Мицкоски во аут, власта ќе оди директно кај пратениците


Се стеснува просторот за дискусија со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за да се изведе уставната ревизија предвидена со договорот со Грција. Сепак, владејачкото мнозинство ќе направи последен обид процесите да продолжат во Собранието, иако на политичкиот хоризонт сè појасно се гледаат предвремените парламентарни избори.

Лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски нема да има. Таков формат за владејачкото мнозинство е неприфатлив, имајќи предвид дека станува збор за куси рокови што треба да се исполнат, а и досегашните средби со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, се покажале контрапродуктивни.

„Во минатото дадовме карт-бланш за техничка Влада. Ги прифативме барањата за финансирање на политичките партии, ја формиравме ДИК со претседател од ВМРО-ДПМНЕ. За возврат апсолутно не сакаа ни да разговараат за некаков начин за успешна поддршка на процесите кои се важни за државата“, изјави вчера Заев.

Обидот за одоброволување на опозициските народни избраници помалку чудно ќе оди по една друга, можеби попроодна патека, како што се смета во редовите на владејачката партија. Ќе се разговара според принципот пратеник со пратеник на колегијално ниво. Со некои од опозициските пратеници треба да има средба и премиерот Заев, иако координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев – еден од тројцата пратеници кои се појавија на гласање на референдумот (заедно со Даниела Рангелова и Крсто Јовановски) – се изјасни дека таква средба ќе одбие, а рече и дека ако има тајно гласање ќе ја напушти седницата. И Рангелова и Јовановски, исто така, кажаа дека нема да гласаат за уставните измени.

„Тоа е работа на пратениците. Тие треба да разговараат. Јас веќе одржав средба со координаторот на пратеничката група, со замениците координатори, со многу наши пратеници кои ќе разговараат со нивните колеги. Ќе се видам и јас со некои од нив за да ја постигнеме целта Македонија да ја потврди неповторливата шанса за интеграција во НАТО и ЕУ“, изјави вчера премиерот Заев.

Тој, сепак, верува дека може да има некаков резултат до крајот на неделата или почетокот на наредната. „Десетти октомври е датумот кога ќе треба да ѝ соопштиме на јавноста кои се следните чекори“, рече Заев.

Тоа, според него, ќе биде добро за државата бидејќи Македонија нема да загуби непотребни месеци, но нагласи дека останува отворена можноста целата оваа ситуација да се решава преку вонредни парламентарни избори.

Завчера вечерта речиси истовремено се одржаа седници на извршниот одбор на СДСМ и извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Првиот резултираше со овластување на претседателот Заев и координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев, да ги преземат сите потребни чекори во насока на подготовка на предвремените парламентарни избори. Во соопштението од СДСМ, меѓу другото, се потенцира дека никој не треба да се надева на амнестија, дека станува збор за многу важно прашање за земјата, а сè друго е поигрување со иднината и обид за враќање на земјата во изолација и небиднина.

ВМРО-ДПМНЕ е на став дека може да се оди на избори, но постави неколку услови: да биде разрешен актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовески и да се избере нов по предлог на опозицијата, да се формира техничка влада по пржинскиот модел со мандат од 100 дена, што би значело оставки на Заев, Спасовски и на Царовска и на нивно место министри од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ниту има причина ниту има потреба да се разговара за вакви работи. Самите институции дадоа свои коментари. Да се бара комисија која ќе провери дали референдумот бил законски, дали имало законитост во неговото спроведување и слично во услови кога претседателот на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ, како и Управниот суд во кој нема сменето ниту еден член, само по себе кажува што всушност се сака со ваквите барања“, рече Заев.

За дел од политичките набљудувачи барањата на ВМРО-ДПМНЕ се калкулантски со оглед на тоа што така временски се губи целата поента на евентуалните предвремени избори. Тие велат дека се потребни неколку месеци за смена и избор на нов јавен обвинител, а доколку и утре се конституира влада по пржинскиот модел и принципот сто дена, избори во таков случај би можело да има некаде во првата половина на јануари. Наспроти условот од договорот со Грција, според кој уставните измени треба да се направат до крајот на годината. Во барањата на опозицијата тие препознаваат обид за понатамошна опструкција на процесот.

„Тенденцијата кај опозицијата е бојкот на изборите со оглед на поставените услови кои се калкулантски и неприфатливи за владејачката гарнитура со оглед на динамиката на договорот со Грција. Евентуалната таква одлука ќе биде погубна за нив на краток рок“, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.

Временскиот теснец може да биде надминат, вели Трошановски, со оглед на скратените рокови предвидени во Изборниот законик за вонредни избори, кои може да се одржат 45 дена од нивното распишување.

„Но и тоа не е гаранција дека се ќе се почитува до крај. Не може да се исклучат дополнителни опструкции, како на пример со ДИК бидејќи претседателот е од ВМРО-ДПМНЕ или, пак, повторно да бидеме сведоци на опструкции од претседателот со (не)доделување на мандатот. Ситуацијата е пресериозна и пресложена за да може точно да се предвиди што ќе се случува“, нагласува Трошановски.

Премиерот Заев прашан дали постои опасност опозицијата да ги бојкотира изборите ако не бидат исполнети нејзините услови, рече дека не верува во таква можност бидејќи, како што наведе тој процес е заокружен кога била лидерската средба со прифаќањето на пржинска техничка влада и со тоа апсолутно е заокружен процесот.

„Секако, секогаш може да се измислуваат нови бајки и приказни или што било друго ако некој сака да ескивира процес, но да се држиме до она што е сега стратегија, она што е исправно за државата, да се обидеме прво со пратениците, па ако не, тогаш ќе ги отвориме овие дебати за учеството на сите во изборите“, изјави Заев во Охрид каде што учествуваше на научна конференција за идниот економски развој на Македонија што ја организира МАНУ.

Наум Котевски