Од референдум за самостојност до референдум за името


Кога на 8 септември 1991 година Македонија прогласи независност по одржаниот референдум, ретко кој можеше да предвиди дека ќе чека цели 27 години за да добие име признаено од јужниот сосед и од целокупната меѓународна заедница. По барањето за признавање под уставното име во Обединетите нации, врз основа на извештајот на Бадентеровата комисија, Грција се спротивстави на неколку основи: Уставот, знамето и името. Како членка на Европската Унија, Грција изврши притисок врз останатите земји, кој резултираше со Лисабонската декларација од јуни 1992 година, која бараше гаранции околу наводните територијални претензии и непријателската пропаганда и името на државата да не го содржи зборот Македонија.

Грчките партии и дијаспората се обединија барајќи во името на нашата држава да не стои зборот Македонија. На 14 февруари 1992 се одржа познатиот собир во Солун, каде што протестираа еден милион Грци. Сепак, Бугарија, Хрватска, Литванија, Словенија, Турција и Белорусија меѓу првите ја признаа Македонија под уставното име. Низ годините подоцна, истото ќе го сторат речиси 140 земји, меѓу кои САД, Русија, Кина…

На 7 април 1993, Советот за безбедност го одобри влезот на Македонија во Обединетите нации со Резолуцијата 817. Во неа се наведува дека референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ е привремена и ќе се користи сѐ додека не се реши спорот меѓу Атина и Скопје. ОН се неутрални по тоа прашање и немаат мандат да го утврдат името. Земјите од ЕУ ја признаваат Македонија под оваа референца.

Расположението набргу спласна. Приемот во ОН под референцата е изгласан во Собранието во Скопје со само 30 гласа „за“, 28 „против“ и 13 „воздржани“. Владата во Атина се распадна откако, поради несогласување околу спорот со Македонија, замина министерот за надворешни работи Андонис Самарас, па премиерот Константин Мицотакис поднесе оставка. Доаѓа нова на чело со Андреас Папандреу, кој ги прекина преговорите во октомври 1994 година, а Грција воведе економско ембарго против Македонија.

Грција и Македонија конечно ги формализираа билатералните односи со Времената спогодба, потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година од страна на шефовите на дипломатиите Стево Црвенковски и Каролос Папуљас. Неа ја издејствува познатиот американски дипломат Ричард Холбрук за време на „летачките“ посети на Атина и Скопје. Оваа спогодба беше дел од проектот за пацифизирање на Балканот и заедно со неа беше склучен и Дејтонскиот договор за крај на војната во Босна. Со овој договор, Македонија се согласи да го смени своето знаме (ѕвездата од Кутлеш) и да го дополни Уставот во делот на преамбулата, каде што се вели дека Македонија нема никакви територијални претензии кон ниту еден од нејзините соседи. Грчката страна се обврза да не го попречува патот на Македонија кон зачленување во меѓународните институции како НАТО, ОБСЕ, ЕУ…

Преговорите за името потоа стагнираа, а имињата што излегуваат во оптек како можни решенија се одбиваа. Кон крајот на 2000 и почетокот на 2001 година тогашните премиери Љупчо Георгиевски и Костас Симитис разговараа за „Република Горна Македонија“, но воениот конфликт во земјава ги прекина сите иницијативи.

На 8 април 2005 година посредникот на ОН, Метју Нимиц, излезе со предлог „Република Македонија – Скопје“, при што секоја земја самата би одлучувала на кој начин ќе ни се обраќа. Во октомври истата година Нимиц излезе со познатата „тројна формула“, со која се предвидуваше „Republic of Macedonia“ за меѓународна употреба и за оние земји што веќе ја признале Македонија под ова име, Грција да ја користи формулата „Република Македонија – Скопје“, а „Република Македонија“ да се користи во меѓународни организации и во ОН. Националноста, според овој предлог, требаше да биде „граѓани на Република Македонија“. Предлогот имаше два анекси: првиот е името „Република Македонија“ да важи до 2008 година, а потоа „Republic of Macedonia“, а со вториот анекс беше предвидено спорот за името повторно да се реши за 15 години. Немаше расположение во двете земји за прифаќање компромис.

Во февруари 2008 година се појави планот од осум точки што го предложи Нимиц, во кој ги наведе „Уставна Република Македонија“, „Демократска Република Македонија“, „Независна Република Македонија“, „Нова Република Македонија“ или „Република Горна Македонија“. Едно од овие имиња, според предлогот, требаше да биде за употреба во меѓународни организации и за билатерални односи со Грција. На 25 март 2008 година излезе со финален предлог: географска одредница, за севкупна употреба. Уставното име на кирилица, „Република Македонија“ може да се користи за внатрешна употреба, а „Република Македонија (Скопје)“ во меѓународни односи.

Десетина дена подоцна, македонската делегација што отпатува на Самитот на НАТО во Букурешт понуди писмен документ дека ќе го прифати името „Република Македонија (Скопје)“ за да добие покана за влез во Алијансата. Грците одбија, при што не помогна ниту силниот меѓународен притисок кон нив. Следуваше големо разочарување на македонската политичка сцена и меѓу граѓаните. Македонија ја тужеше Грција пред Меѓународниот суд во Хаг, кој пресуди во наша полза, односно дека Грција ја прекршила Меѓународната спогодба. И покрај тоа, Македонија не влезе во НАТО ниту почна преговори со ЕУ.

На 9 април 2013 година посредникот ја предложи „Горна Македонија“, но проблем претставуваше каде да се стави додавката: пред или после Република. Во Македонија веќе наголемо започна процесот на антиквизација, преговорите формално траеја, но во пракса немаат никаква тежина. Така се доживуваа и последните предлози пред да дојде до смена на власта: Република Нова Македонија, Република Северна Македонија, Република Вардарска Македонија, Република Горна Македонија и Република Македонија (Скопје), сите со македонска транскрипција, напишани на латиница.

Македонија во преговорите ја застапуваа четворица преговарачи: Вања Тошевски, Никола Димитров, Зоран Јолевски и Васко Наумовски. Димитров се врати на преговарачката маса како министер за надворешни работи и се чини ќе биде и последниот во овој бесмислен процес што ги оптоваруваше односите меѓу двата соседа. Сепак, последниот збор ќе го имаат граѓаните на референдумот, кој, според најавите, треба да се одржи во септември или во октомври годинава.

Хронологија на спорот

8 септември 1991: Македонија прогласува независност

1992: Собранието во Македонија го одбива предлогот „Република Македонија (Скопје)“, а тој е одбиен и во Грција

8 април 1993: Македонија влегува во ОН под референцата „поранешна југословенска Република Македонија“

13 септември 1995: Потпишана Временета спогодба меѓу Македонија и Грција

2001: Грчките медиуми тврдеа дека бил постигнат договор меѓу тогашниот премиер Љубчо Георгиевски и грчкиот Костас Симитис за името „Република Горна Македонија“, но тој никогаш не се официјализира

2008: Македонија изразува подготвеност да го прифати името „Република Македонија (Скопје)“ во замена за влез во НАТО, но Грција одбива поради најавата од Никола Груевски за референдум

4 април 2008: Грција стави вето за приемот на Македонија во НАТО

2008: Почнува антиквизацијата во Македонија која ја наруши преговарачката позиција на државата и ја оддалечи од решение

5 декември 2011: Меѓународниот суд во Хаг пресуди во полза на Македонија, која ја тужеше Грција за прекршување на Времената спогодба

До 2017 година: Десетина средби на премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу, резултатот нула

Јуни 2017 година Зоран Заев како нов премиер најавува нова политика кон спорот. Сменето е името на аеродромот и на автопатот 

7 Февруари 2018 година: Заев најави дека прифаќа географска додавка на името

12 јуни 2018: Македонија и Грција постигнуваат компромис преку името „Република Северна Македонија“

Горан Адамовски