали што договорот кој, според него, бил добар и за двете земји, не поминал во Македонија и истовремено нагласува дека на народот тој не му се допаднал.

„Место тоа да се признае, се играме со разни математички формули, се лажеме самите – мнозинството од ова, мнозинството од она. А, една од причините е дека тоа што му беше понудено на обичниот народ не му беше привлечно, како што мислеа во Европа. И, да, тоа е точно, ветувањата од Европа на народот не му беа привлечни“, оцени Вучиќ во отсуство на Заев, кој во насока на исклучително тешките напори за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието вчера порача дека историјата ги памети правилните одлуки.

Впечаток е дека Вучиќ ја користи ситуацијата за преку грбот на Македонија да се пресмета со меѓународната заедница, наспроти неговите претходни изјави дека не сака да се меша во внатрешните работи на суверени земји. Исходот од референдумот Вучиќ го прокоментира од Москва по средбата со Путин, која целосно се поклопи со плебисцитарното изјаснување во земјава. Се плашел и му се чинело, како што тогаш самиот рече, дека некои луѓе од светот ги потценувале малите народи. Сублимираната порака од провладините српски медиуми беше дека неговите зборови многумина ќе заболат.

„Мислат, ако можеме со добро со народот, ако не, тогаш ќе се обидеме со притисок врз пратениците. Ако не може ни така, не е важно, тоа мора да биде така“, ќе рече Вучиќ, кој кратко потоа еуфорично ќе порача дека нема да моли за европска иднина и дека на крај памет не би му паднало да постави референдумско прашање како во Македонија.

„Србија нема аспирации да се зачлени во НАТО, но затоа на Македонија и е ветено зачленувањето во Алијансата, како и во ЕУ. Ги слушаме приказните веќе 15 години и ништо се нема сменето во овој период во регионот. Ни треба нешто опипливо. Ни треба нешто што луѓето во Македонија ќе можат да го видат и да го почувствуваат. Мислам дека тука, во понудата, нешто недостигаше“, оцени вчера Вучиќ.

Пораките од меѓународната заедница, пак, во однос на спорот со Грција беа јасни – дека решението не е само што е важно за стабилноста, развојот и просперитетот на Македонија, туку и за регионот. И дека на договорот треба да се гледа во поширок контекст, односно и како пример за добрососедски односи и за решавање на проблемот меѓу Белград и Приштина.

Заев и Вучиќ последен пат се сретнаа еден месец пред референдумот на граничниот премин Прешево, кога го најавија воспоставувањето на интегриран граничен премин. На заедничката прес-конференција Заев го коментираше решавањето на проблемот за Косово и истакна дека тоа мора да биде такво за да се унапреди животот меѓу Србите и Албанците и да донесе мир. Вучиќ, кој лани во март по средбата со Путин, исто така во Москва, рече дека добил впечаток дека Русија не поддржува влада формирана од Заев, наспроти гласните повици од меѓународната заедница, тогаш излезе со став дека немам право никого да повикувам да излезе или да не излезе на референдумот.

Кај експертската јавност провејува ставот дека балканската равенка не може да се постави правилно, без да се вкалкулира интересот на Москва. Аналитичарот Игор Бандовиќ од белградскиот тинк-тенк „регионална академија за демократија“ во анализата за договорот од Преспа посветува дел за односите меѓу Македонија и Србија, кои по промената на власта во Скопје, како што оценува, станале поприлично тензични. „Претходната власт во Македонија уживаше силна поддршка од тогашниот српски премиер Александар Вучиќ. Кога скандалот со прислушуваните разговори прерасна во сериозна политичка криза, со секојдневни протести, провладините медиуми почнаа организирана кампања против промена на власта. Србија беше сериозно вклучена во политичката криза, при што Вучиќ го фалеше Груевски и неговата влада за отпорот кон надворешните влијанија“, потсетува Бандовиќ.

Наум Котевски

 

 

Белен: БЈРМ ме нервираше

Австрискиот претседател Александар ван дер Белен на Белградскиот безбедносен форум порача дека регионот на Западен Балкан ќе биде приоритет на австриското претседавање со ЕУ, како и дека покрај проблемите во рамки на ЕУ и долготрајниот замор од проширувањето, тој гледа ентузијазам во овој поглед.

„Потребно е земјите од Западниот Балкан, и Србија и Македонија, да се вклучат во промените што се случуваат во Унијата и пред да станат членки“, потенцираше Белен.

Тој оцени: „Работите во регионот не се одвиваат онака како што мислиме дека можат“, и притоа го спомена прашањето за името на Македонија.

„Во разговори со грчките амбасадори мене една работа секогаш ме нервираше, а тоа е името на Македонија, она славно ФИРОМ, односно БЈРМ. Мене воопшто не ми е јасно за што станува збор тука и што е проблемот. Но, од друга страна, работите бараат време“, изјави австрискиот претседател наведувајќи го проблемот со Јужен Тирол, за кој требаше 80 години да се реши овој проблем.