На море во Грција со воз: Од следната година железничка линија Скопје-Платамона?


Македонски железници Транспорт АД Скопје им предлага на Грчките железници (TRAINOSE) да се воведат возови на релација Скопје-Солун со можност во летниот период за продолжување до Платамона, како и за железничка врска Битола-Солун преку Лерин.

Тие проекти се претставени при минатонеделната посета што ја оствари менаџерски тим од МЖ Транспорт во Грчките железници, од каде, според директорот на патнички сообраќај во МЖ Транспорт, Сашa Јовановски, рекле дека за такво нешто ќе се разговара во февруари или март следната година кога би се доекипирале со машиновозачи, кои им се дефицитарни.

– Отидов со понуда во Грција да воведеме воз Скопје – Солун, со можност во летниот период да се продолжи до Платамона. Ако прифатат Грчките железници во тој случај би се поврзале со нашите туристички агенции и би понудиле цена по договор, изјави за МИА Јовановски.

Редовната цена за Солун е 1.200 денари со воз, а со автобус 1.600 денари на редовна линија, но со агенции таа стасува до 900 денари. Затоа, посочува Јовановски, замислата е со Грчките железници да најдеме некоја прифатлива цена која ќе биде конкурентна на друмот и да ја понудиме на туристичките агенции. Таму Железничката станица е на излезот од Катерини кон Паралија и Олимпик бич, од каде има редовни автобуски линии со времетраење од 10-ина минути и патниците би можеле да патуваат. Пругата минува и низ Лептокарија, вагонот може да отиде до Неипори. Може да се договориме по примерот на ад хок возовите од поранешна Југославија како што беше возот од Скопје за Сплит. Идејата беше да воведеме некој таков воз или можеби само вагон од Скопје за да се приклучи на возот што е во Грција, вели Јовановски, дополнувајќи дека проектот за зимските месеци го нарекле „На кафе во Солун“.

По информациите од Министерството за транспорт дека пругата Битола – Кременица ќе биде готова до крај на ноември, од МЖ Транспорт предложиле да се пушти локален воз на релација Битола-Лерин. Првично би го користеле грчките државјани кои се почесто од различни причини се во посета на тој дел од државава.

– Грците имаат воз од Лерин до Солун, а ние од Скопје до Битола. Значи, да седнеме и да се договориме да ги поврземе нашите локални возови, на пример ако нашиот воз во Битола стасува во 10:15 часот во 10:30 да тргнуваат за Лерин. Кога ќе стаса во Лерин, после отприлика 15 до 20 минути да тргне нивниот локален воз за Солун и така би имале железничка врска Битола – Солун преку Лерин, појасни Јовановски.

Се прават напори и да се најде решение за опстојување и во зимскиот период на возот на релацијата Солун – Белград кој транзитира низ Македонија и е единствено железничко поврзување со Европа. Во тек на зимата таа линија е нерентабилна и има малку патници поради долгото патување и старите вагони. Според сегашните предлози на Грчката и Српската железница, возот би сообраќал до 30 септември.

Македонската страна би ги актуелизирала повторно предлозите во октомври во Скопје, кога Македонски железници ќе биде домаќин на Регионалната средба за патнички сообраќај на Југоисточна Европа, со која претседавач ќе биде директорот за патнички сообраќај на Грчките железници. – Ќе се обидеме колку што можеме максимално овие проекти да заживеат, но тоа не зависи само од нас, укажува Јовановски.

Зголемени приходи и патници во првиот квартал

Податоците на МЖ Транспорт ад Скопје покажуваат дека во првиот квартал годинава железничкото претпријатие во внатрешниот сообраќај превезло 130.323 патника, а во истиот период лани тој број изнесувал 101.669. За првите три месеци оваа година бесплатно биле превезени 44.076 патници, а само во април тој број изнесувал 16.377. ид јануари до март лани бесплатно биле превезени 30.716 патници, а во април 13.030. Најчести патници на МЖ се студентите и пензионерите, како и вработените во Скопје кои живеат во Велес.

Приходите во патничкиот сообраќај во првото тримесечје од 2017 година изнесувале седум милиони денари, а во истиот квартал годинава 11,5 милиони денари, што е зголемување за 64 проценти. Во април годинава приходите изнесувале пет милиони денари. Заедно со 3,5 милиони денари добиени од Владата за субвенционирано патување на пензионери секој втор викенд во месецот, на млади до 27 години секој прв и трет викенд во месецот, на студенти секој четврток и средношколци секоја среда, приходот на патничкиот сообраќај во МЖ Транспорт ад Скопје во април изнесува 8,5 милиони денари.

Загуби од два милиони евра за 3,5 години со бесплатниот превоз за викенд

Во тек на мерката за бесплатни викенди, од воведувањето во јули 2014 годна до крајот на 2017 година , или за 3,5 години, МЖ Транспорт ад Скопје по основ на неостварен приход има изгубено околу 120 милиони денари.

Како што вели Јовановски, тој проблем е надминат со новата Влада со со која за разлика од претходно сега се одвојуваат месечно пари за субвенционирање. – Уште од почетокот на воведување на мерката патник во воз не може да влезе без билет. Оди на благајна, добива билет со нула цена, а софтверот во позадина пресметува колку треба да биде цената на релацијата за патување. Врз база на тие податоци секој месец доставуваме до Министерството за транспорт и врски колку патници патувале и колку тоа приход би се оствариле ако би се наплатило, и по тој основ тие пари ни се субвенционират, месечно во просек по околу 3,5 милиони денари, информира Јовановски.

За повеќе патници обнова на возниот парк и подобри пруги

Од МЖ Транспорт велат дека за да привлечат патници пред се, треба да исполнат неколку услови, првин времето на патување на возот да биде конкурентно на времето на патување на автобусот, а како второ удобоста и точноста на вовозите.

Времето на патување со воз на релацијата Битола – Скопје изнесува 3,5 часа, со брзиот воз на истата релација патувањето трае два часа и 45 минути, колку што трае и од Скопје до Гевгелија. На релацијата Скопје–Велес, пак, се патува 50 минути.

– Времето на патување не зависи од нас, туку од инфраструктурата, односно пругата. Новите возови кои ни се во оптек можат да возат со брзина од 140 километри на час, но пругата тоа не го дозволува. Има делници кои можат 120 километри некаде 100 километри на час, така што времето на патување во догледно време тешко ќе можеме да го намалиме. Удобноста и точноста со новите возови се на повисоко ниво и ги задоволуваат сите европски стандарди, бучноста внатре е многу мала, има климатизација, нови се и не се расипуваат често како старите, појаснува Јовановски.

Од аспект на патничкиот сообраќај, дополнува, проблемите со доцнење во изминатите месеци се минимални од 10-ина минути. Проблемот настанува затоа што имаме и многу стари локомотиви и вагони, пругата ни е едноколосечна секаде и често се случува да се расипе локомотива што влече товарен воз на некој дел, и патничкиот воз чека. Тогаш мора да дојде нова локомотива и да го извлече товарниот воз, што може да трае и повеќе од час.

– Затоа имаме барање до Владата и се надеваме дека ќе имаме разбирање за вложување финансиски средства во репарација на старите локомотиви и набавка на нови. До крајот на годинава треба да пристигнат четири нови електролокомотиви наменети за товарен сообраќај, ситуацијата во товарниот сообраќај ќе се подобри околу сигурноста на локомотивите, така што и патничкиот сообраќај ќе има помалку проблеми, вели Јовановски.

Проблемот делумно би се надминал и доколку МЖ Транспорт добие дел од возниот парк во европските држави што е во исправна и добра состојба, но од технолошки аспект е застарен и веќе не се користи.

Со помош на претседателот на Европската заедница за железници Либор Лохман кој минатиот месец беше во Скопје се остварени контакти со менаџери од железници од европските држави за добивање патнички гарнитури, вагони и локомотиви кои се во одлична состојба, но од технолошка гледна точка кај нив се застарени и не ги употребуваат. Испратиле писмо со барање за средба до железниците во Германија, Италија и Чешка, но уште нема повратен одговор.

Според Јовановски, за да може сегашниот возен ред да функционира по сите европски правила МЖ Транспорт во патничкиот сообраќај треба да располага со 20 патнички гарнитури, а има само шест.

– Имаме барање до Владата да се земе кредит за набавка на нови пет воза, со кои значително би ги подобриле речиси сите релации каде има патнички возови со што сметаме дека условот за удобност и точност би ги зголемиле и би привлекле повеќе патници. Набавените нови шест воза се во функција и покриваат 70 проценти од релациите. Ја покриваат цела битолска пруга со четири пара возови, како и релациите Скопје-Велес, Скопје-Гевгелија и Скопје-Кочани. Скопје – Куманово и Скопје-Кичево не се покриени со нови возови, информира Јовановски.

Од МЖ Транспорт имаат долгорочни планови за овој проект, за што сакаат во Министерството за образование да иницираат да стане задолжителен во програмата за сообраќај. Сега во програмата на основните училишта темата сообраќај е предвидена за мај и самоиницијативно на наставничките имало по едно до три патувања на децата со воз.

– Размислувавме како долгорочно да придобиеме патници. Aко децата на најмала возраст ги научиме, им стекнеме култура и понудиме едукација како е возењето со воз, сметаме дека кога ќе пораснат повеќе ќе ги користат услугите. Сакаме да стапиме во контакт со министерот за образование овој проект да стане задолжителен во програмата за сообраќај, не само во мај, туку и во септември, октомври, април мај и јуни за да имаме повеќе можности, вели Јовановски. Недоволниот возен парк засега е кочница за вклучување во проектот на деца од останатите делови на државата.

Побарувања за товарен транспорт, проблем возниот парк

Недоволниот функционален возен парк го попречува и развојот на товарниот сообраќај.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првиот квартал годинава во однос на истиот кавратл лани, количеството на превезена стока во железничкиот превоз е зголемено за 40,6 проценти, а во однос на последниот квартал од минатата година бележи намалување за 1,4 проценти.

Снежана Омерович, директор за маркетинг и продажба во МЖ Транспорт, вели дека со постојниот возен парк се трудат максимално да одговорат на побарувањата во товарниот превоз каде, посочува, веќе се чувствува раздвижувањето на домашната економија.

– Во товарниот превоз имаме мал број локомотиви, но и покрај лошата состојба на локомотивите и малиот број вагони со кои располагаме се трудиме максимално да го зголемиме товарниот сообраќа. Зголемувањето на товарниот сообраќај во однос на ланската се должи на тоа што македонското стопанство се раздвижи. Почнаа да разменуваат стоки надворешно и внатрешно, се зголеми транзитот, проработе пристаништето во Пиреја, има доста возови за комнитентите, вели за МИА Омерович.

Како што појаснува, преземени се активности за повторно враќање на изгубените коминтенти.

– Поради тоа што изгубија навика да возат со воз се потрудивме да ги привлечем назад коминтентите со нудење нови пакети. Ги посетивме оние кои претходно возеле со нас, но сега малку недостатокот на локомотиви не прави можеби малку поспори во превозот. Од почетокот на годинава имаме неколку нови превози кои го зголемија товарниот сообраќај. Би имале уште поголем товарен сообраќај, но влечните и влечените средства ни се во катастрофална состојба. Ги очекуваме кинеските возови и сметаме дека во тој случај би имале подобар резултат. Странките се заинтересирани за транспорт, наведува Омерович.

МЖ Транспорт моментно има склучено договори за превоз со 15 домашни и 16 странски коминтенти. Нивен повторен соработник е Цементарница УЈСЕ, а како што вели Омерович добро е што почна да работи повторно ФЕНИ од Кавадарци со кои имаат одлична соработка. Очекуваат да почне да работи и Тајмиште. Нивни најголеми коминтенти се и Макстил, Макпетрол, Фершпед, Навико шипинг, Шенкер, Карго Логистик, …

За потребите на коминтентите во употреба 562 од расположивите 1.170 товарни вагони.

– Работиме со постоечките ломотиви кои се многу стари. Настојуваме да ги поправиме колку што можеме, но потребен е ремонт или замена со нови, укажува Омерович.

Од вкупно 30 дизел и електролокомотиви заведени во инвентарскиот парк во возна состојба се само десет, а во функција се пет од расположивите 12 маневарски локомотиви. Во просек дневно се работи со осум до десет локомотиви за сообраќај и пет за маневри. Состојбата треба да ја промени пристигнувањето на набавените четири нови електролокомотиви кои се очекува да пристигнат до крајот на годинава, откако ќе бидат завршени потребните тестирања и доделување сертификати. Набавката на четирите електролокомитиви, кои ги произведува кинеската ЦРРЦ -Џуџоу чини осум милиони евра и дел од кредитната линија обезбедена од ЕБОР во износ од 150 милиони евра со која беа купени и шест патнички воза и 150 товарни вагони.

(Лидија Велковска/МИА)