Законот за јазици се враќа на маса во парламентот


Парламентарната расправа за финалната фаза на Законот за употреба на јазиците почнува следната недела, кога ова прашање ќе се најде прво на маса во Комисијата за европски прашања. Регулативата, која е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците, е со европско знаменце, така што претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби закажа седница на 22 ноември – симболично на Денот на албанската азбука, кој е инаку, неработен за припадниците на албанската етничка заедница во земјава.
Во оваа фаза од собраниската процедура може да се поднесуваат амандмани, а од ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници не дадоа поддшка за потребата за донесување закон за употреба на јазиците, најавија вчера дека нема да учествуваат во, како што велат, редефинирање на државата.
„СДС воведува нефункционална двојазичност во цела држава, спротивно на Уставот. ВМРО-ДПМНЕ таков закон не поддржува“, изјави денеска Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Костовски, законот за двојазичност обврзува униформите на полицијата, на пожарникарите и на здравствените работници во градот Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните го зборуваат албанскиот јазик да бидат со натписи и на албански.
„Двојазичноста која ја предвидува СДС значи двојазичност на сите нивоа, имено СДС предвидува книжните и кованите пари, како и поштенските марки да бидат двојазични, согласно чл.8 од овој предлог закон“, изјави претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според членот 8 од предлог-законот за употреба на јазиците, „книжните и кованите пари, како и поштенските марки, ќе содржат симболи што го
претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо“. Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите од институциите, бандеролите, како што стои во предлог-законот, се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото
писмо. Униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во општините во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку проценти од граѓаните и неговото писмо“, стои во предлог-законот.
Потребата за донесување на овој закон беше изгласана пред неколку дена – со 66 гласа за и 41 против.Од СДСМ најавија деновиве дека ќе интервенираат амандмански за оние делови од предлог-законот кои беа дискутабилни и предизвикаа дебата. Амандмани најавија и претставници на други пратенички групи. А.М.М.