Стефан и Михаил Младеновски: Кои се браќата што открија детали за упадот во Собрание?


Браќата Стефан и Михаил Младеновски се првите обвинети за случајот „27 април“, кои пред јавноста и судот обелоденија детали за тоа кој го организирал влегувањето во Собранието. Иако тие двајца маскирани влегоа во Собрание, пред судот рекоа дека ќе ја кажат нивната вистина и ќе кажат факти кои би оделе во нивна корист, но и на нивна штета. Според нивните сведочења, упадот бил планиран, сите насоки ги давал Александар Василевски-Нинџа, кој во јавноста е познат како близок соработник од подземјето на поранешната власт, а организатори на крвавиот четврток биле поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски и негови блиски соработници, меѓу кои беше споменат и разузнавачот Никола Бошкоски кој е во бегство.

Стефан Младеновски е познат по прекарот Кобра и неговото име не се поврзува со политиката, но неговиот брат Михаил Младеновски е активен во политичкиот живот од 2007 година. Пред повеќе од десет години, една година по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, Михаил Младеновски ги организираше протестите против државната матура. Иако тогаш тврдеше дека зад протестите не стои ниту една политичка партија, Младеновски стана генерален секретар на СДММ, подмладокот на СДСМ. Но потоа почна протести против партијата од која произлезе, конкретно против поранешниот претседател на партијата, Бранко Црвенковски. Го обвини дека бил нападнат од лица кои биле блиски до Црвенковски, односно пријави дека го претепал командант Коки.

Беше на чело на невладината „Младинска организација за демократска иднина“, која протестираше против Црвенковски пред седиштето на СДСМ. Во 2013 година најави дека на претстојните локални избори ќе настапат со независни кандидатски листи, незадоволни од последните одлуки на СДСМ. Преку акција насловена „Денар за Бранко“ сакаше да покаже дека на Црвенковски му се важни само моќта и парите. Неговите поранешни соработници објавија фотографија во јавноста на која се гледа дека Михаил седи на кафе со функционери на ВМРО-ДПМНЕ заедно со синот на Сашо Мијалков и го обвинија дека соработувал со Унијата на млади сили на ВМРО–ДПМНЕ. Бргу потоа премина во ВМРО-ДПМНЕ и ги бранеше политиките на поранешната власт и ги обвинуваше за насилни сценарија неговите поранешни соработници. Неговото име беше споменато и во „бомбите“ во разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот шеф на УБК, Мијалков. Во разговорот Јанакиески му кажува на Мијалков дека добил информација од Михаил дека поранешниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, го повикал на средба. Самиот Михаил му предложил на Јанакиески да влезе кај него озвучен и да почне да зборува со него за пари, за да го испровоцира. Тогашните опозициски портали пишуваа дека Стефан и Михаил Младеновски се во бандата на Нинџа и дека поранешниот шеф на УБК, Мијалков, ги користи за пресметка со политичките неистомисленици.

Во своите сведочења браќата кажаа дека со Нинџа се познавале од поодамна и дека со него се среќавале често и добивале насоки, а упадот во Собрание се планирал од поодамна. Сепак, во своето сведочење не го споменаа името на Мијалков и на поранешниот премиер Никола Груевски, туку го обвинија тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кој беше поставен на чело на УБК по оставката на Мијалков. Атанасовски ќе остане запаметен по историското „отвори, отвори“ на специјалната обвинителка Катица Јанева, на која не и дозволуваше да влезе во тајната полиција и да земе податоци од системите за прислушување.

По селективната амнестија што ја најави премиерот Зоран Заев, повеќето од обвинетите се откажаа од својата одбрана и не дадоа исказ пред Судот.

По сведочењето на браќата, исказ во судот даде обвинетиот Игор Југ, а повеќе од четири часа сведочеше обвинетиот Влатко Трајковски. Игор Југ во својата одбрана порача дека е гневен на партијата во која бил член од деведесеттите години, но не обвини никого дека го пратил во Собранието тој ден. Ги објасни СМС-пораките кои беа презентирани како докази во судот.

Првата порака што ја објасни гласи: „Тие што ме пратија во Собрание, тие и ме осудија. На тие што им вршев нивни работи цел живот, тие ме гонат. Ние по домови, по затвори и бегства, а куртони во фотелја“. Како што рече тој, под „тие“ мислел на политичарите што се појавуваат по телевизии.

„Под нив ги подразбирам сите оние што се појавуваа по телевизиски емисии, весници обраќања и прес-конференции и го повикуваа 60 дена и повеќе народот да излезе на улица и да си ја брани татковината, но не собраа храброст да му се придружат на истиот тој народ. Само пратеникот Антонио Милошоски најде доблест и чест да излезе со народот, а и по 27 секогаш го поддржуваше“, рече Југ.

Тој пред судот зборуваше за својата разочараност од бившото раководство на ВМРО- ДПМНЕ. Рече дека тој е вмровец, а не дпмнеовец.

„За мене нешто најсвето е идеологијата на организацијата, не на партијата. Во секој нов претседател на партијата барам нов Тодор Александров, кој ќе спие заедно со својот народ на гол камен, кој ќе дели леб со својата војска. Не ми требаат водачи со милиони на своите банкарски сметки, со јахти и со купишта лаги за народот. Тие што со денови нè подбуцнуваа и потпалуваа уште првата вечер се откажаа од нас“, рече обвинетиот.

Обвинетиот Влатко Трајковски, еден од обвинетите за случајот „27 април“, пак, рече дека им било најавувано дека вратите во Собрание на 27 април ќе бидат отворени, снимките ќе бидат избришани, а внатре ќе ги штитат структури на УБК.

Утре се очекува својата одбрана и својата вистина за тоа кој го организирал упадот во Собрание да ја каже и Нинџа.

Фросина Факова-Серафиновиќ