ДИК ќе се комплетира во март, се забрзува ли референдумот?


Новиот состав на Државната изборна комисија се очекува да биде избран на почетокот на март. Вакви информации доаѓаат од партиите што треба да делегираат свои членови во Комисијата, по близу два месеца затишје околу ова прашање, откако осуммина од вкупно девет члена на ДИК поднесоа оставки, поради скандалот со енормно високите бонуси.
Според тоа, се очекува во текот на февруари претставници на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и евентуално Беса да влезат во разговори околу новиот состав на Комисијата и евентуални корекции во Изборниот законик за промена на досегашниот концепт на изборната администрација. Така, целата процедура за именување на новите членови, вклучително со конкурсот што треба да го распише Собранието, би можела да заврши во првата половина на март.
За избор на членовите на ДИК е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, така што премиерот Зоран Заев пред извесно време оцени дека очекува прашањето да се реши со дебата меѓу партиите. Во меѓувреме, ДИК уште од почетокот на декември е надвор од функција, бидејќи само Ермира Асани Салија од Беса остана член на највисокото изборно тело, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го бојкотира парламентот.
Нема информација зошто токму сега се најавува забрзување на процесот на формирање на ДИК, односно дали е тоа поврзано со евентуалниот референдум за името или, пак, комплетирањето на Комисијата треба ќе биде почетна точка за обновување на политичкиот дијалог во земјава. Познавачи на состојбите велат дека технички гледано референдумот за името може да се одржи до јули, до самитот на НАТО во Брисел, каде што Македонија очекува да добие покана за членство, по деценискиот застој на овој план, за што главен проблем беше спорот со Грција. Сепак, наши соговорници посочуваат дека доколку во јули се остварат надежите за отворање на вратата на Алијансата за Македонија, тогаш политички поисплатливо би било референдумот да се одржи во периодот додека се ратификува членството на земјава, со оглед на кампањата што треба да му претходи на плебисцитарното изјаснување.
Другото објаснување е дека е несериозно земјата толку долго време да биде оставена без изборна комисија. Затоа се најавуваат разговори за конечно комплетирање на ДИК, без неа не може да се спроведе ниту референдум за кое било прашање на локално ниво, ниту да се пополни некое испразнето пратеничко место, а воопшто не може да стане збор за евентуални вонредни избори, со оглед на тоа што следниот редовен изборен циклус е дури за една година (за шеф на државата).
Во последните два месеца во ДИК на работа одат само вработените во администрацијата. Сепак, иако Комисијата е практично испразнета, стручната служба реши да го одбележи пригодно глобалниот Ден на изборите – 1 февруари. За таа цел, стручната служба на ДИК организира Отворен едукативен ден за граѓаните в четврток. Тогаш, како што соопштија од ДИК, сите заинтересирани граѓани може да дојдат во просториите на Комисијата за да проследат едукативна презентација за остварувањето на своето избирачко право, со посебен осврт на водењето на избирачкиот список, а ќе можат да постават и прашања до вработените. За оваа цел се определени три термини во текот на утрешниот ден.
Во почетокот на декември осум члена на ДИК поднесоа оставки на функциите. Прв нога повлече претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски, па по него претставниците на СДСМ – Виолета Дума и Игор Милев. Нивниот пример го следеа Субхи Јакупи од ДУИ и експертите Атанас Урумов и Реџеп Прекопуца, а на крајот и Силвана Бонева и Сашко Срцев од ВМРО-ДПМНЕ. Доколку остане досегашниот концепт на ДИК, кој беше утврден со измените во Изборниот законик што произлегоа од договорот од Пржино, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат по двајца нови члена во Комисијата, ДУИ – еден, а тројца треба да бидат експерти, од каде што ќе треба да се изберат и идните претседател и заменик-претседател на Комисијата, а едниот од нив треба да биде од албанската етничка заедница. Едно место во ДИК е предвидено за најголемата опозициска партија од албанскиот блок. Тоа столче, пред последните локални избори, го пополни премиерно Беса, а претходно ѝ припаѓаше на ДПА.

Александра М. Митевска