На ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им е добро со шест изборни единици


ВМРО-ДПМНЕ е единствена парламентарна партија која сѐ уште нема конкретен став за новиот изборен модел. За разлика од СДСМ и помалите партии, кои отворено „навиваат“ за една изборна единица, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат забелешки на актуелниот пропорционален модел со шест изборни единици за избор на пратеници.

Иако прашањето околу изборниот модел деновиве се третира наголемо на политичката сцена, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на таа тема не е разговарано сѐ уште во рамки на работната група за измени на Изборниот законик.

„Тоа прашање сѐ уште не е отворено и за него допрва ќе се разговара меѓу партиите. ВМРО-ДПМНЕ и досега немаше забелешки на постојниот модел за избор на пратеници. Каков и да е моделот, за нас е најважно тој да обезбеди услови за фер и демократски изборен циклус“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката ДУИ исто така е повеќе за останување на досегашниот изборен модел отколку за воведување само една изборна единица. Оваа партија, всушност, преферира „средно решение“, односно преполовување на бројката на изборни региони.

– ДУИ е за тоа да имаме три изборни единици за да имаме застапеност во Собранието од сите региони. Ако не помине тоа, остануваме на старото решение со шест единици, затоа што сметаме дека изборен модел со една единица не им одговара на сите граѓани, односно на сите региони во државата – изјави пратеникот на ДУИ, Реџаил Исмаили.

Пропорционален модел со една изборна единица, според проценките, би овозможил застапеност на повеќе партии во парламентот. Со тоа, помалите партии не би биле принудени на разни предизборни сојузи, затоа што сегашниот модел со шест изборни региони ги раситнува гласовите, од кои многу одат во „ветар“, што им оди во прилог единствено на големите партии. И покрај тоа, СДСМ во последните години се залага за тоа државата да стане една изборна единица.

Премиерот Зоран Заев во една пригода оцени дека со воведување таков пропорционален модел неговата партија можеби ќе изгуби неколку пратенички места, ама дека тоа ќе биде во прилог на демократизацијата на политичкиот систем. Доколку во разговорите за измените во Изборниот законик се постигне консензус за промена на изборниот модел, партиите ќе треба дополнително да утврдат праг за влегување во парламентот и евентуално да остават простор за отворени листи. Сепак, Заев изјави неодамна дека принципот на отворени листи би се испробал прво на локални избори, при гласањето за советници.

Една изборна единица, без цензус и со отворени листи, на кои ќе има еднаква родова застапеност на кандидати, е предлогот што вчера го соопшти ДОМ. Претходно и други парламентарни партии, како НСДП и Беса, излегоа со став дека пропорционалниот модел во Македонија треба да се сведе на една изборна единица.

„Потребна е промена на изборниот модел во една изборна единица без праг, со отворени листи и еднаков број жени и мажи на нив. Ги повикуваме ‘големите’ политички партии кои преговараат за изборниот модел да си достојат на декларираните заложби за демократизација на Македонија. Овој процес води директно кон плурализација на политичката сцена и создавање услови за слободно изјаснување на гласачите. Кој е искрено за политички плурализам, ќе поддржи една изборна единица, за да има секоја граѓанска групација во општеството можност за избор на свои претставници во македонското Собрание“, велат од ДОМ. На таков начин, како што велат од оваа партија, ќе се остави простор и за помалите партии да настапуваат со автентични ставови, што значи и дека во одредени случаи ќе имаат и различен став од коалицијата во која се наоѓаат.

Пропорционалниот модел со шест изборни единици и без конкретен цензус беше воведен пред изборите во 2002 година и оттогаш според него се спроведуваа сите досегашни изборни циклуси за пратеници. Во таа една и пол деценија, единствено на изборите во 2006 година неколку помали (новоформирани) партии (НСДП, ВМРО-НП, ДОМ и ПЕИ) успеаја да обезбедат влез во парламентот преку самостоен настап, надвор од двата големи блока предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. На последните парламентарни избори, пак, двете нови партии Беса и Алијансата за Албанците успеаја да ја нарушат доминацијата на ДУИ во албанскиот блок и да ја истиснат ДПА од големата четворка.

Анализите на резултатите од изборите во 2016 година упатуваа на тоа дека уште неколку помали партии, како Достоинство или Левица, ќе обезбедеа неколку пратенички мест, на сметка на големите партии, доколку се гласаше само во една наместо во шест изборни единици. Можноста големите партии да изгубат дел од мандатите во корист на помалите политички субјекти, е една од причините поради кои концептот за избор на пратеници остана ист сите овие години, иако прашањето за нов модел се отвораше за време на сите досегашни реформи на изборната регулатива.
Александра М. Митевска