Одлучувачки понеделник: Лидерска средба за расонување


Понеделнички набиената политичка агенда навестува одредена разврска во текот на оваа седмица во преговорите меѓу партиите за деблокада на процесите за одржување на референдумот за името. Само прашањето е дали таа разврска ќе значи постигнување договор или, пак, прекин на преговорите и донесување на измените во Изборниот законик за намалување на мнозинството за избор на ДИК.
Очекувањата се дека денешната посета на Скопје на германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, ќе значи поттик за продолжување на дијалогот и за постигнување брзи решенија за отворените прашања, со оглед на тоа што газат роковите за спроведување и на референдумот и на договорот за името.
Од германското МНР најавија дека централна тема на состаноците на Рот со претставници на власта и опозицијата ќе биде договорот со Грција. Влијателниот германски дипломат и во изминатиот период имаше одредена улога во надминувањето на политичките жаришта во земјава. Тој беше во Скопје набрзо по изборот на владата на СДСМ и на ДУИ, чие формирање беше оневозможено цели шест месеци по изборите. Рот ја посети земјава и пред парламентарните избори во 2016 година, кога упати порака дека е неопходно да се реформира изборното законодавство и да се прочисти избирачкиот списисок.
Во текот на денешниот ден, најавени се средби на германскиот државен министер со премиерот Зоран Заев, со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од германското МНР наведуваат дека посетата на Рот на Скопје доаѓа еден месец по потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција и потенцираат дека токму спроведувањето на овој договор ќе биде централна тема на состаноците, покрај разговорите за спроведувањето на неопходните реформи во земјата.
Пред да се видат со Рот, лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ ќе седнат уште еднаш на заедничка маса, заедно со претседателите на ДУИ Али Ахмети и на тетовското крило на Беса, Билал Касами. Четворицата лидери ќе се сретнат уште во раните утрински часови. Новата средба во Клубот на пратеници е закажана за девет часот претпладне. Од тоа како овој пат ќе се развиваат разговорите зависи и дали во парламентот ќе продолжи процедурата за донесување на измените во Изборниот законик што ги предложи владата како одговор на опозициската блокада за избор на новиот состав на ДИК според важечката регулатива, односно со двотретинско мнозинство.
Пленарната седница, на чиј дневен ред се измените во Изборниот законик, со кои мнозинството за избор на ДИК се намалува на минимум 61 глас, продолжува денеска во 11 часот. За измените во Изборниот законик треба сега да се изјасни собранискиот пленум, откако тие го поминаа првиот филтер во Комисијата за европски прашања, која ги отфрли сите околу 400 амандмани поднесени од опозицијата.
Според партиски извори, владејачкиот табор е подготвен и да стави точка на преговорите доколку опозицијата не се откаже од намерата да го условува процесот со т.н. амнестија или со измени во Кривичниот законик. Тоа, пак, би значело дека владејачките партии, со поддршка од помалите опозициски партии во парламентот, потоа ќе треба да најдат механизми за да ги истуркаат процедурите за спроведување на референдумот, без најголемата партија во опозиција.
Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера тврдеа дека се манипулација информациите дека партијата бара измени во Кривичниот законик со цел застарување на дел од случаите што произлегоа од „бомбите“ на претходната опозиција.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, зборувајќи за очекувањата од утрешната лидерска средба, изјави дека очекуваат прво да престанат манипулациите и оркестрираната кампања што, како што рече, ја води СДСМ и власта кон опозицијата.
„Очекуваме прво да престане кампањата кон ВМРО-ДПМНЕ што ни се случува деновиве по медиумите. Очекуваме да се утврдат сите механизми за заштита на волјата на граѓаните“, изјави Арсовски.
Последната лидерска средба се одржа во четвртокот, по што Заев и Мицкоски соопштија дека за дел од прашањата ги приближиле приближување во ставовите, а за дел не. (А.М.М.)