Мантово прераснува во туристичка дестинација


Штип – Вештачкото езеро Мантово со зафатнина од 47 милиони кубни метри вода, втора по големина акумулација лево од реката Вардар (по Калиманци со 125 милиони кубни метри вода), станува нова туристичка дестинација во југоисточниот дел на Македонија.

Во најголемиот дел од годината водата во езерото е пријатни 24 степени, околу него има пространи ливади и шуми за прошетки. Влашките колиби се посебна атракција, а локалната власт посветено работи на новата развојна филозофија на овој за туризам како од природата создаден крај.

„Нашиот народ тука живее од тутунот, сточарството, овоштарството. Но во моментов наша нова надеж е туризмот, чија стратегиска точка е езерото Мантово кое е посетувано од сè поголем број граѓани кои ја сакаат чистата природа, воздухот, бистрите и пријатни за капење езерски води. Ние како општина, со поддршка на Владата, имаме нови идеи за реализација на проекти околу езерото кои ќе му дадат дополнителна привлечност“, вели Благој Илиев, градоначалник на малата Општина Конче, во чиј атар е езерото.

На брегот на Мантово веќе се изградени над 200 викендички. Нивни сопственици се главно луѓе кои на времето ги напуштиле блиските родни села Гарван, Загорци и Скоруша, но сè поголем е бројот на жителите на Штип, Неготино и Радовиш кои имаат изградено или поднеле барање за изградба на куќи за одмор и рекреација.

„Минатата година го завршивме проектот за прекугранична соработка со бугарскиот град Ќустендил вреден 400.000 евра. Нам од таа сума ни припаѓаат 150.000 евра со кои работиме студија за туристичкиот потенција на Мантово во која е вклучен и манастирот ‘Свети Стефан’ кој привлекува посетители. Во план ни е пред Светска банка да аплицираме за проект за локална конкурентност, вредноста е 300.000 евра, а тој проект е во завршна фаза. Правиме сè уште повеќе да го развиеме овој убав крај“, посочува Илиев.

Општината има урбанистички план за Сончева туристичка населба со локации за автокамп, хотели, ресторани, кафетерии и продавници

Но, ако тука побарате хотел за да се сместите неколку дена, или макар и само ресторан да ручате, такво нешто нема да најдете. Туристите кои преку лето доаѓаат на езерото со себе носат сè што им е потребно. Градоначалникот Илиев вели дека имаат урбанистички план за Сончева туристичка населба со локации за автокамп, хотели, ресторани, кафетерии, продавници.

Општина Конче очекува дополнителни 150.000 евра за уредување на оваа населба и вели дека има интерес за градба на туристички објекти. Илиев ја очекува поддршката од десет градоначалници од југоисточниот регион како услов да се добијат и тие пари.

Проектот за Мантово предвидува пешачка патека покрај езерото која ќе тргнува од влашките колиби, изградба на пат до селото Габревци, каде што посетителите на самото место ќе можат да го видат грнчарството како занает, пат до чуката каде што постои карпа погодна за алпинистичко искачување. Се работи и на проект за улично осветлување.

Мантово си има свои проблеми. Влашките колиби имаа маси, клупи и столови, сето тоа го уништиле вандали, па Општината одново ќе ги поставува. Исто така, и убавата дрвена ограда на партерно уредениот простор кај колибите на неколку места е скршена и оштетена. Илиев вели дека примиле на работа чувар, но тој по два месеци работа си заминал. „Немаме друго чаре освен да поставиме камери и на тој начин да се обидеме да го заштитиме имотот од несовесни поединци“, укажува градоначалникот Илиев.

Во Мантово денес може да се дојде заради следниве нешта: мирното езеро, пријатните води, убавиот и чист воздух, можноста за прошетки по ливадите и шумите, прекрасниот поглед на околината, да се види манастирот „Свети Стефан“, да се посети селото Гарван и на самото место, кај единствениот грнчар во тој дел, да се види како се изработуваат грнчарски производи, а и да се купи од нив.

„Нашата приказна допрва се пишува. Мантово ги има сите потенцијали за голем туристички центар, а тоа во едно блиско време тоа и ќе биде“, оптимист е Илиев. (И.Б.)