Лицата со попреченост бараат еднакви права како сите граѓани


Сузана Стојановска е мајка на две деца со попреченост. На Никола му е биолошка мајка, а на другото згрижувачка мајка. И двете деца имаат по 14 години и се осмо одделение во скопското основното училиште „Лазо Трповски“. Никола уште од прво одделение е запишан во редовно училиште, а другото дете порано учело во посебното училиште „Иднина“. Мајка им вели дека се одлично прифатени од соучениците, веќе втора година имаат и образовни асистенти кои им помагаат во совладувањето на лекциите, што е големо олеснување за нив, но и за Сузана. Таа нагласува дека е неопходно во државава да се отворат повеќе дневни центри, каде што ќе бидат згрижени лицата со посебни потреби, да им се обезбеди вработување во државните институции, ама најважно еда се промени света кај граѓаните за прифаќањето на лицата со посебни потреби.

„Во општина аплицирав за образовен асистент, немаше никаков проблем. Пред да добие образовен асистент, Никола имаше тешкотија да го совлада материјалот, на часовите не можеше да доседи ако нема некој да го анимира да му ги објасни работите, нема што да прави и му стануваше здодевно. Најмногу афинитети има за спорт. Како здружение баравме да се избрише границата до 26 години од Законот за социјална заштита, кога завршува надоместот за посебен додаток, а после преминува во туѓа нега, бараме посебниот додаток да продолжи до крајот на животот, да не преминува во туѓа нега, таа помош да им се доделува на оние што имаат таква потреба. Неопходно е да се отворат повеќе дневни центри, да бидат згрижени лицата со посебни потреби бидејќи дел имаат родителите кои се остарени и малку можат да им дадат внимание и нега. Државата треба да се погрижи овие лица да бидат вработени во државните установи“, рече Сузана.

Претседателот на граѓанското здружение „Детски свет, нов почеток“, Суарет Алишан, укажува дека е важно да се изедначат правата на лицата со попреченост во општеството, да бидат вклучени во креирањето на политиките кои ќе бидат во нивна корист.

„Како лице со попреченост, ама и како ‘Иницијатива 5 до 12’, бараме граѓаните попреченоста да не ја гледаат како болест, да нè третираат како еднакви. Ние прво треба да имаме квалитетно образование, тоа за мене подразбира дека деветтолетката треба да остане задолжителна за лицата со оштетен вид, а потоа да ми се даде слободна можност на лицата да избираат средно образование. Знаеме дека имаме лица со оштетен вид кои се успешни гимназијалци, музичари, а имаме државно училиште со застарена струка, графичка. Трагично е тоа што струката постои, а во праксата не. Ги нема машините и на тие лица нема кој да им го објасни тоа. Како тоа лице ќе биде квалификувано за на пазарот на трудот“, изјави Алишан.

Речиси 10 отсто од граѓаните во Македонија се соочуваат со некаков вид попреченост. Бараат отстранување на бариерите, како што се физичката непристапност до институциите, поголема инклузивност во образованието, развој и поголема достапност на нови сервиси за поддршка, подигнување на капацитетот на сите институции, како и подигнување на јавната свест и отстранување на дискриминацијата.

На одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата хендикеп -­ 3 Декември, претставникот на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, Чедомир Трајковски, рече дека во Македонија сè уште постои висок степен на дискриминација, стигматизација и оти на тоа треба да се работи. Побара поголема пристапност до пишаните материјални во форми кои се соодветни како Брајово писмо и аудиоформати, зголемување на бројот на толкувачи на знаковниот јазик, инклузивно образование, не само основно и средно, туку и поголема пристапност на високото образование.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје,Самуел Жбогар, нагласи дека мора да се работи на елиминирање на бариерите за лицата со попреченост.

„Овие лица имаат право на пристап до образование, култура, социјални права, вработување на иста основа како и лицата без попреченост“, истакна Жбогар.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска подвлече дека по барање на родителите на децата со попреченост е зголемен додатокот за ослободување за скратено работно време за секој родител и тоа да биде 50 проценти од просечната плата.

„Со ова овозможуваме да се прави превенција пред процесот на деинтитуционализација, да не се дојде до момент родителите да се откажат од детето“, рече Царовска.

Таа додаде дека секој родител што се грижел за своето дете со попреченост до неговата 26. година и не го дал во институција ќе може да оствари право на пензија, иако не ги исполнува условите за тоа, тогаш кога ќе ја исполни старосната граница – 62 за жени и 64 за мажи. Таа објасни дека во Заводот во Демир Капија нема деца од 0 до 18 години, последната група е извлечена и е донесена во мали групни домови во Скопје. Досега, според Царовска, за една година се извлечени 34 отсто од вкупниот број деца од институциите.

Приоритет на Владата е да се создадат еднакви услови и можности за лицата со попреченост. Премиерот Зоран Заев нагласи дека е формирано координативно тело во Владата кое донело акциски план за забрзано спроведување на насоките од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. „Основното начело на оваа Влада е признавање на вроденото достоинство и еднаквите неотуѓиви права на сите членови на човековото семејство, како темел на слободата правдата и мирот во светот. Затоа се залагаме и работиме на создавање еднакво општество за сите“, рече Заев.

Додека претставниците на Власта објаснуваат дека работат на подобрување на условите реалноста и податоците на истражувањата и натаму сигнализираат слабости.

Предучилишното образование не ги нуди потребните услови и можности за прием и оптимален развој на секое дете. Во голема мера се намалуваат можностите за рана стимулација, што го отежнува престојот на децата со попреченост во градинките, кој се сведува најчесто на згрижување, но не и на воспитна компонента и ран стимулативен развој. Овие недостатоци ги покажа извештајот од спроведеното истражување за вклученоста на децата со попреченост во предучилишното образование изготвен врз база на податоците од анкетните прашалници доставени до предучилишни установи во Македонија во периодот 2017/2018 година, а подготвен од канцеларијата на Народниот правобранител, невладината организација „Отворете ги прозорците“ со финансиска поддршка на Европската Унија и канцеларијата на УНИЦЕФ.

Истражувањето покажало дека градинките што се изградени на две или на повеќе нивоа, немаат лифт, катовите се поврзани само со скали. Рампите на влезот не се секогаш градени според стандардите, занималните се проектирани за 20 деца, а во групите има повеќе од 30 деца.

Дури 58,5 отсто од градинките одговориле дека не располагаат со дидактички помагала.

Заменик-народниот правобранител Мустафа Бајрамовска посочи дека некомпетентноста на стручните тимови и отсуството на дефектолози во градинките ја прават потешка работата со децата со попреченост, оти дефектолозите се клучни носители во инклузијата.

Вероника Мароска-Леова