Марина Лазаревска, дел од тимот на ИФФС: Новинарките се соочуваат со двојно вознемирување


Новинарската работа има потреба од јавна поддршка, а настаните во последните години го направија тоа поочигледно од кога било, вели новинарката Марина Лазаревска.

Како дел од тимот на Истражувачкиот филмски фестивал во Скопје (ИФФС), кој се одржува од 25 до 27 октомври во киното „Култура“ во Скопје, Лазаревска вели дека прикажувањето документарци и ангажирањето во дебати и работилници ја едуцираат и ја информираат пошироката публика за важноста на слободниот печат.

Годинава во фокусот на фестивалот е вечната борба за превласт меѓу вистината и лагата, која кулминира во дигиталниот 21 век со социјалните мрежи, и оттаму и темата „Вистина, лаги и лајкови“.

Поголемиот дел од платформата за истражувачко новинарство ПИНА, која е дел од ИФФС, е сочинет од жени, особено во оној дел кој суштински ја создава програмата.

Лазаревска вели дека како тим се залагаат за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.

– Демократија е кога гласовите на сите засегнати во општеството ќе може да се слушнат. Ако отворите кој било агрегатор, на предната страница, каде што ги покажува најчитаните вести, 90 отсто се за мажи со слики од мажи, освен во забавниот дел. Факт е дека новинарите се редовни цели на онлајн напади, но жените новинарки се соочуваат со двојно вознемирување: да бидат нападнати како новинари, но и како жени. Во екстремни случаи овие напади доведуваат до автоцензура или полошо: жените се повлекуваат од јавната сфера оставајќи една предоминантно машка средина со уште помалку женски гласови – вели Лазаревска.

Условите на жените новинарки во медиумите, смета Лазаревска, е всушност една истражувачка сторија што е недоволно разработена во Македонија.

– Платата е пониска од таа на колегите од спротивниот пол, секојдневни ситуации од типот – ако сакаш на екран мора, да ослабиш, или што ќе ти е повисока плата кога немаш сопруг и деца, потешко стигнуваат до уредничките позиции затоа што имаат сопруг и деца и слично. Проблемот е системски – вели таа и додава дека правата на жените се човекови права и тие се неприкосновени.

Исто така, објаснува Лазаревска, сакаме да поттикнеме повеќе жени да истражуваат и да пријавуваат самоуверено теми за прашања што влијаат на нив – сега.

– И не само жени, ги приоретизираме гласовите што недоволно се слушнати во медиумите и ако сакате наречете го тоа некој вид активизам. Мораме да бидеме похрабри и повлијателни од кога било – вели таа.

На годинешното издание на ИФФС ќе зборува Џејн Литвиненко од американската интернет-новинска компанија „Базфид њуз“ (BuzzFeed News), а првпат ќе гостува и претставник на „Гугл“, Даниел Жонса, од нивната Новинска лабораторија (Google News Lab).

– Очекуваме голем интерес за вториот ден во рамки на кој ќе имаме дебата за владиниот пиар и за политичкиот бонтон на социјалните мрежи и предизвиците на истражувачкото новинарство во Македонија погледнато низ призмата на помладите колеги – вели Лазаревска.

Понатаму, во рамките на фестивалската програма ќе се сподели и успешната приказна за кампањата за јавно финансирање на хрватскиот портал „Лупига“, како и претставување на успешната македонска приказна „Види вака“.

Во делот на филмската програмата ќе се прикаже истражувачкиот документарен филм „Во Фејсбук: Тајните на социјалната мрежа“ на британскиот „Канал 4“, како и краткиот документарен филм „Бајка за лажните вести“ на лондонската режисерка Кејт Стоунхил, кој нè носи во светот на фабрикувањето лажни вести во Велес. Во програмата се и два кратки македонски истражувачки документарци – документарниот филм на СКУП Македонија за „Дрисла“ и филмот „Водомила“ на „Кадар“ за борбата за чиста вода во 21 век. Публиката ќе има можност да го погледне и „Рајските документи“ со новинарите од „Зидојче цајтунг“ кои ни овозможуваат увид во тајната истрага од првиот ден на протекувањето. Понатаму, Карло Бонини од италијанскиот весник „Ла Република“ ќе ни го претстави „Дафне: Егзекуцијата“ за убиството на новинарката од Малта, Дафне Каруана-Галиција, а, пак, Мет Сарнецки од Проектот за организиран криминал и корупција – ОЦЦРП ќе го претстави „Убивањето на Павел“, посветен на проблематичната полициска истрага за убиството на белорускиот новинар Павел Шеремет.

Повеќето филмови што ќе бидат прикажани на фестивалот го допираат горливото прашање за убиството на новинарите низ светот.

– За нас беше важно да укажеме дека во времиња на хаотична медиумска средина во која царуваат лажни информации и манипулации и во која борбата за вистината е поважна од кога било новинарите треба да бидат заштитени како од општеството, така и од државата и законите бидејќи на крајот тие се борат за вистината – вели Лазаревска.

Сведоци сме, вели таа, дека генералното безбедното опкружување за новинарите во Европа е заблуда и дека истражувачкото новинарство во Европа сè повеќе е во опасност, особено по серијата убиства на истражувачки новинари во последните две години.

Ивана Настеска