И баџанакот на Талат Џафери во Антикорупциска


Со 65 гласа „за“, 10 воздржани и ниту еден против, Собранието вчера ја донесе одлуката за именување на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

За претседател на Комисијата е избрана Билјана Ивановска, која била најдобро рангирана од кандидатите што конкурирале за тоа место. За членови се именувани: Владимир Георгиев, државен советник на секретаријатот на Антикорупциска, Софка Пејовска, раководител на сектор за спречување на корупција во Антикорупциска, ревизорката Катица Николовска, потоа Нури Бајрами, вработен во Општина Гостивар, Горан Трпеновски, долгогодишен новинар, како и Салаи Шемши, вработен во Општина Врапчиште.

Нури Бајрами беше членот кој вчера предизвика најголемо внимание во Собранието бидејќи е баџанак на  претседателот на парламентот, Талат Џафери. Тој рече дека роднинската врска со Џефери нема да влијае врз неговата работа, ниту одлучувањето. Тој додаде дека не е во крвно сродство со Џафери – тој е женет со сестрата на сопругата на Џафери.

„Нема шанси, нема да потклекнам на никакви притисоци и ќе се борам со секаков вид корупција, и со високата.“

Шефицата на Антикорупциска, Ивановска (55), за која членовите на Комисијата за селекција на кандидатите напишале дека „врз основа на дадените одговори се оцени дека кандидатот има големо искуство во борбата против корупцијата и има јасна визија за работата на Комисијата“, е овластен ревизор.

Во Државниот завод за ревизија е вработена во 2000 година, а од 2013 преминува во ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош. Ивановска, како што беше објавено, била вработена и во Министерството за финансии како началник на Одделението за буџетско сметководство, а работела и како стручен соработник во повеќе собраниски комисии. „Чувствував лична, професионална, граѓанска должност да се пријавам на овој прв отворен конкурс за членови на комисијата и сметам дека таа ќе застане на браникот на јавниот интерес“,  рече Ивановска. Таа додаде дека ќе создаде моќна антикорупциска сила, а „најголеми антикорупционери се слободните граѓани“.

Пратеникот Јован Митревски од СДСМ во текот на расправата рече дека изборот на новите членови на Антикорупциската комисија е направен транспарентно и оти била оневозможена каква и да било партиска поврзаност.

Владанка Авировиќ од независната пратеничка група, која беше дел од Комисијата за селекција, оцени дека е добар начинот на кој се избрани кандидатите и оти на најмало можно ниво бил сведен субјективизмот.

„Како пратеници во натамошниот период мора да дадеме придонес на сличен начин во речиси сите регулаторни тела, агенции…“,  рече Авировиќ.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека ќе гласаат воздржано за да покажат одредена резерва во однос на сегментите за непропорционално бодување на интервјуираните кандидати.

„Го поздравуваме заклучокот на Комисијата да бидат објавени индивидуалните бодувања за да може и јавноста да ја види дискрепанцата во одредени бодувања“, рече Мицевски, додавајќи дека првите реални резултати на оваа комисија се очекуваат веќе на претстојните претседателски избори.

На јавниот оглас за членови на Антикорупциска, од пријавените кандидати беа селектирани 57 кои беа интервјуирани до средата од страна на посебна Комисија за селекција. Секој кандидат можеше да добие максимум 100 поени. Искуството и достигнувањата во борбата против корупцијата носеа максимум 40 бодови, а 60 бодови кандидатите можеа да добијат врз основа на тоа како се покажале на интервјуата.

Согласно со новите овластувања на Државната комисија за спречување на корупцијата, таа може да го следи и претстојниот изборен процес во делот на финансирање на политичките партии. Покрај тоа, новиот состав на комисијата ќе има можност да ги разгледува банкарските сметки на функционерите, како и да врши проверка на имотот. (Н.К.)