Кој го избра Иванов?


Роберт Несими

Во последно време се чини дека во политичката сцена нема потрагично-комична фигура од онаа на претседателот Ѓорге Иванов. Како вистински Дон Кихот тој е влезен во за него света мисија, во која се бори против фиктивни непријатели, во одбрана на земјата како што тој ја замислува, а без притоа да разбира дека ова се други времиња каде што веќе нема место за неговите антички трикови. И во ова негова последна авантура тој константно ги пречекорува неговите овластувања и неколку пати го крши Уставот, во обид да ги спречи процесите зад кои стои мнозинството на граѓаните во Република Македонија.

Комичното, се разбира, е фактот што тој не разбира дека е само „тигар од хартија“, а таков и секогаш бил. Во првите осум години тој црпеше моќ од власта на ВМРО и целосно беше нивна марионета, а со заминувањето на ВМРО во опозиција веќе речиси ништо не е во негови раце. Во наредните неколку месеци тој може само да го забави, но не и да го спречи евроатлантскиот пат на земјата.

Во секој случај, неспорно е дека Македонија би била во далеку подобра позиција и полесно би преминала некои пречки ако имаше поспособен претседател, со појасна визија за иднината. Во последно време се зборува и за можноста на импичмент на Иванов, што би било целосно исправно со оглед на неговите престапи при извршување на неговите задачи. Но пред да се впуштиме во такви политички комбинаторики редно е да се потсетиме како тој дојде на тоа место, и тоа во два наврати. Се чини дека е заборавено дека тоа му успеа токму со помош на некои групи кои денес се меѓу најгласните за негово разрешување.

Иванов беше првпат избран за претседател во 2009 година. Тазе на власт тогаш беше коалицијата ВМРО-ДУИ, а претседателските избори се одржаа заедно со локалните избори. Како коалициски партнери ВМРО и ДУИ одлучија да настапат заедно во вториот круг на локалните. Од друга страна кандидатот на ДУИ за претседател, Агрон Буџаку, испадна во првиот круг па на ДУИ му беше чист патот да го поддржи Иванов во вториот круг. Мобилизацијата на нивните гласачи беше лесна, бидејќи истиот ден се гласаше и во вториот круг за градоначалници. Со оглед на слабоста на СДСМ во тоа време, Иванов освои лесна победа. Значи, во неговиот прв мандат Иванов беше избран со гласовите на ВМРО и ДУИ, а поддршката која ја доби од ДУИ беше јавна.

Работите во 2014, кога Иванов беше избран вторпат, беа многу покомплицирани. По долгото владеење на ВМРО и ДУИ, кај електоратот на ДУИ веќе се чувствуваше замор од подредената позиција кон ВМРО и воопшто не беше сигурно дека тие би го подржале Иванов. И да добиеја таква наредба од партијата, постоеше реална опасност тие да излезат да гласат, но да го заокружат кандидатот на опозицијата Стево Пендаровски. Но со гласачите Албанци во апатија, без некоја поголема заинтересираност за претседателски избори, клучна важност добиваше СДСМ. Тој тогаш можеше да игра со бојкот на изборите и тогаш веќе немаше никаква шанса да се достигне потребниот цензус од 40 отсто.

Во ваква ситуација за коалицијата ВМРО-ДУИ во 2014 клучно беше да се најде начин граѓаните да се мотивираат да излезат на гласање, но граѓаните Албанци некако да се спречат да не гласат за Пендаровски. Па беше редот коалициските партнери повторно да глумат некакво недоразбирање и конфликт, какви често милуваа да прават за излез од непредвидливи ситуации. Така неколку месеци пред претседателските избори, во почетокот на 2014 година ДУИ излезе со барање за консензуален претседател. Се разбира, ВМРО експресно го одби таквото барање, и еве ти одеднаш криза во владејачката коалиција. И, се разбира за излез од таква „криза“ решение беа парламентарни избори, кои одеднаш исполнија неколку потреби на ВМРО и ДУИ.

Парламентарните избори беа закажани заедно со вториот круг на претседателските. И токму овој факт го разоткрива целото однапред смислено сценарио. Имено ако ДУИ навистина сакаше консензуален претседател и беше искрена во кампањата за бојкот, таа не би прифатила предвремени парламентарни избори или би барала тие да бидат во првиот круг на претседателските, како што и би било пологично. Но во тој случај потребната излезеност од 40% би била под знак прашалник и опасноста од бојкот би била реална. Со одржување на парламентарните избори во вториот круг на претседателските овие проблеми лесно се надминаа. Кампањата на ДУИ за бојкот тогаш би го имала нејзиниот вистински ефект, т.е. да ги спречи Албанците да не гласат за Пендаровски, без притоа да се загрози цензусот од 40 отсто потребен на Иванов. И овците на број и волкот сит. Иванов лесно дојде до втора победа, повторно со помош на ВМРО и ДУИ, а сиот измислен конфликт околу „консензуален претседател“ овие партии добро го искористија за добар резултат во парламентарните избори 2014. Се разбира „конфликтот“ одеднаш исчезна откако изборите завршија, а по неколку дена двете партии повторно заеднички формираа влада.

Па така, при наредниот престап на Иванов и кога повторно ќе се зборува за негов импичмент, никако не смее да заборавиме како овој човек дојде до таква висока позиција. Пред сѐ, тој е резултат и еден од остатоците од некогашната режимска коалиција ВМРО-ДУИ.