Интервју со Стево Пендаровски: Мицкоски не го блокира Заев, туку Македонија


Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, пред заминување за Брисел оценува дека предвремени избори сигурно ќе го доведат во опасност договорот од Преспа – не само затоа што рокот за негово имплементирање до крајот на годинава ќе биде надминат, туку затоа што може да биде надминат и мандатот на владата во Атина. Пендаровски следната недела заминува со поголема македонска делегација во Брисел, каде што почнуваат преговорите за членство на земјава во НАТО – процес што зависи од понатамошното спроведување на договорот со Грција.

В понеделник во Скопје почнува собраниската расправа за пристапување кон уставни измени. В четврток во Брисел, пак, Македонија ги почнува преговорите со НАТО за полноправно членство. Колку неизвесноста на првиот процес – спроведувањето на договорот за името придонесува за неизвесност на вториот процес – односно за пристапувањето на земјата кон алијансата?
-Од 2008 година до денес е јасно дека евроатлантските интеграции се невозможни без договор за името. И сè досега изгледаше дека неизвесноста во спроведувањето на договорот повратно влијае врз неизвесноста за пристапување во членство во НАТО. Меѓутоа, со потврдата на термините за првата рунда пристапни разговори во Брисел на 18 и 19 октомври кои, инаку, ги имавме договорено пред референдумот, НАТО во исто време, де факто, даде поддршка и на нашиот внатрешен политички процес за уставни промени во постреферендумскиот контекст.
Зошто е тоа така? Имено, во НАТО не ги толкуваат резултатите од референдумот на ист начин како македонската опозиција, дека наводно договорот од Преспа е мртов затоа што 1,2 милион луѓе на референдумот рекле „не“. Како и сите ние тука, така и во Брисел ги знаат ноторните факти дека околу 400.000 граѓани се на избирачкиот список, а не се физички присутни во земјата, а организираниот бојкот натера 300.000 гласачи на опозицијата да останат дома.
Што точно ќе се случува на 18 и 19 октомври во седиштето на алијансата?
-Тие два дена се закажани серија состаноци меѓу високи експерти на алијансата и нашиот работен комитет за НАТО, што е, всушност, оперативно тело кое ги води пристапните разговори и во кое членуваат претставници од сите надлежни министерства и други државни органи кои имаат некаква надлежност во делот на НАТО-интеграциите. Ова тело изработи Програма за продолжување на реформите што Владата ја одобри и која потоа ја доставивме до НАТО, а тие веќе ни испратија свои сугестии и коментари. На неколку посебни сесии во Брисел ќе разговараме за сите аспекти на нашата интеграција во НАТО, почнувајќи од политичките, воено-безбедносните и правните, па сè до финансиските импликации и ресурсите планирани како наш прилог во буџетот на алијансата.
Ако не се создадат услови за спроведување на договорот со Грција, што ќе значи тоа за поканата за членство во НАТО добиена на годинешниов самит?
– Одговорот на вашето прашање го даде генералниот секретар Столтенберг уште за време на својата прва посета на Скопје, во јануари оваа година, шест месеци пред да ја добиеме поканата за членство. Тогаш неговата изјава некои ја толкуваа како недипломатска, но круцијалниот факт изречен од негова страна во таа прилика е, всушност, непроменет цела деценија, уште од НАТО-самитот во Букурешт во 2008: без договор со Грција не можеме да бидеме дел од алијансата.
Со други зборови, ако не го комплетираме процесот на имплементација на договорот од Преспа, јасно е дека историската шанса оди во неповрат. Притоа, јас не сум од оние што сметаат дека во догледна иднина ќе имаме слична прилика да постигнеме правичен компромис со Грците.
Можно ли е доволно опозициски пратеници да дадат поддршка за спроведувањето на преспанскиот договор?
-Мислам дека во овој момент никој не може да предвиди дали ќе бидат обезбедени две третини за промена на Уставот затоа што е нејасно која група фактори и аргументи ќе имаат поголемо влијание врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Од една страна е огромната поддршка за договорот и за интеграциите од над 90 проценти од граѓаните кои гласаа „за“ на референдумот, но и јасната определба за стратегиските цели за членство на Македонија во НАТО и ЕУ која е содржана во сите програми на ВМРО-ДПМНЕ, од независноста до денес. Од друга страна е двојниот притисок под кој се наоѓаат опозициските пратеници: притисокот од нивното раководство да гласаат против договорот, со што нема да ги блокираат Зоран Заев и СДСМ, туку дефинитивно ќе ги блокираат евроатлантските аспирации на сопствената држава и реалните закани од радикални поединци, од кои дел годинава веќе насилно протестираа против договорот за името.

Што би значеле предвремени парламентарни избори среде процесот за спроведување на договорот за името?
-Предвремени избори сигурно ќе го доведат во опасност договорот не само затоа што рокот за негово имплементирање до крајот на годинава ќе биде надминат, туку затоа што може да биде надминат и мандатот на владата во Атина која е првата грчка влада во историјата која беше и е подготвена да ратификува договор во кој стои македонски јазик, придавките македонск(а)о и кодовите мк и мкд. Ако такво нешто се случи, тоа, без сомнение, ќе биде највисок степен на политичка неодговорност кон иднината на сопствената земја, како што бев убеден и дека бојкотирањето на референдумот за едно вакво прашање претставуваше највисок степен на граѓанска неодговорност и кон себеси и кон своите најблиски и кон државата која се трудиме да ја направиме подобро место за живеење.
По крупните исчекори што ги направи Македонија на патот кон Брисел, во текот на летото, сега земјата е повторно во сивата зона на неизвесноста. Можна ли е поголема нестабилност, со оглед на безбедносно-политичките предизвици во нашето опкружување и обидите за руско мешање во процесите?
-Кога во кампањата предупредувавме дека со пропуштање на оваа историска шанса Македонија може да влезе во нова неизвесност, пропагандата на опозицијата нè обвини дека го плашиме народот со војна. Вистината е следна – Македонија докажа дека не ѝ се заканува нова војна само затоа што нема да влезе во НАТО. Тоа убедливо го докажуваме уште од 2008 година, кога бевме одбиени од членство, па сè до денес. Меѓутоа, во изминатиот период започнаа да се одвиваат два процеса кои порано беа незамисливи: прво – зголеменото присуство на Русија чиј стратешки интерес е државите од Западниот Балкан да не влезат во НАТО, кој за нив претставува легитимна воена цел и второ, разговорите меѓу Белград и Приштина кога за прв пат од релевантни места се споменуваат или поддржуваат корекција на границите и размената на луѓе и територии. Дури и за политички и безбедносно полуинформираните е јасно дека ако ова второто се ефектуира, Македонија и БиХ ќе бидат првата и најголема колатерална штета. Затоа е исклучително битно да влеземе час поскоро под безбедносниот чадор на НАТО каде што таквите предизвици не исчезнуваат, но многу полесно се менаџираат преку нивните интерни процедури.
Ќе се одвиваа ли работите поинаку доколку владејачките партии, едноставно, го прескокнеа референдумот за името, кога веќе се виде дека опозицијата нема да соработува за негова успешност?
-Не, затоа што реално без соработка од опозицијата не можете да направите уставни промени. Јавноста беше сведок дека единствениот мотив на Владата, од самиот почеток, беше да не се служи со нечесни политички методи во врска со ова прашање кое на сите ни тежи 27 години и за кое е јасно дека е потребен натпартиски и надетнички одговор. Меѓутоа, да бидам искрен, малкумина од нас веруваа дека опозицијата толку доследно ќе го опструира најважниот политички процес во историјата на оваа земја по нејзината независност. Навистина не е за верување дека ги игнорираат сите добронамерни предлози и сугестии, и тоа не само оние што доаѓаат од власта, туку од најрелевантните меѓународни фактори, вклучувајќи ги и лидерите на Европската народна партија. Дури и да ви е целта само да дојдете на власт, претпоставувам дека ќе сакате да владеете во уредена, а не во заробена држава во која криминалци решаваат за човечки судбини. Но, што е тука е. Оваа политичка структура ќе мора да се вложи себеси за да ги осигура безбедноста и иднината на земјата, не водејќи сметка за политичкиот рејтинг и останувањето на власт, исто како што направи и во 2001 година.

Александра М. Митевска    Фото: Борис Грданоски