Петковски до Андов: Плетеш приказни во отсуство на Глигоров


Книгата на првиот претседател на македонското Собрание, Стојан Андов, „До атентатот и по него“, во која политичкиот ветеран посредно на еден загадочен начин го вперува прстот во Љубомир Фрчковски и Бранко Црвенковски, како можни организатори на атентатот врз Киро Глигоров, ги оживеа деновиве сеќавањата на старите политички сојузништва, но и непријателства.

Сеќавањата и дијалозите кои ги споделува авторот предизвикаа најпрвин остра реакција кај Љубомир Фрчкоски, кој беше „чепнат“ од Андов и во книгата „Успеси и заговори“, каде што забележува дека според расположливите податоци од тоа време се гледало дека во недозволиви активности во врска со проблемот со името се впуштил министерот за внатрешни работи.

За Фрчкоски тоа е „монструозна конструкција“ и „одмазда кон луѓе од кои е фасциниран“. „На тој меѓник е втиснат сиот гнев, сета беда на овој лик, кон сите други кои би можеле да бидат сведоци за претходната дребност на неговата улога во политиката“, ќе заклучи Фрчкоски.

Либералите кои долги години ги водеше Андов ја напуштија коалицијата со СДСМ на почетокот на 1996 година (додека премиер беше Црвенковски) само неколку месеци по атентатот на Глигоров на 3 октомври 1995 година. Тогаш практично се растура „Сојузот на Македонија“ во кој партиципираа СДСМ, ЛП и СПМ. Тогаш Тито Петковски го замени Андов на функцијата претседател на македонското Собрание.

Во меѓувреме, имаше еден позначаен, но неуспешен обид за затоплување на односите меѓу либералите и социјалдемократите – пред претседателските избори во 1999 година, кога дел од раководството на социјалдемократите го планираа Андов за претседателски кандидат на опозицијата, за на крајот таа номинација да му припадне на Петковски.

Во делот од книгата каде што Андов открива дека од разговорите со Глигоров дознал дека тогашните политички првенци сакале предвреме да го пензионираат е споменат и Петковски. Глигоров, како што наведува Андов, му кажува дека во вилата му дошле Црвенковски, Петковски, Ханџиски, Фрчкоски и Јане Миљоски.

„Тие мои гости зборуваа мирно како да се договараа со мене да одиме на плажа, а всушност побараа од мене да си дадам оставка. Не ги разбирам овие луѓе Стојане, ако нè тргнат нас двајцата и останат сами на власта, сосема е јасно како ќе владеат…“, пишува Андов.

Ваквите наводи Петковски ги отфрла како невистина и ги прогласува за ментална гимнастика и озборување.

„Одговорно тврдам дека кај претседателот Глигоров никогаш не сум бил во таков состав. Лесно му е на Андов да говори и да прераскажува некакви приказни за важни страници од историјата кога Глигоров веќе не е меѓу живите. Тоа е најблаго речено крајно неодговорно и нечесно од човек кој долго време бил на високи функции. Се поставува прашањето зошто ова тој не го кажа додека Глигоров беше жив“, вели Петковски.

Тој го квалификува Андов како наметлив ексцентрик кој сакал по секоја цена да биде новиот Глигоров. „Но тоа беше невозможно бидејќи станува збор за два дијаметрално различни политички профили, неспоредливи во однос на политичките квалитети и моралната димензија. Глигоров е персонификација на новата македонска држава, неподелен авторитет. Кај Андов, пак, имаше неостварена желба да биде тоа“, вели Петковски, кој му порачува на Андов да ги погледне мемоарите на Глигоров, во кои, како што вели, првиот претседател дава свој автентичен поглед на настаните.

Еден од оние што се споменува како присутен на средбата кај Андов веднаш по атентатот на Глигоров, а на која не дошол Фрчкоски, што било огромно изненадување за првиот собраниски спикер, е и тогашниот министер за правда Владо Поповски. Тој вчера не сакаше да ги коментира наводите на Андов. „Слушнав нешто за книгата, но не можам да коментирам без да видам што точно пишува во неа“, ни изјави кратко Поповски.

Во книгата, која ја разбранува политичката јавност, Андов се потсетува и на прославата на новата 1995 година, кога, според него, Глигоров посакал да слави заедно со него во одморалиштето на „Гранит“ каде што тој бил претходно поканет.

„Имајќи го предвид искуството од 24 ноември претходната година, на онаа средба во Скопската пивара кога луѓето од раководството на СДСМ намерно ме тргнаа мене да не бидам во истата просторија каде што е и Глигоров, а тоа, како што се виде подоцна, било со задна намера (ако можат да го посрамотат Глигоров и да го повредат неговиот неприкосновен углед кај граѓаните), ме поттикна да мислам дека Киро намерно сака со мене заедно да ја дочека Нова година за да им покаже на оние што сакаа да го изолираат дека добро се чувствува кога заедно со мене го слави празникот“, пишува Андов. Таа вечер, како што му признал самиот, Глигоров доживеал голема непријатност.

„Да ти кажам отворено, во еден момент таа вечер добив смртна закана. Додека ние игравме, кога светлото се угасна означувајќи го доаѓањето на Нова година, штом се запали светлото, јас тргнав кон мојата маса. Таму забележав едно ливче, кое го предизвика моето внимание. Го зедов, го отворив и многу непријатно се изненадив. Ливчето беше со смртна закана за мене. Му го дадов ливчето на моето лично обезбедување. Им побарав да ми кажат дали забележале некого да дојде до масата, а чие однесување можело да биде сомнително. Реков сè што ќе направат сега да направат многу внимателно, така што никој во салата да не забележи и да не дојде до вознемирување на луѓето“, наводно му рекол Глигоров на Андов.

Првиот македонски претседател подоцна во неколку наврати изјавуваше дека добивал закани непосредно пред атентатот, но никогаш не откри дали навистина знаел кој му се заканувал и кој стои зад атентатот. (Н.К.)