Има и деца питачи што се извлекуваат од улиците


Уште од седумгодишна возраст Самка секојдневно е на скопските улици. Пита, ги моли граѓаните да му дадат пари за да преживее. Нема родители да се грижат за него. Сега има 19 години, задоволен е што завршил осмо одделение, не научил чита, ама знае да црта, токму сликарството е и професијата каде што себеси се гледа во иднина. Дел од времето го минува и во Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари каде што се згрижени 110 деца од улица од ромската заедница од четири до 18-годишна возраст. Тим од стручни лица, како педагог, психолог, социјален работник и одделенски наставник работат со децата да ги оттргнат од улица и целосно да се интегрираат во општеството. Освен одржување на хигиена во центарот учат да читаат, пишуваат, бројат. На децата им е најважно што добиваат храна.

„Веќе дванаесет години молам да изнудам некој денар од граѓаните. Најчесто питам на пазар. Во Центарот одржувам хигиена, се бањам, ми даваат чиста облека, топол оброк и многу совети за пристап до услуги кои ми се потребни за исполнување на правата за опстанок, развој и заштита“, вели Самка.

Запознавме десетина деца кои се згрижени во центарот. Меѓу нив се Тасима, Аднан и Валентин. За разлика од Самка, тие не питаат. Тасима е средношколка, петки има по сите предмети, до пред четири години питала, а парите им ги давала на родителите, помагала да се прехранат.

„Питањето за мене е минато. Сакам да завршам средно економско, да се вработам и да не зависам од никого. Луѓето од Центарот се грижат и за моите браќа и сестри, ни создадоа навики да не излегуваме на улица да просиме, туку нè учат на вредности, нè описменуваат, нè учат и на одговорност и грижа за себе“, вели Тасима.

Аднан е запишан во училиште, ама не оди редовно. Порано собирал пластични шишиња, а парите му ги давал на татко си, сега има занает, шие, така заработува. Џеват е дете од социјален ризик, мајка му го напуштила, а татко му е во затвор. Оди на училиште, а за него се грижи тимот од Центарот кој успеал да му создаде навики дека писменоста, грижата за здравјето се најважни за натамошниот негов развој.

„Продавам списание, за тоа земам хонорар, задоволен сум и исполнет“, рече Џеват.

Имињата на соговорниците не се нивните вистински, ставивме други да не ја нарушиме нивната приватност. Новогодишните празници сите ги исчекуваат со нетрпение, децата од Центарот подготвија и честитки во кои ги напишаа желбите за 2019 година, сите сакаат пакетчиња, големи и полни со чоколади.

Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари привремено користи простории во амбулантата во населбата, претходно просториите на центарот беа во градинката „8 Април“, ама во март 2017 избувна пожар, кој сè пеплоса. Центарот е дел од Здружението за заштита на правата на детето. Координаторката на Центарот, Ирена Велкоска, вели дека освен со децата, вработените работат и со семејствата преку индивидуални или групни средби за подигање на родителската грижа и одговорност, им укажуваат на последиците од престојот на децата на улица и како тоа влијае врз нивниот живот и здравјето.

„Центарот привремено ги користи просториите во Здравствениот дом во Шуто Оризари, каде што има капацитет да се згрижат од 50 до 60 деца, моментално згрижени се 110 деца на улица и 37 деца од семејства повратници/азиланти од европските земји. Децата се од семејства со социјален ризик кои живеат во импровизирани живеалишта. По враќањето од земјите на ЕУ, дел од нив сè уште се без некаков приход, обезбедуваат финансиски средства преку собирање на пластични шишиња од контејнери што ги продаваат и од питање. Не се влезени во системот. Целта ни е сите да имаат целосна интеграција во општеството, да бидат вклучени во образовниот процес, да го завршат и да се вработат. Центарот постои од 2006 година и досега тука имаат поминато околу 400 деца“, објасни Велкоска.

Во 2018 година центрите за социјална работа имаат изречено 28 опомени за родители кои го занемариле вршењето на родителското право. Согласно статистичките податоци што се водат во програмата „Лирикус“, евидентирани се активни предмети за 201 дете на улица, а на 25 родители им се извршува мерката надзор над вршењето на родителското право. Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека согласно законските можности најдобрите механизми за згрижување на децата на улица на улица е тие да останат со своите биолошки семејства. Но доколку постојат различни социјални ризици, како сиромаштија, насилство, криминал и слично, тогаш постои можност за сместување во згрижувачки семејства и мал групен дом за деца во ризик.

 „Вистинскиот механизам за грижа на децата од улица е јакнењето на биолошките родители, пред сè преку сузбивање на сиромаштијата кај семејствата и детската сиромаштија. Тоа ќе го постигнеме со реформата во социјалната и детската заштита која ќе почне од идната година. Со оваа реформа освен што се зголемува помошта за најранливите за 300 отсто ќе се работи и да се активираат невработените на пазарот на трудот. Истовремено се воведуваат два нови додатока, детскиот и образовниот и бројот на деца на кој ќе станат достапни овие додатоци се зголемува за 20 пати“, велат од Министерството.

 

Македонија не може да се справи со детската сиромаштија

Македонија не може да се справи со детската сиромаштија, неписменоста и со злоупотребата на детскиот труд. Иако ја има ратификувано меѓународната Конвенција за спречување на најлошите форми на детскиот труд, државата сериозно потфрла за грижа на најнемоќните и обесправени, а тоа се децата питачи, велат од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

„Сè додека државата сериозно не посвети внимание на рано евидентирање на децата во извод од матична книга на родените и нивно навремено вклучување во градинките, сè додека не обезбеди покрив над главата на овие семејства кои се исклучени од системот на социјална и образовна инклузија и заштита и сè додека барем еден возрасен од семејствата не се вработи и понатаму ќе ја гледаме неможноста на социјалниот систем за заштита на децата на улица. Неформално, имаме информации дека една до две илјади деца секојдневно се по улиците низ градовите во Македонија, принудени да питаат, работат или продаваат одредени производи. Питаат за да заработат. Некогаш нивната цена се движи од 500 до 1.000 денари и се присилени од страна на организирани групи кои ги шверцуваат или, пак, самите родители се принудени да ги злоупотребат и искористат за да обезбедат егзистенција“, посочува тимот од „Меѓаши“.

Вероника Мароска-Леова