Македонското крафт пиво „заглавено“ во регулативите


Сакаме ли да го фатиме чекорот со пивската револуција што ги зафати светот и регионот или и натаму ќе останеме затворени во лавиринтите на институциите, наметнатите регулативи и закони кои немаат никаква врска со она што претставува занаетчиско пиварство? До каде сме и што направивме во тековната година, подготвени ли сме да го споделиме со јавноста тоа што го „крчкавме“ во нашите подруми, работилници или уште ќе вариме за себе и своите пријатели во илегала?

Ова се само некои од прашањата со кои се најавува утрешниот Крафтинг пивски салон на домашни производители на занаетчиско пиво што ќе се одржи во Кинотека на Македонија.

-Сите нови занаетчиски пива што ги сликате и пиете по европските земји својата приказна и историја ја имаат почнато токму од основите на тоа што претставува домашно пиварство од хоби. Зошто да не биде така и кај нас? Далеку од тоа и надвор од умот е мислата дека сите овие мали производители можат да застанат на патот на големите индустриски капацитети. Овие мали производители се разликуваат токму по нивната креативност, ентузијазам и без предрасуди кон дизајн на етикета и финален производ, пишува Марјан Костадиновски, автор на интернет страницата „Сакам пиво“, еден од организаторите на настанот, но и еден од пионерите на крафтинг пивото во Македонија.

Земјава, оценува Костадиновски, не е мал пазар како што обично знаеме да кажеме за се што е ново. Има простор за сите, само треба храброст и малку разум. Сакаме, можеме и мораме.

-Кога во 2014 година се собравме првпат со Слоу фуд Битола, ја разработивме оваа идеја. Воопшто немавме претстава како ќе се движи оваа сцена. Со оглед на тоа дека бев и сопстевник на првата специјализирана продавница за пива во Македонија, доаѓаа ликови кои имаа искуства со правење пиво во домашни услови. Во тоа време беше навистина тешко да се организира ваков настан, бидејќи немавме извор на суровини, ниту основни познавања од областа на пиварството. „Гугл“ и „Јутјуб“ беа сиромашни со информациии. Сите искуства ги стекнував преку моите кратки патувања по европските земји се до оној момент кога се запознав со некои луѓе кои веќе беа навлезени подлабоко во оваа дејност и со некои кои имаа дипломски теми на некои од факултетите. Решивме да направиме основи за развој на пивската сцена во иднина. Дел од тие луѓе денеска работат во соседството и Европа во мали крафт пивари и за пет години стекнаа огромно искуство кое може да го пренесат и тука, вели Марјан во разговор за МИА.

Со неговиот колега и другар Александар Матевски, исто така голем љубител, но и мајстор за пиво, се запознале кон крајот на 2014 година.

-Тој дојде во мојот дуќан, со намера да го валоризира своето знаење и искуство како мајстор-пивар со сертификат. Ме праша кои се условите за отворање мала пивара во Македонија. Му реков дека се никакви, неизводливи. Едноставно, научна фаститика. Но, од денешен аспект можам да кажам дека работите се многу сменети. Се повеќе луѓе почнаа да се интересираат за оваа гранка. Резултат на тоа е овој утрешен собир, организиран втортпат годинава. На конкурсот се јавива најподготвените она што го вареа во своите домови и подруми да го споделат со јавноста. Се надевам дека со новите олеснувања и релаксираните законски регулативи за кои „се бориме“, следната година конечно ќе имаме нови мали пивари кои ќе придонесуваат за развој на економијата и намалување на невработеноста во Македонија, кои ќе придонесуваат да бидеме конкурентни со изборот на пива, а во исто време ќе се развива и туризмот. Тоа, всушност е и дел од нашата „агенда“, да посетуваме одредени производители на пиво кај нас, во регинот и во Европа, истакнува Костадиновски.

Следното издание на Крафт салонот што треба да се одржи во март 2019 година, е предвиено да се прошири на интернационално ниво. Учество веќе потврдиле неколку пивари од соседството и Европа.

-Ќе поканиме и стручни луѓе од оваа област од тие европски пивари кои на работилници ќе го пренесат своето знаење, нагласува Марјан.

Тој најавува и развивање нов метод на дегустација – „спарување“ пиво со храна што на посетителите ќе им овозможи одблиску да се запознаат со различните вкусови и стилови на пивото.

Во Македонија засега се уште нема официјална бројка за тоа колку луѓе се занимаваат со производство на пиво од хоби (како што е со виното и ракијата).

-Со развојот на пиварството и дозволување да се отворат семејни крафт пивари, без ригорозни регулативи, ќе заживеат индустрии што се одамна во Македонија изумрени, во доцните седумдесети и раните деведесети години, како сладарите (во една може да се вработат најмалку 15 луѓе), ќе се зголемат површините под јачмен, ќе се подигнат нови хмељарници,… Кај нас нема ништо од тоа. Се се увезува. Хмељот е денес најдоходовна култура во Европа по марихуаната. Од 20 до 50 ерва чини килограм. За споредба, Србија веќе извезува хмељ. Има илјадници хекратри и нови 15 – 20 официјално регистрирани хмељари иако можеше да се „пофали“ со пропаднатите седум до осум. И сладарите беа пропаднати, а сега има пет. Во однос на пивото, Србија е втор извозник во ЕУ со околу 11 милиони евра прилив, а Македонија има над 7,8 милиони евра одлив од увоз на алкохол, од кои поголемиот процент зазема пивото, потенцира Матевски.

Според него, ЕУ малите (микро) пивари ги смета за стратегиски производствени погони и им ги дава сите можни олеснувања: помала акциза, данок како за храна или воопшто не плаќаат, сосема се ослободени, додека кај нас данокот за пивото е 18 отсто. Во Хрватска и Словенија е пет проценти.

-Најголемиот проблем тука е тоа што регулативите за производство на пиво се многу ригорозни. Во соседството, Србија Бугарија, Грција, Црна Гора, Хрватска, Словенија има по стотици микро пивари за кои не се барат никакви посебни услови. Тоа е така и според европската регулатива, а кај нас за да отвориш пивара или микро пивара ти треба бубрег, лева нога, лево око и на крај бургер. Се барат специјални објекти, документации, посебни струјомери, дозволи. Во регионот буквално можеш да правиш пиво во искречени штали, подруми, гаражи, со минимални услови. Луѓето имаат наредено ферментори, флашираат и продаваат, вели Александар.

Добро е, дополнува, што е во тек донесувањето нов закон за акциза со кој од 2019 година се очекува олабавување на условите во однос на произведените количини кои досега беа ограничени на минимум 150.000 литри пиво годишно. Потоа следува нова „борба“, за намалување на административните бариери, барањата за број вработени, наложувањата да се има хемичар, технолог. Тоа веројатно ќе се регулира со друг закон, но не знаеме кога и дали ќе биде, подвлекува Матевски.

Влезницата за утрешниот Крафтинг пивски салон е 300 денари. За првите 300 посетители е обезбедена стаклена брендирана чаша со логото, дегустација/проба на сите изложени пива, соодветна храна и специјално пенливо вино за добредојде.

Цената на поединечно пиво од секој изложувач е 100 денари.

Пивскиот салон ќе биде збогатен со музичка и видео програма на која ќе се презентира развојот на домашното пиварство во Македонија. (МИА)