Мијалков и Камчев ќе си ја купат слободата?


По речиси еден месец поминат во притвор, Кривичниот совет на Основен суд 1 отвори можност на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, да си ја купи слободата со пари. Одбраната на Мијалков пред неколку дена поднесе предлог до судијата на претходна постапка, Весна Димишкова и како гаранција понуди имот вреден еден милион евра за да се брани од слобода.
Имот, пак, од рекордни 14 милиони евра нуди неговиот пријател со кој се заедно во Шутка, најбогатиот Македонец, Орце Камчев. Минатата недела на Камчев му беше продолжен притворот за нови 30 дена, но одбраната поднесе нов предлог, заложен имот во вредност од 14 милиони евра, негов и на неговото семејство. Од Кривичниот суд велат дека предметот на Мијалков е веќе испратен во Специјалното јавно обвинителство кое треба да даде свое мислење за предлогот на одбраната на поранешниот шеф на УБК. Сепак, од СЈО велат дека засега предметот не е стигнат кај нив, но обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот „Империја“, вели дека таа соодветно ќе одговори на ова барање на одбраната.
Можноста Мијалков да си ја купи слободата со пари се отвори откако на 5 овој месец Кривичниот совет донесе решение со кое ја одби жалбата на одбраната на Мијалков и го потврди притворот што му го определи судијката на претходна постапка. Но, во решението притворот му е потврден само по основ „опасност од бегство“. Кривичниот совет оценил дека нема основа Мијалков да биде во притвор поради влијание врз сведоци, а токму оваа одлука му овозможи да понуди гаранција за да излезе од Шутка. На 20 ноември, кога Мијалков беше уапсен, му беше одреден притвор за случајот „Тврдина – таргет“, односно за масовното прислушување. СЈО како доказ дека ќе избега нудеше допис од Агенцијата за финансиско разузнавање дека поседува 11 милиони евра, но на туѓи сметки. По десетина дена обвинителката од СЈО, Стефанова, побара да се укине овој притвор и да му се одреди нов, за истрагата за „Империја“, последниот случај кој го отвори Обвинителството, а во кој првоосомничен е бизнисменот Орце Камчев, близок пријател на Мијалков. Од СЈО тогаш брифираа дека побарале притвор за друг случај бидејќи притворот за масовното прислушување би можел да биде продолжен само два месеца, со оглед на тоа што за овој случај е предвидена затворска казна најмногу до пет години, а во случајот „Империја“ за кривичните дела за кои се гони тој е предвиден затвор од најмалку пет години. Адвокатите на Мијалков очекуваат одлука следните денови и претпоставуваат дека кога судијата на претходна постапка ќе го добие мислењето од Специјалното јавно обвинителство, истиот ден би требало да донесе одлука. Адвокатот Љупчо Шврговски вели дека на јавната седница која беше одржана минатата недела, Кривичниот совет ги прифатил нивните аргументи и утврдил дека Мијалков не влијаел врз сведоци.
„Во одлуката на судијата на претходна постапка стоеше дека Мијалков влијаел врз двајца сведоци за случајот ‘Империја’. Ние се жалевме и рековме дека ако се види зборот влијание што значи во етимолошка смисла, во овој случај ниту имало некаква закана, ниту имало некаква уцена, ниту имало укажување. Ништо од тоа не беше исполнето, судијата на претходна постапка тоа не го прифати, но Кривичниот совет го прифати нашиот аргумент и одлучи дека немало влијание врз сведоци. Едниот сведок немаше никаков контакт со Мијалков“, ни изјави Шврговски.
Тој смета дека сумата која ја нуди Мијалков со гаранцијата е пристојна и очекува судот да донесе одлука да се брани од слобода. Мијалков понудил три недвижни имоти како гаранција дека нема да бега, но одбраната не открива ниту каков имот се заложува, ниту дали е само во сопственост на Мијалков, или на роднини и пријатели, како што често знаат да понудат обвинетите во замена за слобода. Засега Мијалков останува во Шутка од каде што затворската полиција редовно го спроведува на судските процеси кои се водат против него. Тој е обвинет за масовното прислушување и уништувањето на опремата за прислушување, предмет кој претставува основа на формирањето на Специјалното јавно обвинителство.
Овој предмет за Мијалков е најсуштински и тој го следи со посебно внимание, го запишуваше цел исказот на свиркачот Ѓорѓи Лазаревски кој пред судот детално објаснуваше како го открил нелегалното прислушување во УБК и како ги „извлекол“ материјалите. Она што најмногу го погоди Мијалков на судењето, беше јавното откритие на Лазаревски дека Мијалков ги прислушувал и својата сопруга Александра Мијалкова и неговиот брат Влатко Мијалков. Освен овие предмети тој е обвинет и за нечовечкото постапување при апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, во предметот „Тортура“, како и за нелегална набавка на опремата за прислушување во предметот „Трезор“. За случајот „Империја“ сè уште нема обвинение, а Мијалков заврши во затвор по бегството на неговиот братучед, поранешниот премиер Никола Груевски.
Најбогатиот Македонец, пак, Камчев е во притвор поради два основи, и тоа опасност од бегство и опасност од попречување на истрагата и влијание на сведоци. Предметот на Камчев уште не е испратен до Специјалното јавно обвинителство. Следните денови се очекува одлука дали поранешниот шеф на тајната полиција и богатиот бизнисмен Нова година ќе ја дочекаат надвор од Шутка.

Фросина Факова-Серафиновиќ