Државата ќе плаќа партиски истражувачки центри


Партиите со државни пари ќе формираат аналитички центри, а парите ќе можат да ги користат за испитување на јавното мислење за свои цели, како и за спроведување дебати и трибини. Ваквите бенефиции ќе ги користат четирите најголеми партии (по две од македонскиот и албанскиот политички блок) и се дел од Законот за финансирање партии што во понеделникот беше договорен на лидерската средба во Клубот на пратеници во Скопје. Тоа е една од најголемите новини на договорот меѓу партиските шефови Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети и Билал Касами што треба да се реализира во Собранието како предуслов за успешен референдум за договорот околу името со Грција.

Според информациите, повторно се враќа во игра и исплатата на 15 денари од државниот буџет за секој добиен глас на изборите. Преведено во прости бројки, доколку ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ на следните избори (парламентарни или локални) освојат по 400.000 гласа, тогаш на нивното конто ќе легнат шест милиони денари или околу 100.000 евра. Кај помалите партии, сумата е многу помала, но и за едните и за другите значи и обезбедување финансиски опстанок во годините кога нема избори.

Мали проценти од годишниот буџет на државата, како и од буџетите на општините и на Градот Скопје се доделуваат за финансирање на политичките партии. Вкупно тие средства изнесуваат помалку од три милиони евра. Овие средства се распоредуваат периодично (на секои три, четири, шест месеци или еднаш годишно), во зависност од ликвидноста. Триесет проценти се дистрибуираат подеднакво за сите партии што имаат освоено најмалку еден отсто од гласовите добиени на последните локални или парламентарни избори. Преостанатите 70 проценти се делат меѓу политичките партии пропорционално на бројот на нивните избрани претставници во Собранието или во општинските совети. Министерството за финансии го пресметува износот за секоја политичка партија врз основа на информациите испратени од страна на Државната изборна комисија во однос на нивниот освоен број на гласови и места на последните избори.

Иако во јавноста се шпекулираше дека со договореното меѓу лидерите, државата целосно ќе го преземе финансирањето на партиите, тоа не е точно. Покрај наведените начини да се чепне од буџетот, политичките субјекти и натаму ќе можат да добиваат приватни средства во форма на членарина, донации, имот…

Партиските аналитичко-истражувачки центри на сметка на државата е стара идеја, изум на минатата власт. И тогаш, а и сега, помалите политички субјекти се против. Тие сметаат дека државата на уште еден начин ги фаворизира големите. Од друга страна, велат тие, Македонија не е богата земја за да презема дополнителни обврски и да го оптоварува буџетот.

Горан Милевски, претседател на Либерално-демократската партија, реагира на ваквото законско решение и најавува правна битка.

Имаме предлог-измени во Законот за финансирање партии што заедно со ДОМ дополнително ќе ги изнесеме. Спорен е делот на финансирање на истражувачките центри, кои сега се привилегија само на четири големи партии. Бараме тој да биде изменет и финансирањето да биде согласно бројот на пратеници на сите политички партии, а не само на најголемите, затоа што со ова тие добиваат дополнителни средства од буџетот и нас, останатите партии нè ставаат во нерамноправна положба. Тоа е спротивно на Уставот“, вели Милевски за „Независен весник“.

Изминатите денови, додека траеја преговорите меѓу лидерите, низ јавноста циркулираа информации и дека ВМРО-ДПМНЕ барала парични, наместо затворски казни за злоупотреба на средствата за изборни кампањи. Иако првично изгледа дека Законот за финансирање партии е исклучително прашање на финансиска добивка, станува збор за многу поважна битка за измена на членовите 353 и 165-а, кои ги третираат делата злоупотреба на службената положба и овластување и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Со евентуалното прифаќање на овие предлози, ќе застарат предметите што ги води специјалното јавно обвинителство за незаконско финансирање на партиите или, пак, ќе значи евентуална условна казна за обвинетите. Покрај тоа, било побарано да се предвидат парични, наместо затворски казни за незаконско финансирање на изборните кампањи.

Последните информации говорат дека овие точки не се веќе дел од разговорите меѓу Заев и Мицкоски. Премиерот вчера потврди дека за промена на членовите 353 и други членови во Кривичниот законик не сакале да разговараат и нема да разговараат сè додека тие промени допираат во кој било случај на специјалното јавно обвинителство.

Заев посочи дека ако промена на еден член од Кривичниот законик целосно или делумно урнисува предмет на СЈО, тогаш тоа е директна или индиректна амнестија.

Тоа право го нема ниту Мицковски ниту Заев, затоа што владеење на правото мора да има. Ако некој помисли вакво нешто, првин граѓаните ќе се откажат од нас, а земјите членки во процесот на интеграција ќе нè блокираат“, укажа претседателот на Владата дополнувајќи дека во последниот ден на дискусијата од лидерската средба опозицијата ги повлекла овие барања.

Горан Адамовски