Интервју со Петре Шилегов, градоначалник на Скопје: Не се кријам од ниту еден проблем


Скопскиот градоначалник Петре Шилегов заокружи една година од својот мандат. Главниот град го наследи со многу проблеми, а дел од нив сè уште ги мачат граѓаните. Загадениот воздух, нехигиената, урбанизацијата, јавниот транспорт, се само дел од темите на кои градската власт уште долго ќе мора да се труди да изнајде решенија. Шилегов тврди дека работи во сите области, стратешки и темелно, иако, вели, резултатите може да не бидат веднаш видливи.

Очекувано беше првите повисоки вредности на ПМ 10 честичките повторно да го свртат вниманието кон аерозагадувањето. Граѓаните немаат веќе трпение за состојбата во која се принудени да живеат. Како мислите да ја тргнете етикетата дека и Вие ништо не постигнавте за почист воздух?

И јас сочувствувам со граѓаните, тоа е голем проблем за сите нас што живееме во Скопје, сите го дишеме истиот воздух. Загадувањето е резултат на погрешните политики во урбанизмот, енергетиката, комуналните работи, создавани децении наназад и невозможно е да се очекуваат брзи решенија. Ниту, пак, јас сум нудел такви решенија. Градската власт досега воведе 27 нови интервентни мерки откако јас сум градоначалник. Загаденоста е сериозен проблем и бара таков пристап. Затоа Градот Скопје започна да имплементира повеќе стратегии со кои во корен се решаваат главните извори на загадувањето. Првиот е затоплувањето на домовите, односно околу 73.000 домаќинства кои не се приклучени на системот на парно греење и користат дрво или нафта. Како дел од решението, формирано е претпријатието Градски енергетски системи, кое полека, но сигурно почнува да ја извршува својата дејност. Градот е веќе мапиран и точно знаеме каде ќе продолжиме со топловодната мрежа, а каде ќе стартуваме со гасификација. Вториот проблем е сообраќајот. Почнавме процес за еколошко обележување на возилата, што ќе го следи и сериозна реформа на јавниот транспорт, бидејќи сакаме на граѓаните да им понудиме еколошка алтернатива. Третиот проблем е урбанизмот, односно градежната прашина која учествува со приближно 18 отсто во загадувањето на воздухот. За да го надминеме овој проблем, направени се реформи во Секторот за инспекција, вработени се нови инспектори, а работиме и на изготвување на законски предлог за комунална полиција што ќе го доставиме до Владата. На тој начин, ќе се заокружи системот за санкционирање на  физичките и на правните лица. На среден рок, со истовремено дејствување на сите фронтови, ќе се забележат сериозни намалувања на аерозагадувањето. Немаме намера да се криеме од ниту еден проблем. Во секое време сум отворен за сугестии кои се научно потковани, а можат да придонесат во борбата за почист воздух или за решавање на кој било друг проблем со кој се соочуваме.

Неконтролираната урбанизација е една од вечните болки на градов. Зградата кај Мајчин дом и висококатниците кај „Холидеј ин“ се последни во низата потврди дека граѓаните се бунат, а бизнисот си врви. Има ли стоп за урбаната мафија која умешно ги користи „законските“ решенија кои само нејзе ѝ одат во прилог?

Градот Скопје во процесот на донесување одлуки врзани за урбанизацијата нема речиси никакви ингеренции. Јавноста знае дека токму поради тоа подготвуваме 22 регулациски планови, со кои сакаме да им ги врземе рацете на општините, во поглед на донесувањето на деталните урбанистички планови. Се обидуваме да ја спречиме досегашната практика да се носат несоодветни планови, поради која никнуваа објекти на места каде што не е природно да ги има. И во поглед на продажбата на државното градежно земјиште, Градот е нем посматрач и нема никакви ингеренции. Затоа јас барам и очекувам таа позиција во иднина да се промени, со измени на неколку закони. Ако сакаме Скопје да биде една урбана целина, тогаш мора да има и еден центар каде што ќе се слеваат сите ингеренции околу урбанизацијата, или пак, кој барем ќе има право да врши надзор на тој процес. Илузорно е да сметаме дека во еден град мора да сопре секоја изградба, но во Скопје мора да сопре непланската градба што ја загрозува животната средина. Градот ќе продолжи да се развива, но не на начин како досега.

Каде ќе го сместиме јавниот интерес во тој развој?

Токму тоа е суштината, Скопје мора да се развива, но не секаде и не по секоја цена. Оваа локална власт е посензитивна на гласот на јавноста отколку нашите претходници. Свесни сме дека со тој глас ние и дојдовме на овие позиции каде што сме. Досега градот нееднакво се развивал, има делови каде што сериозно недостасува инфраструктура и поради тоа тие се неатрактивни за градба и уредување. Тоа пак повлекува притисок врз поурбанизираните делови кои имаат подобра комунална инфраструктура, имаат топловодна мрежа, стабилно снабдување со електрична енергија и секако, луѓето одбираат да живеат таму. Затоа, во северниот дел се градат два булевари, а третиот ќе се планира. Развојот ќе го намали притисокот врз Карпош, Аеродром, Кисела Вода…, особено притисокот за нови и нови градби.

Што ќе се случи со недовршените фасади од „Скопје 2014“, зградата на ЕВН и ЕЛЕМ, на „Пелагонија“, па и оние што добија барокни ликови, но почнаа да пропаѓаат? Кој ќе ги одржува?

Зградата на ЕВН и ЕЛЕМ е обврска на сопствениците, согласно со договорот што го имаат со Градот Скопје. Јас им предложив да направат зелена фасада, не знам дали ќе прифатат. Онаа архитектура која овој објект ја имаше е веќе загубена и сметам дека би било убаво да направиме нешто подобро, што ќе се вклопи и со зелениот покрив на ГТЦ. Што се однесува до зградата на „Пелагонија“, го очекуваме идејното решение, а сигурно нема да биде во барокен стил. Стиропорните фасади, пак, се голем проблем. Нивното одржување и евентуалните замени ќе треба да ги прават институциите кои се сместени во нив. Градот во оваа фаза нема доволно средства да направи рефасадирање на веќе рефасадираните објекти. Но, ќе се обидеме да им излеземе во пресрет на граѓаните кои живеат во некои од нив и да ги доведеме во подобра состојба од сегашната. Трагедијата на овој град е што во тој квадратен километар во центарот преку криминалниот проект „Скопје 2014“ се вложени 680 милиони евра. Со тие пари можеле да се решат буквално сите фундаментални проблеми на Скопје, па дури да останат пари и за другите градови. Еве, ние со 50 милиони евра ќе ја започнеме гасификацијата на Скопје, замислете што сè може со десетпати и повеќе пари.

Градскиот сообраќај е во очајна состојба. Новите автобуси се расипуваат, ЈСП „Скопје“ нема овластен сервисер и резервни делови. Ќе се бара ли одговорност што се потрошени пари на граѓаните, а тие немаат пристоен градски превоз?

Потрошени се околу 80 милиони евра за набавка на 302 украински и кинески автобуси. Сите, за жал, користат дизел гориво. Одбран е најлошиот начин за обнова на возниот парк, со купување на сите возила наеднаш. Тоа значи дека сите наеднаш и ќе остарат. Поради тоа ние работиме на концепт за обезбедување на брз, економичен и еколошки транспорт. Набавката на нови автобуси е во тек и очекуваме тие на скопските улици да бидат идната година. Но, тоа е само мал дел од она што јас го планирам за јавниот транспорт на Скопје, но за тоа ќе зборуваме понатаму. Што се однесува до одговорноста, сметам дека гарнитурата која владееше претходно веќе ја понесе.

Скопје е валкано, а поделбите на задолженијата меѓу Градот и општините не даде поголема ефикасност, туку напротив. Како ќе се изборите со ѓубрето?

Скопје живее во последици од несоодветни решенија. Кога било одлучено градот да има десет општини на кои ќе им бидат пренесени и ингеренции за одржување на хигиена и зеленило, не им била дадена и комуналната опрема. Граѓаните со право се незадоволни, тие ниту треба да знаат, ниту, пак, да се грижат кој за кои улици е надлежен. Не сум задоволен од хигиената, секогаш може и подобро. Затоа ги подобруваме можностите на „Комунална хигиена“, во тек е една голема набавка за четири нови комунални возила и 600 контејнери со зафатнина од 3,2 кубни метри, односно трипати поголеми од сегашните 4.250 што се на улиците. Со контејнерите што ги имаме сега, колку и да чистиме, повторно изгледа нечисто. Тие како да викаат „валкајте го градот!“

Скопје аплицираше за зелена престолнина, а овој потег наиде на потсмев кај јавноста. Конкурентските градови имаат многу што да понудат, со што ќе се претстави Скопје?

Скопје да се кандидира за зелена престолнина е мое предизборно ветување. Јавноста, веројатно поради името, доби впечаток дека може да аплицираат зелени оази, но апликацијата опфаќа 12 области и мери стратегии и планови со кои сте стартувале, кои се спроведуваат и до каде треба да стигнат во 2021 година. Апликанти се 23 градови од Европа, а во втората фаза влезе Скопје заедно со 7 градови. Тоа за мене е верификација на политиките и стратегиите што ги спроведувал Градот изминатата година. Дел се видливи, дел не се видливи за јавноста. Граѓаните не знаат, на пример, што работи ГЕС, но претпријатието е дел од нашата енергетска стратегија. Не се видливи ниту новите комунални возила, но почната е набавката, исто како и за новите автобуси. Европската комисија смета дека сме заслужиле да влеземе во втората фаза, но тоа за мене е верификација дека нашите политики се исправни и нè водат на добар пат. Мене ме радува што Европа моите одлуки ги смета за квалитетни.

Ви забележаа и за играњето на мобилен телефон на расправата за загадувањето на воздухот. Мислите ли дека тоа беше погрешен потег?

Да, беше гаф. Но, тоа не е мојот однос ниту кон проблемот на загадувањето, ниту кон граѓаните, ниту кон Собранието. Затоа им се извинувам на граѓаните. Тоа, всушност, е мојот однос кон Влатко Ѓорчев, кон паушалните изјави, лицемерните и лажни политички пароли и погрешниот поглед на проблемите на Ѓорчев и ДПМНЕ, кои се причината што овој град е таму каде што е. До моето доаѓање на оваа позиција тие го водеа градот, а ние мора да живееме во последиците од нивните паушални политики и говори. Ѓорчев и ДПМНЕ од мене не заслужуваат повеќе.

Сања Наумовска