Дневната политика ја блокира заштитата од дискриминацијата


Новиот закон за заштита од дискриминација никако да се најде на дневен ред на на матичната Комисија за труд и социјална политика во Собранието. Кои се причините и зошто се избегнува расправа за измените се прашуваат и дел од здруженијата коишто биле вклучени во работната група за подготовка на законот. Правната советничка од Коалиција Маргини, Наташа Бошкова, вели дека предлог-закон е значително подобрен, а тоа го потврдуваат и коментарите на меѓународните организации.

„ Две и пол години изминаа откако се формираше работната група. Мислам дека имаме квалитетен нов закон, а сега имаме чувство дека се блокира ставањето на дневен ред. Очигледно други прашања се побитни, а се маргинализира ова прашање иако е важно. Жално е кога имаме добро решение и уште да не влезе во процедура изборот на комисија и конечно да имаме солидно тело кое ќе дава резултати“, вели Бошкова.

Пратеникот Павле Богоевски (СДСМ) вели дека иако има одредени рокови поврзани околу одржувањето на Комисијата за да се расправа по предлог-законот, тие малку се почитуваат, а таков е случајот со новиот закон за заштита од дискриминација. Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика е тој кој е овластен да ја свика Комисијата, а станува збор за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев.

„Претседателот има одредени овластувања да ја свика Комисијата, ама претпоставувам дека ќе му се даде уште малку време да ја свика седницата. Реформите не можат да чекаат. Првата група промени е проширувањето на основите за заштита од дискриминација, како што се сексулната орентација и родовиот идентитет, со што конечно ќе може да се пружи институционална  организирана заштита на оние луѓе на кои им е потребна“, додава Богоевски.

Претседателот на Комисија за труд и социјална политика, Владимир Ѓорчев, на прашањето на „Независен весник“ зошто толку долго се одложува ставањето на законот на дневен ред одовори дека сето тоа било поради неговото отсуство од државава и зафатеност околу политичкиот дел.

„Бев отсутен, на пат, надвор од државава, зафатен сум и околу политичкиот договор, прашањата поврзани со референдумот и пакетот на закони коишто сега се актуелни“, вели Ѓорчев.

Од Коалицијата Маргини подвлекуваат дека во реформата е предвидена и професионализација на членовите на Комисијата. Така што членовите повеќе нема да можат да си работат на своите постоечки места и хонорарно да работат за Комисијата. Туку оние кои ќе бидат избирани од Собранието ќе имаат редовно вработување во Комисијата. Пред изборот на јавна седница ќе се дискутираат и биографиите на оние кои конкурирале.

„Она што се проблематизираше во јавноста е тоа што во постоечкиот состав на Комисијата се предвидува дека тоа се луѓе кои си работат на постоечките места и работат во Комисијата за солиден надоместок, што се покажа како неодржливо решение. Дел од членовите сега се докажани дискриминатори кои во јавноста користеа говор на омраза која е посериозна форма на вознемирување што не е дозволиво да бидат членови во Комисија којашто се занимава со проблематика како што е заштитата од дискриминација. Токму затоа се инсистира да се подобрат критериумите, да се промени начинот на избор и начинот на работа. Комисијата да стане професионално тело кое ќе биде составено од луѓе кои ќе имаат најмалку седум години искуство во работа за човекови права и пет години работа на дискриминација“ додава Бошкова.

Во предлог-законот проширена е листата на основи за заштита од дискриминација,  каде се вклучуваат и сексулната орентација и родовиот идентитет. Се забранува секоја дискриминација  врз  основ на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, припадност на маргинализирана група, јазик,  државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување,  попреченост, возраст,  семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус. Бошковска вели дека во делот на судската заштита се овозможува и граѓанските организации да пуштаат тужби во име на поголема  група на граѓани со цел да нема индивидуална жртва која што ќе се презентира пред судот.

Основите со кои се забранува дискриминација, беа насоки и препораки и од Европската Комисија и од сите комитетити на меѓународните организации. Неодамна Венецијанската комисија како позитивен аспект го оцени и тоа што релевантни здруженија и други организации може да иницираат постапки во име или за поддршка на жртвите на дискриминација, дури и ако конкретната жртва не е наведена. Потребно е да се обезбеди вистинска независност на Комисијата за заштита од дискриминација во Македонија.

Инаку при изборот на составот на Комисијата почетокот на 2016 година, токму во екот на политичката криза во земјава имаше бура на реакции, кои се однесуваа на тоа дека за членови на Комисијата биле избрани личности блиски до тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ и имиња за кои нема податоци дека биле активни во сферата на заштитата на човековите права.

Во Комисијата за заштита од дискриминација сега членуваат Тони Науновски, Александар Даштевски, Александар Спасеновски, Нена Неновска-Георгиевска, Јован Ананаиев, Ирфан Дехари и Беким Кадриу. Даштевски и Науновски во тоа време често се појавуваа во медиумите како експерти за политички прашања, чии ставови кореспондираа со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. Забелешки имаше и дека е апсурдно во Комисијата за заштита од дискриминација да има само една жена.

Вероника Мароска-Леова