„Дрисла“ ниту доби нов концесионер ниту инвестиции


Скопската депонија „Дрисла“ заглави во судските лавиринти. Градот Скопје сè уште не избра нов концесионер, а сегашниот за изминативе седум години не инвестираше ниту денар. Од амбициозниот проект за селектирање на отпадот, за согорување во модерни печки или производство на електрична енергија, скопјани не добија ништо. Наместо тоа, уште еден загадувач непречено си работи, ѓубрето не се селектира, само се трупа, како во минатиот век, а до пред неколку месеци нè труеше и инсенератор без филтри.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вели дека депонијата е рак рана на градот, а досега требало да стане еколошки парк со најмодерни технологии. За застојот ја обвинува лошо водената концесија, која сега засегнатите страни мора да ја расчистуваат пред судовите. Градот Скопје пред точно една година се жалеше пред Управниот суд и бараше целосно да се поништи постапката за избор на концесионер, депонијата да се врати на Градот за да се создадат услови градската власт да си бара нов концесионер. Судот, пак, одлучи Градот да направи избор, но меѓу истите фирми кои учествувале на јавниот повик пред седум години, германската „Шолц“ и актуелниот концесионер, италијанскиот конзорциум „ФЦЛ Амбиенте“.

„’Дрисла’ е сè уште во правни лавиринти. Постапката е вратена во Градот, требаше да донесеме одлука со кого ќе продолжи договорот за концесија, но, во меѓувреме, италијанската фирма поднесе барање до Управниот суд за повторување на постапката за избор на концесионер и сега чекаме. ‘Дрисла’ е прашање кое одамна требаше да биде затворено, но концесијата е многу лошо водена и има трагични последици за градот. Скопје осум години нема никаков бенефит од неа, нема никакви инвестиции, а ако сè беше како што треба, сега ќе имавме електрична енергија од спалувањето на ѓубрето. Но, за жал, италијанскиот концесионер откако управува со депонијата нема вложено ниту денар. Но затоа, пак, во меѓувреме, со одлука на претходната администрација, си зема 80 отсто од профитот, иако до тој процент требало да дојдат по пат на инвестиции“, вели Шилегов.

Италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“ како концесионер на скопската депонија беше избрана во 2011 година. Според договорот, требаше да стопанисува со неа во следните 35 години, во кои требаше да направат големи инвестиции во постројки за индустриски и за медицински отпад, за секундарна селекција на отпадот, да набават нова механизација и опрема, да изградат нов административен објект, како и да произведуваат струја од ѓубрето. На изборот на „ФЦЛ Амбиенте“, втората компанија која учествуваше на тендерот, германската „Шолц“, се жалеше двапати, а Управниот суд одлучи, поради неправилности во тендерската постапка, да се склучи нов договор. Тогашната градска власт одлучи по вторпат да склучи договор со Италијанците, по што Германците повторно се жалеа. Управниот суд донесе одлука Скопје да го раскине договорот со Италијанците и да склучи нов со Германците, а Градот побара да му биде овозможено да си бара нов концесионер во нова постапка.

Сања Наумовска