Милошоски сега му го чува грбот на Мицкоски


Минатиот петок кога во Собранието се гласаше за уставните измени, Антонио Милошоски застана пред новинарите и побара да не се одолговлекува почетокот на седницата и веднаш да се почне со изјаснување. Нагласи дека зборува во името на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“ што беше мало изненадување во тој момент, имајќи предвид оти тој подолго време игра „соло“ во парламентот. Но, само неколку дена подоцна, откако договорот со Грција ја мина првата фаза, а ВМРО-ДПМНЕ направи чистка во своите редови, ексминистерот за надворешни работи отворено стана во одбрана на лидерот Христијан Мицкоски.
„Драматичните случувања во Собранието и нелегалниот чин против Уставот барем дадоа појасна слика за тоа кој се залага да се почитува волјата на народот од кој сме избрани, а на кого му се побитни заткулисните договори. Христијан Мицкоски, сепак, покажа дека му е побитна демократската доверба што гласачите им ја дале на пратениците, како и волјата на членството и симпатизерите. Со тој став ја заслужи мојата поддршка и како пратеник, и како член на ВМРО-ДПМНЕ од 1992 година. Консолидацијата и единството во ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на програмските определби, се потребни и полезни за демократијата во Македонија“, нагласи Милошоски.
Информациите однатре говорат дека во последниот период се интензивирале средбите меѓу него и Мицкоски, при што биле надминати сите недоразбирања. Милошоски, наводно, му дал апсолутна поддршка за водење на партијата во критичните моменти во пресрет на промената на Уставот, претседателските избори и евентуалните предвремени избори што може да се случат заедно со претседателските на пролет.
Во тој контекст, според нашите сознанија, со Милошоски е договарано тој да биде нов потпретседател на партијата, односно да го заземе местото на разрешениот Митко Јанчев. Се калкулира дека поранешниот министер има големо искуство во политиката, добро ја познава пратеничката практика и процедура, а како предност му се зема и тоа што прв од вмровската група јасно и без двоумење се изјасни дека ќе го бојкотира референдумот.
„Немам коментар“, ни одговори Милошоски на прашањето дали е точно дека ќе стане трет потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Александар Николоски и со Владо Мисајловски.


Милошоски, кој деновиве е актуелен и со нови прислушувани разговори во т.н. „бомби“, поради што Специјалното јавно обвинителство против него води предмет под името „Моќник“, се споменуваше и како наследник на Никола Груевски. Тој не криеше дека има такви амбиции, но набргу се разочара кога увиде дека поранешниот премиер ја врти водата накај воденицата на Мицкоски. Тој беше еден од потписниците на писмото во кое се бараше одложување на конгресот во Валандово, колективно претседателство и престанување со притисоците од машинеријата на Груевски. Тогаш најави дека нема да се откаже од членството, но се дистанцираше од политиките на партијата.
Во февруари годинава поднесе барање до Собранието да објави јавен оглас за избор на претседател, потпретседател и шест членови на Државната изборна комисија и ги стави во тесно сопартијците, кои немаа поим дека тоа ќе го направи. Кога Собранието сакаше да им даде пари на пратеничките групи за кампања за референдумот, од неговата матична партија молчеа, а тој самиот побара средства за „бојкот“. Не му беа доделени, бидејќи беше поединец. Недоразбирањата меѓу него и Мицкоски веројатно се стопија во оној момент кога и лидерот на опозицијата рече дека нема да гласа. Тоа, впрочем, го потврдува и ексминистерот со изјавата дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ покажал дека е принципиелен, а не поткуплив и превртлив за лични интереси.
За разлика од Милошоски, ситуацијата со Илија Димовски, кој со раководството на партијата имаше идентични проблеми, останува топло-ладна. Тој ја предводеше пратеничката група на последните седници кога започна расправата за уставните измени. Говореше во нејзино име и беше на истурени позиции. Децидно кажа и остана на зборот дека нема да гласа за договорот за името, бидејќи според него тој и другите пратеници ниту имаат мандат за тоа, ниту, пак, треба да дадат зелено светло за нешто што ги урнисува македонската држава, историја и традиција.
Сепак, не пропушташе да напомене дека партијата не смее да биде изолирана и мора да ги следи модерните текови. Веднаш по гласањето и пресвртот во парламентот, кога стана јасно дека или Мицкоски или „предавниците“ ќе мора да ја платат цената, рече оти нема да учествува во фингирани игри, за каков што го оквалификува и валандовскиот конгрес, каде што не учествуваше од истата причина како и Милошоски.

Горан Адамовски