Дума наместо во пензија – на апанажа ?


Петмина поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК) поднеле барање за апанажа до Собранието, a тројца се вратиле на своите работни места, јави МИА.

Барања за апанажа, како што е пренесено, поднеле поранешниот претседател Александар Чичаковски, кој беше од редот на експерите, и членовите Игор Милев и Виолета Дума од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ. Надоместокот за апанажа за членовите би требало да биде за една година имајќи предвид дека мандатот во овој состав беше повеќе од две години, а износот е колку нивната месечна плата додека биле членови на ДИК.

Парламентарното мнозинство, во претходниот собраниски состав, проба да ја смени Дума (67) од член во ДИК, поради исполнување услови за старосна пензија, но тој обид пропадна поради противењето на тогаш опозицискиот СДСМ. Милев, пак, пред да влезе во ДИК работел како адвокат, а Чичаковски, претходно, бил главно ангажиран во невладиниот сектор – поточно во организации кои ги следат и анализираат изборните процеси. Бонева и Јакупи, пак, беа на функции и пред да бидат избрани во ДИК. Бонева беше долги години пратеничка во Собранието, додека Јакупи беше едно време заменик-министер за правда.

На работното место во Собранието се вратил Реџеп Прекопуца, кој беше потпретседател на ДИК од редот на експертите. Во подрачното одделение на ДИК во Гевгелија се вратил Атанас Урумов, кој исто така беше избран како експерт за член на Комисијата. Сашо Срцев, кој долги години ја претставуваше ВМРО-ДПМНЕ во ДИК, пак, се вратил како државен советник во Министерството за транспорт и врски.

Постапката за одобрување на барањата за апанажи оди преку собраниската Комисија за избори и именувања, што ја раководи Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, која, пак, го бојкотира парламентот. До објавувањето на текстот, од Комисијата не добивме потврда за тоа кои од поранешните членови на ДИК побарале апанажа и кога би се одлучувало за тие барања.

Осуммина членови на ДИК поднесоа оставки, а Собранието ги констатира по обвинувањата во јавноста за земање големи надоместоци за последните изборни циклуси. Оставка не поднесе само Ермира Асани Салија која беше предложена од Беса, и, пред неодамнешните локални избори, го замени Бедредин Ибраими од ДПА.

Стручната служба на ДИК денеска со „Отворен ден“ за гражаните го одбележа Глобалниот ден на изборите. Портпаролката на Комисијата Љупка Гугучевска изјави дека граѓаните се интересирале за начинот на водење на избирачкиот список и за електронската проверка во Избирачкиот список.

Гугучевска рече дека според Изборниот законик и Законот за референдум и други облици на непосредно изразување, референдум на национално ниво спроведува ДИК, но за изборот на членовите надлежно е Собранието.

– Во однос на изборот на членови на ДИК, согласно Изборниот законик, распишувањето на огласот и изборот на членовите е во надлежност на Собранието. Комисијата сега има само една член, а целосно функционира стручната служба на ДИК која и формирана за организациско технички и административни работи на Комисијата, рече Гугучевска.