Ќе остане ли повторно енигма бројот на Албанците?


Горливата тема за пописот во Македонија повторно се актуелизира откако деновиве Државниот завод за статистика и странски експерти излегоа со предлози како тој се спроведе во 2020/2021 година, согласно препораките на Обединетите нации. Она што предизвика најголем интерес е предлогот на Државниот завод за статистика да се исклучат прашањата во пописниот материјал за етничката и верска припадност кои беа главна пречка што пописот во 20011 година доживеа фијаско. Тоа што треба да претставува статистичка операција за целосна слика на населението, велат познавачите, кај нас се претвори во политичка операција.

Дефинитивна одлука за ова сензитивно прашање повторно ќе биде политичка. Таа ќе треба да се донесе со законот за попис најдоцна до февруари наредната година. Од партиите засега не го кажуваат својот став за евентуалната елиминација на графата за етничка припадност. Од владејачките СДСМ и ДУИ вчера ни рекоа дека во моментов се фокусирани на поприоритетни прашања поврзани со евроатлантските интеграции, но дека и пописот набргу ќе биде тема на коалициски разговори. Не ја исклучуваат можноста на крајот да биде донесена и таква одлука, која би ја следела практиката во многу земји во светот и Европа, меѓу нив и во мултиетничките Швајцарија или Белгија.

Подреденоста на Заводот за статистика под капа на политичко тело, односно пописна комисија и политичкото влијание, беа елементите поради кои пропадна пописот во 2011 година. Во март годинава Специјалното јавно обвинителство покрена истрага под кодно име „Попис“ каде што се осомничени поранешните коалициски партнери, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Да потсетиме, според истрагата, коалициските партнери го прекинале пописот за да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението. Со одлука за прекин го оштетиле буџетот за три милиони евра. Како причини за прекин на пописот навеле дека тие се од техничка природа, иако од Заводот за статистика сметаа дека биле технички подготвени. Пописот во Источна Македонија завршил успешно, но недостигала политичка волја за оваа операција сосема да се заврши на останатата територија на земјава. Со одлука на Собранието целокупниот пописен материјал беше уништен, наспроти пораките дека за да имате аргументација дека нешто е успешно или неуспешно, вие треба прво да го одработите.

Во предвечерјето на пописот летаа оставки на сите страни од членовите на пописната комисија. Прв се повлече потпретседателот Абдулменах Беџети, а по него и претседателката Весна Јанева. Седум години подоцна Беџети во изјава за „Независен весник“ тврди дека токму етничкото прашање била причината што пописот не се реализирал.

„Предлогот на Заводот за статистика е добар. Но проблемот е што нашиот политички систем е поставен на бројки. Од Уставот, па до низа други законски решенија што ги обезбедуваат колективните права на етничките заедници врз основа на статистичкиот сооднос. Доколку има таков политички договор, тогаш ќе мора да се пристапи и кон корекција на овие постулати. Лично за мене тоа би било најдоброто решение, ако навистина сакаме да бидеме модерно граѓанско општество или како што сега го нарекуваме – општество за сите“, вели Беџети.

Една од причините за поделеноста меѓу членовите на тогашната пописна комисија беше и различното толкување на членот шест од Законот за попис, во однос на попишувањето на граѓаните кои живеат во странство подолго од една година. Законот предвидува да се попишуваат граѓаните кои живеат во странство помалку од 12 месеци, додека членовите на комисијата кои беа од турска и албанска националност беа на став со пописот да се опфатат и сите оние што живеат во странство подолго од една година.

„Меѓународните стандарди велат дека оние што се над 12 месеци во странство не се бројат во вкупното население во земјата“, вели поранешниот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски.

Пописот, кој последен пат е спроведен во 2002 година, што Македонија ја става во уникатна позиција во светот, во друштво на Сомалија, е многу повеќе од пребројување. Тој, како што вели Герасимовски, ја твори иднината. „Социјалниот и економскиот совет на Обединетите нации заедно со Еуростат даваат препораки пет години пред земјите членки да го спроведат пописот. Пописот се спроведува во ист временски период во сите земји, обично во годините што завршуваат на еден или нула, за да има споредливи резултати. Ако земјите не ги почитуваат стандардите, тогаш податоците не може да бидат споредливи. На 10 јуни 2015 година се донесени тие препораки за спроведување на пописот“, објаснува Герасимовски.

Во тие препораки постојат таканаречени стандардни и споредни белези. Државите се должни да ги вметнат стандардните белези во пописните прашалници (возраст, пол, образование, вработување, економски карактеристики…). Во нив не спаѓаат етничките и културолошките прашалници. Тие се дел од споредбените белези кои не се задолжителни. Секоја земја може, но и не мора да ги вметне во пописот.

„Наше е да одлучиме околу тоа дали ќе има графа за етничка припадност“, вели Герасимовски, кој исто како и Беџети посочува на проблемот што низа законски решенија се темелат на бројот на припадници на одредена етничка заедница.

„Едно од прашањата во пописот е мајчиниот јазик. Но, тоа прашање не може да одреди колкава е точната бројка на одреден етникум“, посочува Герасимовски.

Во прашање се сепак политичките односи во земјата. Пописот како најмасовна статистичка операција значи и попис на домаќинства, станови, живеалишта. Пописот не е само етничко пребројување. Некаде околу 200 прашања, вели Герасимовски, му се поставуваат на секој граѓанин што е опфатен со пописот. Таму има податоци за население, на ниво на Република, регион, по општини, населени места. Има демографски белези по пол, возраст, економски, образовни. Дава слика за целата држава и население. Врз неа се креираат одржливи политики во земјата клучни за секој граѓанин без оглед на етничката припадност.

Наум Котевски