Попова Шапка и годинава ги разочара туристите


Попова Шапка – Неуспешниот и задоцнетиот старт на скијачката сезона на Попова Шапка и оваа година ги разочара скијачите и спортските работници. Додека другите ски-центри во Македонија започнаа со работа уште минатиот месец, Попова Шапка ја отвори сезоната на 6 јануари со многу пропусти и недостатоци. Ски-лифтовите постојано беа во дефект, а скијачите мораа да се качуваат пеш на патеките. За жал, ваквата состојба продолжи. Скијачите кои деновиве ги затекнавме во центарот велат дека при мал ветер Попова Шапка целосно се парализира.

„Купуваме ски-билети, ама не знаеме дали ќе ги искористиме. Еве, денеска имаше ветер и работеше само ски-лифтот на патеката ‘Поток’, другите престанаа да работат. На ‘Поток’ се создадоа големи метежи и одлучив да се откажам, ќе одам дома. Бадијала го купив билетот. Мора да се вложи во центарот, да се донесат нови ски-лифтови, кои ќе бидат поотпорни на временските услови, сепак, ова е планина, не можеме да зависиме само од доброто време. Не можеме само да чекаме да наврне снег и да има сонце, па потоа да скијаме, затоа мора да има инсталација за вештачки снег и добри ски-лифтови, во спротивно Попова Шапка и натаму ќе пропаѓа“, рече еден скијач од Скопје.

Од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ сметаат дека центарот треба да се одземе од рацете на „ЕЛЕМ турс“, јавно претпријатие кое според досегашното искуство покажа дека не знае или не сака да ја развива Попова Шапка. Велат дека со скијачкиот центар треба да управува приватен концесионер. Поради лошата состојба, тие месецов го блокираа патот Тетово-Попова Шапка од каде што упатија неколку барања до раководството на центарот.

„Освен одземање на Попова Шапка од ‘ЕЛЕМ турс’, бараме што поскоро да се изработи урбанистички план за центарот и тој да се развива според планот, а не како досега на диво. Мора да се започне со инвестиции, а тоа може да биде успешно само ако центарот се даде на приватен концесионер. Но, најпрвин за Попова Шапка да се обезбедат основни инфраструктурни услови, а најприоритетно е обезбедување на паркинг, за да не мора туристите кога доаѓаат во центарот да ги паркираат своите автомобили на патот Тетово-Попова Шапка и потоа пеш да одат до центарот и по неколку километри“, рече Хамди Сулејмани од иницијативата да ја спасиме Попова Шапка.

Од раководството на скијачкиот центар Попова Шапка уверуваат дека годинава ќе имаат успешна скијачка сезона. Велат дека на отворањето на сезоната имало премногу скијачи, па поради оптовареност ски-лифтовите на моменти не работеле. Сега откако е пуштен во употреба двоседот „Свети Илија“ состојбата се стабилизира. Како новитет за годинава од раководството го наведуваат електронскиот систем на наплата, со кој според нив ќе се запрела злоупотребата со ски-билетите.

Шестоседот на Попова Шапка, кој се гради веќе неколку години, и годинава не е пуштен во употреба. Оваа жичница требаше да го растовари центарот од големите метежи. Шестоседот и од претходната и од оваа власт беше најавувано дека целосно ќе се изгради, но ветувањата останаа празни. Претходната власт во два наврата ја погреши локацијата за градење и без да го провери теренот започна да ја гради жичницата на главните извори од тетовскиот водовод, па мораше да ја менува локацијата. На оваа власт, пак, некако бавно ѝ оди изградбата. Вети дека пред да започне сезоната шестоседот ќе биде готов, но и ова ветување не се оствари.

Минатата влада уште во 2012 година усвои мастер-план за инвестирање во центарот, кој според најавите требаше да се реализира во три фази. Во првата фаза требаше да се инвестира 30 милиони евра, во шестосед, нови жичници, паркиралишта, хотели, нова патна инфраструктура, вештачки снег. За втората фаза на инвестирање од ова јавно претпријатие ветија уште 30 милиони евра.

Но од ветеното на терен нема ништо, освен шестоседот кој сè уште не е готов.

Оваа влада, пак, најави дека е најдобро Попова Шапка да се издаде под концесија, како што тоа го прават повеќе ски-центри. Властите уште минатата година истакнаа дека ќе објават тендер за избор на консултант за проценка на центарот, односно постапка која води до нејзина продажба. Но од сето тоа засега нема ништо.

И додека од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ сметаат дека најдобро е центарот да се продаде, односно издаде под концесија на приватен инвеститор на подолг период, некои спортски работници сметаат дека со скијачкиот центар треба да стопанисува државата.

„Најдобар центар на Балканот е Копаоник. Со него стопанисува Јавното претпријатие ‘Скијалишта Србија’, и тоа е многу успешно и сите центри во Србија се успешни. Така е и во западноевропските земји, со многу ски-центри стопанисува државата. И не мора да гледаме надвор од нашата држава, видете што се случи со Кожуф, и во Маврово не е розово, а се со приватни инвеститори. Секој инвеститор што ќе дојде тука ќе се соочува со безброј пречки од областа на урбанизам, животна средина, и сите тие ингеренции се на државата, а ваквите пречки брзо би се совладувале“, вели претседателот на скијачкиот клуб „Љуботен“, Жарко Трпковски.

На Попова Шапка во функција се две жичници – „Свети Илија“ и „Церипашина“. Но, поради дотраеноста, тие се пуштаат во употреба кога на центарот има добри временски услови. Работат и четири ски-лифта, кои исто така се стари и дотраени, па ако имаат среќа со времето скијачите ги користат, во спротивно или заминуваат дома или одат пеш до патеките.

Моменталниот капацитет на Попова Шапка изнесува 3.000 скијачи на час. Оваа бројка е разочарувачка, ако се земе предвид природниот скијачки потенцијал на оваа шарска убавица, од која очигледно државата одамна кренала раце.

Сообраќајната инфраструктура е во очајна состојба. Во викенд населбата на Попова Шапка нема доволно улично осветлување, не е решен проблемот со фекалната и атмосферската канализација, депонија има на самиот влез од центарот, а проблемот со кучиња скитници кои ги напаѓаат туристите од година во година се зголемува. Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, секоја година ветува дека проблемите во центарот ќе се решаваат етапно, но на терен состојбата е влошена.

Зоран Димовски