Лицата со посебни потреби живеат како во кафез


Тетово – Секојдневно 55-годишната самохрана мајка Маргарита Милошевска од Гостивар мора да ја симнува и качува по скали својата 15-годишна ќерка Мартина, којa боледува од церебрална парализа. Принудена е на вакви маки, затоа што живее на третиот кат од станбена зграда во градот којa нема лифт. Станот го добила од државата како самохрана мајка, додека живеела и со постарата ќерка. Но, животот ѝ приредил уште една тешка судбина, откако се разболела нејзината помала ќерка, којa веќе 14 години за секоја потреба со тешки маки мора да ја вади од својот дом.

Маргарита вели дека е голем борец, но за да успее во борбата, потребно е и институциите да ѝ излезат во пресрет. Истакна дека со години бара да ѝ се промени станот и да ѝ се даде покрив над глава каде што има лифт.

-Добивам писма од институциите дека не е можно да ми се промени станот. Ниту еднаш не е дојдена комисија да провери и да види со што се соочувам јас. Барам промена на станот, не барам да ми дадат нов стан. Сега има нови згради со лифт, но се со многу мала квадратура, а ми велат не можеме да ти дадеме поголем. Овие деца се со посебни потреби, а ние сме со посебни проблеми. И на нив им треба поголем простор и не можеме да ги држиме во 35 квадрати. Или, пак, кај што ми е постојниот балкон да се изгради монтажен лифт. Па може заеднички да помогне и министерството и владата и општината. Значи, сега упатувам еден апел да ми помогнат. Не можам сето ова да го издржам, дека јас стареам, коските ми ослабуваат, ми се губи силата, јас здравствено не можам тоа да го издржам, рече Маргарита Милошевска.

Таа вели дека има голем број родители како неа, кои мака мачат со инфраструктурните бариери, не се откажуваат и ја водат битката, но од државата нема никаков слух. Некои кои имаат деца со посебни потреби и живеат на погорните катови од зградите одлучуваат да не ги вадат воопшто децата од дома кои буквално живеат како во затвор, исклучени се од надворешниот свет што влијае негативно на нивната социјализација, односно ментална состојба.

Ненад Ѓероски, лице со телесен инвалидитет од Тетово, вели дека монтирал надворешен лифт кој работи на систем на хидраулика. -Дома го решив проблемот, но бадијала, ако надвор се соочуваме со еден куп проблеми и бариери.

-Многу тешко е за нас инвалидите во Тетово, нема пристапни рампи во училиштата и во јавните институции. Како прво во општината нема пристапност, а камоли на друго место. Кај мене  ја реконструираа улицата и не отворија место за да поминам. Се снаоѓаме како што знаеме и умееме. Ако ми помогне некој да преминам улица, тротоар и слично добро, ако не, тоа е тоа. Мора да се преземат некои мерки за лицата со посебни потреби во Тетово, рече Ѓероски.

Засега од општинските власти нема никакви најави дека ќе преземат одредени мерки за отстранување на инфраструктурните бариери кои го попречуваат нормалното движење на лицата со посебни потреби кои поради зафатените тротоари со инфраструктурни пречки често се движат по улица.

Но, проблемите не завршуваат тука, вели Маргарита Милошевска која е и координатор на ресурсниот центар за сервис на родители, кои имаат деца со посебни потреби за западна Македонија. Државата наместо да помогне, со своите најави и постапки само им го загрозува животот на оваа категорија граѓани, чиј товар и последици сепак го носиме и ние.

-Ние сме соочени со други проблеми, еве на пример, здравствени. Сите родители по 26 години плаќаат здравство за своите деца кои се со некаков инвалидитет. Сега, на пример, мојата ќерка не партиципира, но по 26 години треба да плаќа за здравствени услуги. И цело време упорно бараме да се укине ваквото партиципирање, но сè уште ништо не е сторено. Им даваат скратено работно време на родители кои имаат лица со посебни потреби. Но, условуваат и велат, ако користиш скратено време, тогаш не можеш да користиш персонален асистент, вели Маргарита Милошевска.

Зоран Димовски