Истражување на АГТИС: Поголем број од граѓаните не гледаат реформи


Граѓаните се поделени во однос на тоа дали Владата спроведува суштински или само формални реформи, иако се услов за отворање преговори со Европската Унија во јуни 2019 година. Дури 44 отсто од нив сметаат дека Владата, всушност, не спроведува реформи, а 41 отсто го сметаат спротивното (15 отсто немаат изградено став). Поголемиот дел од граѓаните оценуваат дека постои волја, но не и способност кај извршната власт да се спроведат успешни реформи. Поточно 48 отсто од нив сметаат дека Владата не поседува способност да го реализира успешно реформскиот план (12 отсто делумно го мислат тоа), наспроти 33 проценти што сметаат дека таа има таков капацитет. Четириесет и девет отсто сметаат дека таа има волја (осум отсто делумно се согласуваат со тоа), а 34 отсто сметаат дека и тоа ѝ недостига.

Ова се дел од резултатите од истражувањето на јавното мислење на Асоцијацијата за граѓанска толеранција и соработка, како дел од проектот „Детски болести на демократијата“ направена на 1.030 испитаници во периодот меѓу 15 и 20 месецов, во седум града и 14 села групирани во шест регион.

Иницијалните сознанија за состојбите со владините реформи ги добиле преку следење на реформите, од нивното планирање, во текот на 2017 година, иницијативите на невладините организации и нивните мрежи, па до владините отчети и извештаите на домашните и странските организации, кои ја следат имплементацијата на реформските планови.

Покрај тоа, АГТИС спровел серија интервјуа со лица инволвирани во реформските зафати, но го анализира и извештајот на Прибе, извештаите на Светска банка, групата ГРЕКО… Со тоа, како што велат, ја добиле појдовната слика за реформите која влијаела и на самиот прашалник.

„Резултатите покажуваат слаба посветеност кон реформите, лутање во изборот на тимови и модели за реформи, значајни недоумици за насоките на реформите, недостаток на конкретни решенија, нетранспарентни одлуки, неточно преставување на постигнувањата на владата, па дури и фингирани резултати“, се нотира во извештајот, каде што се додава дека друго прашање е дали граѓаните тоа го виделе и дали тоа делувало на поимањето и нивната проценка на реформите.

Спроведената анкета покажува дека најголем број граѓани, или 64 отсто, потврдно одговараат на констатацијата дека реформите се прават со цел земјата да влезе во ЕУ и НАТО, додека 41 отсто се согласуваат дека реформите се во насока на подобрување на условите за живот. Четириесет и седум отсто од испитаниците, пак, веруваат дека тоа се прави за да се воведат нови давачки за граѓаните, а 43 отсто за да се намали партизацијата на институциите.

Сепак, она што може да се заклучи од истражувањето е дека повеќето граѓани ги доживуваат реформите пред сè како општествена неопходна потреба. Речиси половина испитаници, или 48 отсто од нив, не се согласуваат со констатацијата дека реформите не се важни затоа што во ЕУ долго нема да не примат (34 отсто се согласиле).

Анкетата дојде откако реформската агенда почна да се враќа во Собранието. Со двотретинско мнозинство пратениците дадоа зелено светло за измените во законите за јавно обвинителство, за кривична постапка и за судовите. Токму обезбедувањето двотретинско мнозинство, 54 отсто од испитаниците во анкетата го лоцираа како една од причините зошто реформите се спроведуваат со слаб интензитет. Најголем дел од нив, или 66 отсто, сметаат дека не може да има успешни реформи без попис на населението, а 37 отсто посочуваат дека референдумот бил пречка за реформите.

Анкетата на АГТИС покажува раст на довербата кај граѓаните во однос на тоа дали реално постои тројна поделба на власта (извршна, судска, законодавна). Сега 42 проценти се согласуваат со тоа (25 отсто не се согласуваат, 14 отсто делумно, а 19 не можат да проценат) – за разлика од истражувањето спроведено во 2016 година, кога 57 отсто од испитаниците рекле дека не постои во практика реална поделба меѓу властите.

Истото може да се каже и за довербата во однос на тоа дека институциите се навистина независни од премиерот и најблиските соработници. Во 2016 година 65 отсто сметале дека се зависни, а сега таа бројка е намалена на 52 отсто (19 отсто сметаат дека се независни, 16 делумно се согласуваат, а 13 не можат да проценат). Потребното време да се заврши една работа во институциите за 48 отсто од испитаниците, пак, е исто како и порано, 23 отсто сметаат дека е подолго, а 18 пократко.

Испитаниците како дел од истражувањето даваат и оценка околу тоа кој од функционерите најмногу придонесува за реформите, но го „полагаат“ и тестот на познавање на личностите од владата и политичкиот живот, од што може да се види колку тие ги мешаат функцијата и славата на одредена личност.

Прв на листата за придонес во реформскиот процес е премиерот Зоран Заев со 3,6 реформски скор. Зад него се Шекеринска со 2,4, Оливер Спасовски 1,99… Потоа следуваат министерката за труд и социјала Мила Царовска, вицепремиерот за економски прашања Кочо Ангушев… Интересно подолу на скалата се наоѓа шефот на преговарачкиот тим во скрининг-процесот, вицепремиерот Бујар Османи (1,33 реформски скор), а веднаш зад него е шефот на државата Ѓорге Иванов со скор од 1,22. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, има скор од 1,04.

Титулата на тестот за препознавање, исто така, ја освојува Заев. Него сите го познаваат. Зад него е Шекеринска со 1,9 отсто испитаници кои не ја познаваат. Во групата функционери кои за анкетираните се непрепознатливи се наоѓаат министерот за економија Драган Тевдовски (39 отсто), пратеникот Павле Богоевски и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски (38,5 отсто), потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски (38 отсто), министерката за правда Рената Дескоска (29,2)… Лидери во овој сегмент се министерот за економија Крешник Бектеши, кој не го познаваат 53,4 отсто од испитаниците и неговиот колега од Министерството за култура Асаф Адеми (40,8 осто). (Н.К.)