„Новости“: Македонци и Хрвати ја шпионираат Србија


Македонски и хрватски агенти ја шпионираат Србија во корист на САД и на Велика Британија, објави денеска белгградскиот дневен весник „Новости“. Во опсежниот текст на насловната страна, се тврди дека целта е да се изврши притисок врз српските власти за решавање на деценискиот спор со Косово. Српскиот медиум, овие тврдења ги поткрепува од неименувани безбедносни кругови и наведува дека со тоа се потврдуваат наводите на министерот за внатрешни работи и секретар на Советот за национална безбедност, Небојша Стефановиќ, кој во интервју за истиот медиум рекол дека странските служби ги засилиле своите активности.

„Како што пренесуваат нашите добро информирани извори, политичкиот притисок од Запад по прашањето на Косово и Метохија добива цврста подлога и на разузнавачки терен. Така, во светлото на предлогот за решавање на овој мачен децениски ребус, кое го најави државниот врв, забележано е делување на странски фактор кон релевантни општествени структури: САНУ и СПЦ, чија цел е неединство околу најкрупната национална тема околу која сега е започнат широк дијалог“, пишуваат „Новости“.

Во пакетот, наводно, влегуваат и очекувањата на САД – Белград да ги смири амбициите на Милорад Додик за независност на Република Српска, поради што и на тоа поле биле евидентирани напори на разузнавачите да ги расипаат односите меѓу Србија и РС преку „пуштање интриги“ на релација Белград – Бања Лука.

Покрај тоа, се наведува во текстот, во фокусот на интересите на „шпионите“ е и соработката со Руската федерација во економско – енергетскатта и воено – безбедносната област. Вниманието, пред се на хрватските агенти, била кон испораката на шесте „мигови 29“ што неодамна пристигнаа од Москва.

„Во последните неколку емсеци, во очи влегуваат и обидите да се разгради соработката на Србија со Кина кога се во прашање економските и инфраструктурните проекти. Околу тоа се распрашуваше и првиот разузнавач на Кина, Менг Џијангџу при неодамнешната посета на нашата земја“, го цитира „Новости“ својот анонимен извор.

Во остварување на своите цели, странските агенти се обидувале и да придобијат високи функционери во политичкиот и безбедносниот сектор, но српските служби „активно делувале во сузбивање на тие субверзивни акции“.

Весникот наведува дека во Србија делуваат 55 странски служби од 40 земји. Со најголемиот дел од нив, српските служби веќе воспоставиле соработка, но оти имало агенти „кои работат самоволно, поради што нивната работа детално се следела“.

„Станува збор за прикриени соработници на тајните служби, кои што, за разлика од акредитираните разузнавачи при амбасадите, се ‘маскираат’ во бизнисмени или припадници на други професии, чиј работни задачи се чести патувања и контакти со странство“, објаснуваат „Новости“. (Г.А.)