„Железниот светилник“ пак свети во бугарско-македонските односи


„Железниот светилник“ на авторот Димитар Талев станува повторно актуелна тема во македонско-бугарските односи. За оваа книга пред две години реагираа Министерството за култура на Бугарија, бугарските европратеници, како и внукот на авторот, Климент Талев.

Тие обвинуваа дека со преведената книга на македонски јазик биле заменувани зборовите „Бугарија“ и „бугарски“, со „Македонија“ и „македонски“. Дополнително, се реагираше дека не биле платени авторските права кои според закон се важечки 70 години по смртта на авторот, а нивни носители се и неговите наследници.

Актуелноста деновиве е во тоа што Театарот на бугарската армија ќе гостува во неколку града низ Македонија токму со претставата „Железниот светилник“ во режија на Асен Шопов.

Тие ќе гостуваат на 11 јуни во МНТ, ден подоцна ќе биде одиграна и во Охрид во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, потоа во Народниот театар во Битола на 13 јуни, во родниот Прилеп на Димитар Талев на 14 јуни, во Народниот театар „Војдан Чернодрински“, во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица на 15 јуни и во НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип на 16 јуни.

Генерален спонзор на гостувањето е Фондација „Илија Камчев“, а истата се реализира под покровителство на Министерството за култура на Македонија, Министерството за култура и Министерството за одбрана на Бугарија.

Димитар Талев е родум од Прилеп и се вели дека е дводомен писател, кој е исклучително почитуван, а се смета за врвен писател на бугарската книжевност, како еден од најчитаните и најпопуларните литературни творци.

Според најавата, на изведбата во МНТ се очекува гости да бидат премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов кои на овој начин, како што се вели, заедно ќе ја изразат својата поддршка во насоката на развој на културата во двете земји. Од Владата ниту ја потврдуваат ниту ја негираат оваа информација.

Театарот на бугарската армија се смета за еден од најголемите и најуспешните театри во Софија, а во својот репертоар ја вклучува оваа претстава од 2011 година со повеќе од 150 изведби.

Имено, во 2016 година бугарските медиуми објавија реакции од внукот на Талев, Климент Талев, кој тврдеше дека македонскиот превод на книгата „Железниот светилник“ бил издаден без согласност од семејството на авторот, при што бил пласиран и неточен превод, каде што зборовите „Бугарија“ и „Бугари“ биле заменети со „Македонија“ и „Македонци“.

„Мои братучеди од Прилеп ми испратија фотографии од кои сфатив дека во Македонија се издале ‘Железниот светилник’ и ‘Преспански камбани’. Јасно е дека ‘Гласовите ви ги слушам’ нема да ја издадат бидејќи нејзината содржина не е поволна за нивните лаги. Дедо ми никогаш не творел на тој јазик“, изјави Климент Талев во 2016 година во интервју за агенцијата „Фокус“.

Во истото интервју тој вели дека уште во 2001 година на татко му било пренесено дека и книгата „Илинден“ е преведена на македонски јазик без нивно знаење и дека се продава во Австралија.

„Татко ми напиша едно писмо до Агенцијата за авторски права, но му одговорија дека штом се работи за друга држава, треба да си ангажира адвокат од Бугарија, адвокат од Македонија и да си ги штити правата таму. Но, такво дејство во законодавството во Македонија е бесмислено“, изјави тогаш внукот на Талев.

Романот „Железниот светилник“ бил преведен и издаден на македонски јазик од приватна издавачка куќа, но финансиран од Министерството за култура. Оттаму не добивме одговор со колку парични средства било поддржано издавањето на делото на македонски јазик, а не може ниту да се најдат повеќе информации за оваа издавачка куќа. Во 2016 година бугарското Министерство за култура побарало одговор од македонското околу почитувањето на авторските права според членот 12 од Програмата за соработка во областа на културата, што двете министерства ја потпишале за периодот од 2015 до 2017 година. Но одговор немаше. За овој случај биле известени и бугарските европратеници, кои тогаш подготвиле специјална декларација до Европарламентот и до ЕК.

Од македонското Министерство за култура ниту сега не добивме одговор дали случајот од 2016 година имал некаква разврска и дали гостувањето на Театарот на бугарската армија токму со оваа претстава е во знак на уште едно помирување и развој на меѓусебната соработка во областа на културата.

Во бугарските медиуми тогаш одекнуваа наслови како „Македонците го крадат ‘Железниот светилник’“, „Железниот светилник засветил и на македонски: Бре мајка му“ и слични насловни конструкции кои ја третираа темата.

Во 2008 година претставата „Железниот светилник“ била поставена и во Прилепскиот театар, а режирана од македонскиот режисер Владо Цветановски. Тогаш Цветановски за македонските медиуми изјавил дека оценува оти во неа нема никакви политички импликации.

„За мене е доволно она што го прочитав кај Талев. Тој е еден од ретките раскажувачи кои ги имам прочитано, а имам читано многу. Тој со толкава љубов пишува за овој град и го опишува на начин на кој никој досега не го опишал. Тој пишува за судбината на едни луѓе во кои секој од нас може да ги препознае своите дедовци и прадедовци“, истакнал тогаш Цветановски.

Ивана Настеска