На Тачи „војводата“ сега не му пречат пораките од Заев


Мендух Тачи, кому членството на ВМРО-ДПМНЕ, свовремено, му скандираше „Тачи војвода“ и за кој снимките од прислушуваните разговори открија дека му се колнел на лојалност до смрт на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, сега е пред одлука дали да влезе во владејачката коалиција предводена од СДСМ. Односно, дали да му стане партнер на премиерот Зоран Заев, чии СМС-пораки ги објавуваше во јавноста пред неколку години додека и двајцата беа во опозиција.
ДПА, со можното учество во Владата, би требало да ја пополни празнината што настана во парламентарното мнозинство откако од владиното јато „одлета“ некогашниот сопартиец и близок соработник на Тачи – Зијадин Села. Од парламентарното трио на „Алијансата за Албанците“ двајца заминаа во опозиција – точно колку што има ѝ таборот на ДПА во Собранието, каде што покрај Тачи, пратеничка сега е и Мерал Узеири-Ферати откако од Собранието се повлече Бардуљ Даути за да биде кандидат за градоначалник на Тетово.
Но кандидатот на ДПА не влезе ниту во вториот круг од изборната битка во Тетово – општината која некогаш важеше за упориште на партијата на Тачи. Неодамнешните локални избори, всушност, целосно ја делегитимираа ДПА по дебаклот што Тачи го доживеа на парламентарните избори во 2016 година губејќи ја и позицијата во т.н. голема четворка на политичката сцена во земјава.
Студеничани е единствената општина во која ДПА оствари победа на локалните избори во октомври, така што Азем Садику го задржа градоначалничкото место. Во периодот, пак, од последните парламентарни до неодамнешните локални избори во ДПА се случи и оставката на Тачи, но и конгресот за негово враќање на чело на партијата. Сепак, и покрај слободниот пад на ДПА во последните години, нејзините двајца пратеници моментно може да бидат од корист за одржување на стабилноста на парламентарното мнозинство. Освен ако за СДСМ не претставуваат проблем речиси редовните отсуства на Тачи од законодавниот дом – во ситуација кога мнозинството едвај собира кворум од минимум 61 пратеник за почнување на седниците и за гласање.
Во изминатиот период од една година, од конституирањето на овој собраниски состав, Тачи речиси ниту еднаш се нема појавено во собраниската сала. Неговите отсуства, всушност, беа негов „заштитен знак“ и во претходните мандати. Така, последниот објавен извештај за активностите на пратениците насловен „Мојот пратеник“ покажува дека Тачи во периодот од јануари до јуни 2016 година ниту еднаш не присуствувал ниту, пак, гласал на собраниска седница.
Премиерот Заев пред новогодишните празници не исклучи можност ДПА да ги пополни слободните места што ги остави „Алијанса за Албанците“ во извршната власт. Веројатно, станува збор за пониските ешалони на власта, вклучително и неколку заменик-министерски позиции, со оглед на тоа што министерското место во здравство веќе го презеде СДСМ, а на чело на Министерството за локална самоуправа остана Сујхел Фазлиу, кој при формирањето на владата беше предложен од една од партиите во коалицијата „Алијанса за Албанците“. Според тоа, единствена можност за директен влез на ДПА во владиниот кабинет би било новото вицепремиерско место за реформи, кое Заев му го нудеше на Села.
Дури и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој во изминатите години го имаше Мендух Тачи за спаринг-партнер во политичкиот ринг, сега нема ништо против ДПА да стане дел од владејачката постава. Ахмети изјави неодамна дека партиите од мнозинството остануваат отворени за соработка и комуникација со другите политички фактори.
Мнозинството во парламентот е сведено моментно на неопходниот минимум од 61 пратеник, откако кон пратеничката група на СДСМ се приклучи поранешниот пратеник на ГРОМ, а во мнозинскиот табор остана и Весел Мемеди од коалицијата „Алијанса за Албанците“. Во обезбедување на кворумот сега асистира и Амди Бајрам од Сојузот на Ромите, но и пратеничката на ДПА, Ферати Узеири.

ДОЛГА ИСТОРИЈА НА СОРАБОТКА СО ВМРО-ДПМНЕ

Доколку се остварат најавите за влез на ДПА во владејачката коалиција, тоа ќе биде уште еден од низата контроверзни потези на Тачи во однос на СДСМ во изминатите години. Некогаш мошне близок со Љубчо Георгиевски и со Љубе Бошкоски, Тачи беше дочекан како „војвода“ и на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип во 2007 година, кога Груевски, како „тазе“ премиер беше реизбран за партиски лидер. Откако во меѓувреме се прогласи за традиционален партнер на ВМРО-ДПМНЕ, по коалицирањето со оваа партија во периодот 1998-2002 и потоа 2006-2008 година, Тачи не престана да соработува потајно со Никола Груевски и неговото опкружување ниту кога ДУИ стана официјално партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се виде и на изборите во 2014 година кога ДПА го помогна во вториот круг реизборот на Ѓорге Иванов за шеф на државата откако ДУИ откажа поддршка за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Кога Бранко Црвенковски се врати на чело на СДСМ, Тачи ненадејно ја осуети неговата намера да ги собере во една коалиција сите опозициски партии и од албанскиот и од македонскиот политички блок, независно од нивната идеолошка определеност. Потоа, ја расипа и соработката со Руфи Османи поради една негова средба со Зоран Заев како градоначалник на Струмица.
Кога Заев дојде на чело на СДСМ, Тачи објави СМС-пораки што тој му ги испраќал додека бил потпретседател на Црвенковски. Според пораките, Заев го повикувал на средби Тачи алудирајќи на поддршка за тоа од меѓународниот фактор. Лидерот на ДПА тогаш рече дека добивал, како што оцени, недостоинствени пораки од Заев што не сака да ги објави.
Во една од снимките од прислушуваните разговори кои, пак, ги објавуваше Заев може да се слушне како Тачи му изразува вечна верност на Сашо Мијалков:
„Тука сум. Ако треба нешто, кажи. За сé, до смрт“, вели Тачи во телефонски разговор со Мијалков откако тој бара од него членот на ДИК од ДПА да гласа во прилог на ВМРО-ДПМНЕ. Барањето се однесуваше на приговорите за Струмица на локалните избори во 2013 година кога Заев беше повторно кандидат на СДСМ за градоначалник.

Александра М. Митевска