„Независен весник“ во затворот „Скопје“: Шутка не е белиот дворец


Луѓе со кеси во рацете, полни со храна, чекаат на капијата во Казнено-поправниот дом „Скопје“, познат во јавноста како затворот во Шутка. Кога ќе ги поминете проверките и ќе влезете низ главната капија, на двете страни од патеката има обработено земјиште на кое има посадено компири, зелки, земјоделски производи, а на другата страна е овоштарникот. Овие површини ги садат и ги одгледуваат осудениците што издржуваат казна затвор во Шутка. Пред отвореното и полуотвореното одделение од затворот затвореници ги чистат есенските лисја, а некои од нив едноставно уживаат на попладневното сонце под надзор на затворската полиција. Оние што завршиле зад решетки како да не се затруени со политиката која ги затвора оние што шетаат слободно. Осудените што имаат право да излезат на викенд ги интересира дали управата ќе им дозволи излез тогаш кога планирале, а оние што немаат право на излез гледаат што се случува надвор од зад решетки.

Затворот во Шутка сега е асоцијација за поранешниот премиер Никола Груевски. Таму треба да ја издржува двегодишната затворска казна за која е осуден за незаконската набавка на блиндираниот „мерцедес“. Процедурата за жалби сè уште трае, но сепак името на Груевски, кој можеби ќе биде првиот поранешен премиер кој ќе заврши во затвор, го отвори прашањето во каква состојба е институцијата каде што завршуваа речиси сите уапсени во големите полициски акции што се случуваа додека тој беше на власт.

Во затворот „Скопје“ најголем е притворскиот дел, таму завршија многу поранешни политичари и функционери, поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, сопственикот на А1, Велија Рамковски, па и актуелниот премиер Зоран Заев, кој неколку дена беше во притвор за случајот „Глоба“. Но новинарите немаат пристап во притворскиот дел бидејќи овие лица сè уште не се осудени и за нив е во тек истрага. Бројот на затвореници во притворскиот дел, кој беше пренатрупан, се намалил. Овој дел собира 310 затвореници, сега бројката е под максимумот, но имало и периоди кога оваа бројка достигнувала и до 484 затвореници.

Доколку Груевски заврши во Шутка, тој ќе биде сместен во затворскиот дел. Вработените во затворот не сакаат да прејудицираат ништо, но директорот на затворот, Ѓоко Котевски, е дециден дека третманот во овој затвор е ист за сите, за никого нема да има ниту помалку ниту повеќе. Во затворскиот дел има над сто осуденици што издржуваат казна затвор до три години и повратници кои се осудени на шест месеци затвор. Таму има и осуденици на повисоки затворски казни за потешки дела бидејќи таму се носат затвореници што издржале поголем дел од казната во затворот во Идризово или во други затвори во Македонија, па се префрлаат во затворот во Шутка на доиздржување на казната.

Секое осудено лице што првпат доаѓа во овој затвор треба да помине од три до 15 дена во приемното одделение, во зависност од проценката на службите. Таму се запознаваат со куќниот ред и се прави анализа и проценка каков третман би имале лицата за ресоцијализација, вели директорот на затворот. Потоа се врши класификација, односно се одлучува дали осуденикот ќе биде во затвореното, отвореното или полуотвореното крило.

Во полуотвореното одделение нè пречекаа затвореници што го реновираа ходникот и со материјал кој им го обезбедил затворот, сами го разубавуваат делот каде што треба да поминат дел од животот. Затворениците во овој дел користат заедничка бања која би требало да биде реновирана.

Во отворениот дел, во секоја соба, затворениците имаат телевизор и фрижидер и од она што можеше да се види, тие добро се грижат за своите соби. До полуотвореното крило има терени за фудбал и кошарка, библиотека и соба со телевизор каде што заедно може да гледаат телевизија. Телевизорот бил купен во јуни за да може заедно да го гледаат светското фудбалско првенство.

„На секого му се дава шанса, некој ја искористува некој ја прокоцкува“, вели педагогот во затворот кој не водеше низ затворот, а таму работи од деведесеттите години. Новата управа сака да ѝ покаже на јавноста дека затворот во Шутка не е толку лош како што се доживува, но велат дека тешко и бавно се справуваат со проблемите бидејќи „10-15 години не е мрднато со прст“. Се соочуваат со недостиг на надзорници, но и тужби од затворската полиција за што треба да исплатат околу 2 милиони евра. Затворските надзорници бараат неисплатени дневници за прекувремена работа, но нивните тужби следеле по промената на власта.

Сепак, нивното мислење е дека јавноста треба да ја види реалната состојба во затворот. Велат не е најсјајна, но активно се работи за да се подобри.

Во 2009 година беа направени две нови крила во притворското одделение, но сега тие се во полоша состојба отколку стариот дел кој датира од 1968 година. Во овој дел поради грешки во изведбата има влага, проблеми со изолацијата и водоводната мрежа. Директорот најавува дека во притворското крило ќе биде направена нова бања и дека се купени два нови бојлери и реновирани се дваесетина соби. Се најавува подобрување на храната, внесување на риба почесто во исхраната бидејќи, како што вели Котевски, има затвореници што немаат кој од семејството да им носи дополнителна храна. Исто така, ќе биде изграден и нов бунар за техничка вода бидејќи има голема потрошувачка на вода.

Корупцијата во затворот сепак останува најголем проблем бидејќи, според меѓународните извештаи, во затворите во Македонија секој што има пари може да купи и да добие се што сака. Котевски вели дека досега, додека тој е на директорското место, не затекнал таков престап, но најавува санкции за секој оној што ќе биде фатен. Директорот вели дека корупција и дрога има и во најсредените и најубавите светски и европски затвори и тоа претставува предизвик за секоја затворска служба.

„Затворениците седат тука затворени по цел ден и она што размислуваат е како да ја надитрат управата и надзорниците. Сепак, овој затвор е помал и тоа е исто како во помал град, се знаат сите и се знае секој што прави, па проблемот со корупцијата полесно се решава“, вели педагогот во затворот. Управата пред неколку дена спречила внесување на таблети во затворот, за кои постои сомнеж дека се екстази, но допрва треба да се утврдува.

Сепак, кога ќе се спомене името на поранешниот премиер во Шутка, никој од вработените и затворениците не останува рамнодушен. Некои од затворениците можеби ќе бидат гневни, некои можеби ќе бидат среќни што имаат можност да бидат во ист затвор со поранешен премиер. Додека не завршат процедурите, сè е неизвесно, но директорот е дециден дека ВИП-соба за него нема да има.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Фото: Борис Грданоски