Етнички барања во уставниот багаж го рушат авионот за ЕУ


Во исклучително тешката фаза од процесот на имплементација на договорот од Грција албанските опозициски партии се обидуваат во уставниот багаж да здиплат и етнички барања. Тоа, според аналитичарите, е крајно неодговорна и незрела политика која може дополнително да ја истрауматизира целата ситуацијата и да предизвика пожар на „собранискиот терминал“.

Според нив, барањата на Беса и Алијансата за Албанците, меѓу кои албанскиот јазик да биде службен на целата територија и во меѓународните односи на државата, а Македонија да биде дефинирана како рамноправна држава на сите граѓани, се надвор од рамките на предвидените уставни измени во делот што го опфаќа договорот со Грција.

Беса веќе го достави предлогот до Владата во кој се бара да се прецизира дека државата ќе води грижа за дијаспората без разлика на етничката припадност и да му се оневозможи на претседателот на државата да ги блокира законите усвоени во Собранието. Од Владата вчера се воздржаа од коментар.

Генералниот секретар на Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, пак, отиде дотаму што не ја исклучи можноста преку двајцата пратеници, колку што има Беса, да го блокира собранискиот процес за уставните измени. За него тоа не било условување, туку, како што вели, фер предлог од политичка партија која имала конзистентни ставови и се придржува на работи кои му биле ветени на албанскиот електорат.

Заев предложи уште во 2016 година албанскиот јазик да биде официјален и сега е моментот. Може со амандмани да ги затвориме сите овие прашања и после да работиме само на европската агенда“, изјави Таравари.

Претседателот на Евроатлантскиот совет, Исмет Рамадани, порачува дека сите политички субјекти во моментов треба да бидат особено внимателни со оглед на деликатната и исклучително сензитивна политичка ситуација.

Опозициските албански партии најпрвин треба да разговараат со овластениот предлагач на уставните измени што наскоро ќе бидат доставени во Собранието – а тоа е Владата. Заеднички треба да оценат дали е возможно во моментов да се оди со такви измени на Уставот или, пак, тоа да се одложи за во иднина за да не се создаде контраефект. Да проценат што се добива, а што може да се загуби. Доколку решат да се прифатат одредени барањата тоа мора да се поткрепи со гаранција дека останува цврстата двотретинската поддршка во Собранието“, вели Рамадани.

За него во моментов нема дилеми. Кристално јасна е целта – со прифаќањето на договорот со Грција и имплементација на уставните измени да се отвори евроинтегративниот пат на земјата.

Со зачленувањето во ЕУ и НАТО, практично, се отвора простор и за подобрување на човековите, но и националните права. Тие европски стандарди ќе придонесат за полесно решавање на прашањата што подолго тлеат и создаваат меѓуетничка недоверба“, нагласува Рамадани, кој не верува дека пратениците од албанските партии ќе преземат таков ризик да не гласаат во Собранието.

Влогот е преголем. Албанците во земјава силно го поддржаа договорот со Грција и едногласни се во настојувањата земјата да биде членка на ЕУ и НАТО“, вели Рамадани.

Дел од аналитичарите сметаат дека барањата излегуваат надвор од духот на Рамковниот договор, наспроти тврдењата на Беса дека предлог амандманите се однесуваат на целосно спроведување на првичниот предлог за уставни измени кој бил доставен во Собранието во 2011 година. „Непристојните предлози“ некои ги толкуваат како маркетинг за краткорочен политички профит, некои како политичка одмазда со оглед на тоа што Алијансата за Албанците беше дел од власта по падот на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, па потоа извиси, а надвор од зградата на „Илинденска“ е и крилото на Беса предводено од Биљал Касами. Сега заедно се обидуваат да ги делегитимираат албанските партии кои се дел од власта.

Од ДУИ, пак, рекоа дека решавање на спорот со името е апсолутен приоритет и најзначаен процес од осамостојувањето до денес, така што нема да дозволат заради дневно политичко профитирање да се загрози интеграцијата на државата во ЕУ и НАТО. Дел од аналитичарите се сомневаат дека ДУИ овој „џокер“ може да го извади во пресрет на претседателските избори, со оглед на тоа што во дел од точките од тиранската платформа се предвидува правилно спроведување на принципот на мултиетничност во Уставот. Предвидено е и постигнување на целосна јазична еднаквост. На ваков развој на настаните неодамна во интервју за „Дојче веле“ предупреди и професорот Ненад Марковиќ.

ДУИ со тиранската платформа јасно направи матрица на однесување, која едноставно се сведува на тоа дека кога голем дел од процесите зависат од тебе – почни да се занимаваш со етничко претприемништво и мешетарење. Пласирањето етнички теми во вакви критични моменти говори за неможноста на албанските политички партии да се надминат во вечното етничко наддавање врзани за тоа кој ќе му обезбеди на просечниот албански гласач во Македонија повеќе права“, вели Марковиќ.

Таа митоманија на етничките права, според него, веќе ја има изгубено секоја суштествена смисла и служи како мантра која овозможува албанскиот политички фактор никогаш да не излезе од комфорната зона на етничкиот натпревар за албанскиот глас.

Наум Котевски