ДИК: Три оставки на маса, шест во фиока


Најмалку една третина од членовите на Државната изборна комисија се повлекуваат од функциите, по скандалот со високите бонуси за спроведување на последните изборни циклуси, што го обелодени американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли.
По жестоките реакции во јавноста и граѓанската петиција за разрешување на актуелниот состав на ДИК, тројца од вкупно девет членови на ова тело, меѓу кои и претседателот Александар Чичаковски, објавија дека поднеле оставки до парламентот. Иако, неофицијално, не се исклучува можност тој потег да го следат и другите шест члена, до вчера попладне во собраниската архива беа пристигнати само три оставки.
Чичаковски, во изјава за МИА, посочил дека оставката е негов личен чин. Барања за престанок на функцијата поднеле и двајцата членови кои беа избрани во ДИК по предлог на СДСМ, додека беше во опозиција. Игор Милев и Виолета Дума вчера утрото поднеле до Собранието барања за престанок на функцијата, а претходно ги вратиле во буџетот парите од надоместокот за изборите.

Милев ни изјави вчера дека оставката сакал да ја поднесе уште за време на викендот, ама дека чекал до понеделник за да види дали постои можност парите од бонусот да се вратат во државната каса. Тој вели дека лично одлучил да поднесе оставка и дека немал притисоци во таа насока од партијата која го кандидираше за функцијата.
„Со асистенција на финансиската служба на ДИК, преку налог ги вратив парите во буџетот, префрлајќи ги од мојата сметка“, вели Милев.
За другите шест членови на ДИК, до крајот на работниот ден, остана енигма дали преку оставки ќе демонстрираат одговорност за скандалот со високите бонуси. Силвана Бонева и Сашко Срцев од ВМРО-ДПМНЕ, Субхи Јакупи од ДУИ и Асани Салија од Беса, како и експертите Атанас Урумов и Реџеп Прекопуца (кој е потпретседател на ДИК) не се огласија засега околу ситуацијата што се создаде со оставките на тројца нивни колеги.
Вицепремиерката и заменик-претседателка на СДСМ Радмила Шекеринска ги оцени оставките во ДИК како порака што Владата сака да ја испрати до јавноста дека прифаќа критики и оти нема да практикува неодговорно однесување.
– Ова е порака, која тие и ние ја испраќаме до јавноста дека прифаќаме критики, дека критиките можат да бидат позитивни и дека такво однесување оваа Влада нема да применува, ниту, пак, го прифаќа. Презедовме обврска тоа да го покажеме и во нашето секојдневно однесување. Го поздравувам нивниот гест и сметам дека тоа е поука за сите избрани личности во Македонија, за сите кои ја добиле нашата доверба, вклучувајќи не и нас самите, рече Шекеринска.
Таа нагласи дека Владата не ја избира ДИК и дека не се меша во работата на ова или на некои друго регулаторно тело.
„Оваа Влада беше избрана за да не биде иста како претходната, затоа што вети промени во политиките, одлуките и однесувањето. Тоа значи дека нема само да водиме сметка за законот, туку и за тоа дали некои одлуки се етички и политички коректни.
Собранието, преку Комисијата за избори и именувања, треба сега да распише конкурс за пополнување на испразнетите места во ДИК, откако ќе ги констатира поднесените оставки. За таа цел, веројатно, ќе има потреба и од преговори меѓу партиите, со оглед на тоа што членовите на Комисијата се избираат со двотретинско мнозинство (најмалку 80 гласа).
Олеснителна околност во случајов е тоа што нема најави за нови избори во скоро време, а првите наредни редовни избори се претседателските во 2019 година. Сепак, ангажманот во ДИК е на професионална основа, така што испразнетите места не би требало да останат непополнети подолго време.
Од 2011 година досега, Чичаковски е трет претседател на ДИК кој се повлекува од функцијата. Претходно, од сосема други – пред се политички причини, оставки поднесоа Александар Новаковски и Борис Кондарко – и двајцата кандидирани од СДСМ. Чичаковски влезе во ДИК со импресивна биографија како правен советник, координатор и тренер во невладината „Мост“ и набљудувач на избори во повеќе кризни подрачја. Тој, Урумов и Прекопуца се првите експерти во највисокото изборно тело, согласно новиот концепт на функционирање на ДИК што беше усогласен меѓу партиите за време на политичките преговори во Пржино. Овој состав на Комисијата ги спроведе предвремените парламентарни избори пред точно една година, кои беа распишани како резултат на големата политичка криза во земјава и на кои им претходеше обемна методологија за прочистување на избирачкиот список, која се реализираше под меѓународен мониторинг.
Милев, како адвокат од Радовиш, беше ново име на СДСМ во овој состав на ДИК, кој беше избран на крајот на 2015 година, односно пред две години. Поранешната судијка Дума, пак, првпат беше избрана за член на ДИК во 2011 година, а во 2015 година беше реизбрана на функцијата. Според Изборниот законик, мандатот на членовите на ДИК трае пет години, иако во изминатите години имаше повеќе случаи кога на членовите им се кратеше мандатот поради честите промени на концептот на функционирање и организација на Комисијата, како и поради промените во распоредот на сили во парламентот.
Според Одлуката на ДИК за исплата на надоместоците за последните локални избори, која била донесена на затворена седница, членовите на Комисијата добиле бонуси во висина од четири дополнителни плати. Поранешниот член Бедредин Ибраими од ДПА и неговата наследничка Салија, предложена од Беса, добиле дополнително по две нето плати. За закажаните, па откажани избори лани во април, членовите на ДИК си поделиле по три плати,а по пет бонус плати земале за декемвриските избори.

Александра М. Митевска