Компјутери во магацините, наместо во рацете на децата


Речиси половина од компјутерите доделени на училиштата како дел од проектот „Компјутер за секое дете“ се нефункционални, украдени или скапуваат во магацините на образовните институции во државава. Центарот за истражувачко новинарство СКУП – Македонија дојде до фрапантни податоци за состојбата со училишните компјутери кои наместо да ги образуваат децата се претворија во декор или завршија во електронски отпад. Ова го покажа истражувањето што го реализираше СКУП во изминатите пет месеци, а со кое беа опфатени основните и средните училишта во државава.

Проектот „Компјутер за секое дете“ е една од најголемите инвестиции во областа на образованието. Пред десет години беа обезбедени 17.818 персонални компјутери, 98.710 ЛЦД-монитори, 98.710 тастатури и глувчиња и 80.892 тин-клиенти за основните и средните училишта во Македонија. Но, наместо да создадат вундеркинд-генерација, која ќе биде во чекор со светските трендови, компјутерите се претворија во „багаж“ на менаџерите во училиштата кои сега бараат начин како да се ослободат од нив. Главната причина е што голем дел од нив се украдени, оштетени или, пак, се чуваат во училници и магацини во училиштата, а директорите мака мачат што да прават со нив. Неретко и оние што се во функција работат со недостатоци или, пак, не се вклучуваат бидејќи не постојат услови за тоа, па како такви скапуваат во подрумите.

„Имаме пет компјутери во функција, но по нешто фали на секој од нив. Екранот го потпираме со ранец, маус земавме од друг нефункционален компјутер. Фактички, кога ќе се спојат деловите од сите овие пет компјутери, може да добиеме еден нормален компјутер“, раскажува една од наставничките во скопско основно училиште.

Нашето истражување покажа дека поради лошото одржување и отсуство на редовно и систематско сервисирање на опремата, бројот на компјутери во македонските училишта од ден на ден е сè помал. Некаде немаат ниту еден компјутер.

Нема ниту еден компјутер од проектот кој е во исправна состојба. Односно, сите се наоѓаат во подрумските простории како електронски отпад. Воедно, ние бараме начин како да се ослободиме од него“, вели Фросина Трисковска од средното училиште во Битола „Д-р Јован Калаузи“. Според последниот конкурс за упис во средните училишта во Република Македонија, ова училиште брои 306 ученици во 9 паралелки. Компјутери немаат ниту во училиштето „Коста Рацин“.

Милена Атанасоска-Манасиева – новинар во Факултети.мк, која ја следеше реализацијата на проектот „Компјутер за секое дете“, за СКУП оценува:

Проектот ‘Компјутер за секое дете’ од самиот почеток беше погрешно имплементиран. Од оваа дистанца се чини дека немаше никаква подготовка за тоа, без доволно сознанија за тоа колку училишната инфраструктура е развиена за да се воведе оваа новина. Теренот не се подготви. Затоа во многу училишта компјутерите останаа во подрумите, неотпакувани“.

Резултатите покажаа дека кражба на компјутерите и компјутерската опрема е еден од проблемите со кој се соочуваат училиштата. Вкупно 15 компјутери биле украдени од две средни училишта, а 464 компјутери се украдени од вкупно 11 основни училишта.

Почна амбициозно, заврши неславно

Проектот „Компјутер за секое дете“ почна во 2007 година и е надграден во 2009 година, а имаше за цел да овозможи олеснување во учењето на децата и надградување на нивното знаење, како и што е објаснето во Националната стратегија за развој на е содржини 2010/2015. Првичните изјави во јавноста беа дека проектот чини 21 милион евра, но сумите се зголемуваа од година во година со нови набавки на компјутери, кои освен на учениците беа доделени и на наставниците. Јавноста не ја дозна конечната официјална бројка за тоа колку конечно чини проектот „Компјутер за секое дете“ со сите трошоци околу неговата реализација.

Средното училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка добило 120 компјутери, како дел од проектот. Но од нив во училници се распоредени само 20 компјутери. „Училиштето обезбеди поквалитетна и посовремена настава со ИКТ-опрема, со набавка на 11 смарт-табли и 12 телевизори, кои се поврзани со интернет“, се пофалија од училиштето.

И во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани користат само мал дел од компјутерите. Од 418 донирани компјутери во функција се само 78. „Причината за намалување на бројот на функционални компјутери се честите кражби кои се случуваа, како и насилното влегување во училишните простории. Исто така, имаме и голем дел на компјутери кои се неисправни, со изгорени процесори, матични плочи, кои од финансиска гледна точка не сме во состојба да ги поправиме и да ги пуштиме во употреба“, велат од училиштето.

Во средното училиште „Арсени Јовков“ од Скопје им биле донирани 186 компјутери во 2009 година. Од нив, во функција се само 22. Сите други се или украдени или оштетени. Слично е и во основното училиште „Стив Наумов“ од Скопје, каде што од донираните 593 компјутери, само 40 функционираат, додека за другите немаат делови.

Во некои училишта компјутерите не се во функција поради варирање на напон во електрична енергија. Таков е примерот со Основното училиште „Димката Ангелов Габерот“ од Кавадарци. Иако им биле донирани 286, училиштето сега располага со само 60 компјутери. Другите не работат поради старост, нестабилна струја и механички се оштетени. Во средното училиште „Јосип Броз Тито“ од Битола дел од опремата стои неотпакувана бидејќи не можела да биде инсталирана. Во училиштето „Лазо Мицев-Рале“ од Кавадарци велат дека им биле донирани 10 монитори и едно куќиште, но иако се исправни тие не ги користат поради, како што велат, училиштето е специфично – музичко и балетско.

Мали придобивки

Општа е оценката дека придобивките од проектот се мали од причина што за краток временски период компјутерската техника откажала. Без редовно одржување, без сервисирање, во значителен обем таа брзо станала неупотреблива. Јулијана Тодоровска, директор на ОУ „Димитар Македонски“, од Скопје вели:

,,Во текот на 2009 и 2010 година имавме две донации од кои вкупно 308 работни места, значи 308 тин-клиенти,со монитори,тастатури и мауси. Исто така беа донирани 141 ученички лаптоп и 32 наставнички лаптопи. Во моментот имаме на располагање 256 компјутери, од кои 106 се спакувани бидејќи се гради нов училиштен објект и тие компјутери не сме во можност да ги распоредиме, немаме доволно простор. Другите се распоредени во шест училници и се во функција“.

Законот за основно и средно образование ги обврзува наставниците 30 отсто од наставата да ја изведуваат на компјутер, но тоа не се применува секаде поради дотраеноста, кражбите или несоодветната инфраструктура за употреба на компјутерите. Во голем дел училишта се пожалија дека мора да импровизираат за да ги исполнат одредбите во законот. Па така, наместо со еден компјутер да ракува еден ученик, неретко повеќе ученици седат на еден компјутер, а онаму каде што нема компјутери се прават разни комбинации за да се импровизира или, пак, воопшто не се употребуваат компјутерите.

Од Министерството за образование и наука по писмен пат ни одговорија дека компјутерите се дадени на трајна употреба на училишта и дека тука престанала нивната обврска.

Анкета на СКУП: „Не ги користат, ги украдоа“

Новинарската екипа на СКУП направи анкета меѓу ученици и родители за тоа какви се нивните согледувања и сознанија со користењето на опремата во редовната настава од мегапроектот на државата „Компјутер за секое дете“.

Ленче Јовановска, ученичка од IV година во СОУУД „Димитар Влахов“ во Струмица:

Не користиме компјутери во училиште. Ги користевме само една година, но децата не ги чуваат. Ги уништија уште во првата година“.

Сестра на ученик од I година во ССОУ „Моша Пијаде“ од Тетово:

Не ги користат, ги украдоа“.

Ученик од IV год. во СОУ „Никола Карев“ од Струмица:

Работиме на компјутери, но само во тие кабинети каде што има компјутери“.

Родител на ученик во СОУ „Јане Сандански“ од Струмица:

Компјутерите се користеа неколку години, но сега се тргнати од училниците. Ги има само во дел од кабинетите. Наставниците на учениците им задаваат домашни задачи да ги решат на компјутер, ама за дома“.

Ученик од VII одд. во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје:

Во повеќето училници имаме компјутери, но не работат. По информатика учиме ‘Пауерпоинт’ и правиме проекти, во истата училница имаме и изборен предмет каде што правиме и наши игри. Но компјутерите се исправни само во кабинетот по информатика“.

Ученичка од V одд. во ОУ „Стив Наумов“ од Скопје:

Во наставата во петто одделение не пишуваме и не учиме на компјутер. Не користиме компјутери. Во повисоките одделенија користат“.

Родител на ученичка во V одд. во „Стив Наумов“ од Скопје:

Имаат компјутери во училиште, но ги користат во повисоките одделенија од шесто и деветто одделение. Во прво, второ и трето одделение користат мини-компјутер, во четврто и петто одделение не користат воопшто.
Мислам дека не се обезбедени доволен број компјутери во однос на бројот на ученици во училиштето. Не знам дали причините се финансиски средства или обезбедена била ограничена бројка на компјутери по училиште.“

Родител на ученик од VI одд. во ОУ „Гоце Делчев“ – Штип:

Децата ретко користат компјутери по информатика, и тоа 2-3 деца на еден компјутер. Значи, нема доволно компјутери за секое дете. Сите компјутери се надвор од употреба“.

Оваа непосредна анкета објаснува дека во Република Македонија дури во 7 од 10 училишта компјутери се користат импровизирано, половично, несистематски. Најчесто повеќе деца делат еден компјутер.

Теодора Цветковска, Љубица Иванова и Ѓургица Бојчовска

(Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП – Македонија во рамките на проектот НЕД „Промовирање отчетност преку истражувачко известување“.)