Иванов и на Полјаците им кажа дека ќе нè нема


Во залезот на претседателска кариера, Ѓорге Иванов ги прави последните обиди со бомбастични говори и гестови да го задржи замислениот ореол на современ јунак кој во некоја поблиска иднина би бил опеан од својот народ.

Изгледа дека до последниот ден од својот мандат тој ќе ги користи своите манипулативни толкувања на договорот со Грција за да се армира во расцепканото општество како своевиден херој.

Вака дел од политичките набљудувачи ја оценуваат последната посета на шефот на државата на Полска, каде што тој, како што велат, на неуспешен начин уште еднаш сакал јавно да манифестира како гордо ужива во улогата на „сам против сите“.

На големата конференција на ОН во Катовице за климатските промени, на таблата која стоеше на местото резервирано за него, Иванов триумфално со лист хартија го покри делот „поранешна југословенска“ од името на Република Македонија. Пред неколку месеци тој немаше никаква реакција кога за време на Генералното собрание на Обединетите нации од претседавачот беше најавен како претседател на „поранешна Република Македонија“.

На предавањето, пак, на Универзитетот во Вроцлав, на тема: „Мостови на пријателство и соработка: Македонија – Полска“ тој одржа апокалиптичен говор сличен на говорот во ОН, во кој нагласи дека Македонија се соочува со можеби најголемиот предизвик од нејзиното формирање, а тоа е да се одрече од историското право и правото на самоопределување. Она што грчката држава им го правела на Македонците во Грција, сега, со Преспанскиот договор, според Иванов, сака да им го направи и на Македонците во Македонија.

Грција со договорот ќе добиела постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себеси, но и како другите држави ќе ни се обраќаат нам. Според шефот на државата „ќе се цензурира содржината на учебниците и ќе се спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет“.

„Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живеење ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија“, вели Иванов.

Во предавањето претседателот Иванов се осврна и на делото на Блаже Конески, кој како лингвист и книжевник се посветил на развојот на македонскиот литературен јазик и кому во 1973 година му беше доделен почесен докторат на Универзитетот во Вроцлав.

„Ова се последните рефлекси на Иванов, кој очигледно до последниот момент ќе манипулира и ќе настапува од една крајно вообразена позиција, демек сите се слаби и сите попуштаат, но не и јас, притоа свесно сеејќи страв меѓу граѓаните“, вели професорот Нано Ружин.

Според него, тој е типичен епски политичар, инспириран од легенди и митови, кој сака да остави некаков печат во историјата и народот постојано да се реферира на неговите ставови и политики.

„Иванов е пример за динарски хомобалканикус кој сака да се одржи на политичката сцена со некаква изнасилена демонстрација на гордост и достоинство. Таков тип политичари не се потребни во 21 век. Потребни се итри, флексибилни политичари, подготвени за брзи и храбри решенија кои нема да ја бараат поддршката од изманипулирани личности робови на популизмот“, смета Ружин.

И политиката на Иванов, нагласува тој, практично, се сведува на популизам. „Тој е во редот на еден друг популист кој се вика Никола Груевски, а во нивно друштво се и Виктор Орбан и Александар Вучиќ“, вели Ружин.

Судските процеси околу настаните на 27 април што во моментов се водат, забележува Ружин, упатуваат на можноста дека тој бил подготвен за сценарија на прогласување вонредна состојба и државен удар.

„Катастрофално е неговото политичко расудување. Долг период имаше катастрофална популарност. Во еден период кога таа малку му порасна ја засили играта на т.н. национал-патриотска карта, некомпатибилна со европските и светски стандарди. Но, залудно, ништо не може да го спаси од фактот дека ќе остане запаметен како најнеуспешниот претседател во историјата на државата“, нагласува Ружин.

Наум Котевски