Општествени бариери за лицата со попреченост


Вклученост на лицата со посебни потреби недостига во сите сфери во општеството. Болни точки, каде што уште нецелосно се спроведува инклузија, и натаму се градинките, училиштата и вработувањето. Инфраструктурните бариери, недостигот на персонални и образовни асистенти во училиштата, помош за нега во домашни услови се проблеми со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост.

Милица Трпеска (31), која има целосно оштетен вид, укажува дека е неопходно во сите училишта да има инклузивни тимови за да работат со учениците. Асистентите мора да минат обуки за да можат да одговорат на задачите. На семејствата каде што има деца со тешка попреченост треба да им се даде нега и помош во домашни услови.

„Кога јас учев основно и средно образование, а и на факултет, тогаш немаше ни ‘И’ од инклузија во образованието, таа постоеше не како концепт туку повеќе како идеја. Тешко беше. Она што сега е важно е да профункционираат инклузивните тимови во сите училишта. Асистентите да им помагаат на учениците пред и по часови, да се дефинира нивниот профил на работа. Да има услуги за нега и помош во домашни услови за да можат родителите кои имаат деца со потешка попреченост да завршат други обврски, а да има некој да се грижи за детето. Тешка попреченост бара постојана грижа и поддршка на детето. Проблем е што нема секаде во државава дневни центри“, вели Милица.

Токму овие можности треба да им бидат достапни на лицата со посебни потреби за да се обезбеди социјална и економска инклузија, за што се залага и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ преку проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“, а главна цел е да се подобрат административните и стручни капацитети на локално и национално ниво со модели на развивање на услуги.

Министерката за труд Мила Царовска нагласува дека преку овој проект ќе се овозможи децата со попреченост да не се препраќаат во специјални туку во редовни училишта, а центрите за социјална работа да се поврзат со училиштата.

„Да ги зајакнеме градинките да можат да ги апсорбираат децата со попреченост за да не одат во посебен дневен центар. Треба да се намали бројот на деца во групите, воспитувачките треба да имаат капацитет и знаење. Ваквите иницијативи ја поттикнуваат свеста кај населението, зашто сите ние како поединци треба да се отвориме за различноста, а после институциите да се приспособат и да го зајакнат својот капацитет. Сега во овој прв период ги кршиме тие бариери. Се сеќаваме на случајот ‘Тимјаник’, кој е пример како ние перципираме инклузија – да, ама не кај мене во дворот“, истакна Царовска.

Проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“ се спроведува во осум основни и четири средни училишта во шест општини со кој се спроведуваат обуки на наставен кадар, ама и на ученици со и без попреченост со цел да се подигне свеста за инклузивно образование.

„Во тек се обуки за наставници од училиштата, граѓанските организации и од општините, следната година тие заеднички ќе треба да направат еден план за инклузивна добра практика во нивните општини за што ќе добијат и мал грант со што ќе можат понатаму таа нивна инклузивна практика да ја спроведат“, рече Сузана Киранџиска од на Фондацијата „Чекор по чекор“.

Неодамна „Независен“ објави за проблемот што настанал околу ангажирањето персонален асистент за синот на Горан Стојчески кој има девет и пол години, а во јуни детето завршило трето одделение. Таткото раскажа дека на неговото дете му е потребен персонален асистент додека е на настава и кога се движи во училиштето бидејќи има телесен инвалидитет. Иако поднел барање до училиштето да ангажираат персонален асистент за учебната година што измина, тоа не се реализирало. Стојчески објасни дека за сето тоа било виновно училиштето зашто не го доставило навреме барањето до скопската Општина Кисела Вода.

Заменик-министерот за образование Петар Атанaсов вели дека во втората верзија на предлог-законот за основно образование што се подготвува ќе стои обврската во училиштата да има дефектолози, а согласно барањата ќе бидат обезбедени и асистенти во училиштата.

„Ќе биде дефинирано и тоа дека во редовното основно образование, да може во секој клас да бидат вклучени до две деца со попреченост, затоа и ќе биде намален бројот на ученици во клас, да можат наставниците да работат. Ние очекуваме соработка и со општините“, рече Атанасов.

 

Вероника Мароска-Леова