ДИК се самораспушти


Уште петмина од актуелниот состав на Државната изборна комисија поднесоа оставки во текот на вчерашниот ден, како чин на морална одговорност за скандалот со високите бонуси за последните изборни циклуси.

Прво Субхи Јакупи од ДУИ, потоа и експертите Атанас Урумов и Реџеп Прекопуца (кој е и потпретседател на ДИК), а доцна попладне и членовите од ВМРО-ДПМНЕ – Силвана Бонева и Сашко Срцев ги депонираа своите оставки во парламентот. Последна на потег остана Ермира Асани Салија од Беса, која влезе во ДИК пред неодамнешните локални избори. Таа изјави пред извесно време дека немала удел во „алашверишот“ во ДИК, ќе ги замрзнела парите и не планирала да поднесе оставка.

Јакупи, кој е член на ДИК уште од 2006 година и важи за искусен професионалец, вели дека парите ќе ги врати во буџетот, затоа што се на граѓаните, а не на некоја хуманитарна организација. Признава дека целата постапка со доделување екстра плати за работата околу локалните избори во октомври била нетранспарентна, донесена во доцните вечерни часови и необјавена на веб-страницата на ДИК, па иако не гледа вина кај себе, оставка поднесува од морални причини. Потенцира дека таквиот чин треба да биде водилка за сите, односно дека секој што е на функција мора да одговара за своите постапки. Парите во буџетот ќе ги вратат и Прекопуца и Урумов.

Откако завчера први оставки поднесоа претседателот Александар Чичаковски и членовите од СДСМ – Виолета Дума и Игор Милев, ДИК е практично распуштена, така што ќе се избира нов состав. Оставките ќе бидат констатирани на првата следна собраниска седница, по што партиите ќе можат да предложат нови членови. Досегашното искуство покажа дека, веројатно, ќе следуваат преговори меѓу партиите и „пеглање“ на разликите, со оглед на тоа што за избор на членовите на ДИК е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Со договорот од Пржино, двете најголеми партии добиваат по два члена, по еден им се гарантира на двете најголеми албански партии, а тројца, вклучувајќи ги и претседателот и потпретседателот, се од експертската фела. Мандатот на членовите на ДИК трае пет години.

Оставките следуваа по огромниот притисок на јавноста за расипничкото расфрлање со државни пари на членовите на ДИК кои, според сопствено признание, во последните 18 месеци си доделиле дополнителни 12 плати, односно за година и половина зеле 30 плати по 63.000 денари. Иако се бараше заминување на комплетната екипа, членовите на ДИК, всушност, еден по еден поднесуваа оставки.
Меѓу последните стигна оставката на Бонева, која со години, и додека беше пратеничка, предизвикува жестоки реакции во јавноста поради илјадниците евра што си ги наплаќа од државниот буџет за патарини, дополнителна работа, амортизација на возилото… Таа, како и нејзиниот колега Срцев, со денови не се јавуваа на мобилниот телефон ниту, пак, одговараа на пораки. Нивните имиња станаа мета на социјалните мрежи, од каде што им се упатуваат и навреди и закани.
Во најголемата опозициска партија во земјава велат дека во моментов се фокусирани на престојниот конгрес во Валандово. Објаснувајќи дека во моментов лидерот Никола Груевски, како и целиот извршен одбор се во оставка, поради што нема кој официјално да зборува, високи партиски функционери за „Независен весник“ анонимно брифираат дека никој не барал оставка од Бонева и од Срцев.
„Оставките на членовите на СДСМ и претседателот, кој де факто работеше во нивна полза, е само маркетиншки потег и, всушност, е дел од една поширока игра. Од тие причини, иако сме свесни дека останувањето во фотелјите на Бонева и на Срцев им дава повод на провладините медиуми да удрат по нас, не е дадена директива до нашите членови да поднесат оставки. Оставено им е индивидуално да одлучат како ќе постапат“, тврдат нашите извори.
Во ВМРО-ДПМНЕ се претпазливи околу „свиркањето“ на американскиот амбасадор Џес Бејли и брзата реакција на коалициските партнери во Владата за давање оставки на нивните членови во ДИК.

„Тешко дека четири плати плус биле причина за дигање толкава хајка во јавноста, особено што има многу поголем криминал на сите други скалила на власта. Треба да бидеме претпазливи затоа што се можни две сценарија: првото да се распушти ДИК, а за конституирање на нов состав е потребно двотретинско мнозинство во Собранието што во моментов кога нашите пратеници не учествуваат во работата на парламентот е невозможна мисија. Со распуштен ДИК, нема кој да организира евентуален референдум доколку биде постигнат компромис за името со Грција. Второ, доколку, да речеме, компромис со името не е можен во некој брз следен период, апсолутно се можни нови предвремени парламентарни избори, со кои СДСМ ќе сака да ја искористи нашата ситуација: оставката на Груевски, избирањето нов лидер и потребното време за консолидација. И затоа, им е потребен нов состав на ДИК, во кој ние како опозиција треба да го имаме главниот збор и во кој, секако, претседател нема да биде Александар Чичаковски. Тогаш ќе добијат легитимитет и за спроведување на изборите и за признавање на резултатите“, тврдат функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, јавноста беше информирана дека, покрај бонусите за изборите, членовите на ДИК наплатиле високи суми и за дополнително пријавени трошоци. И тука предничи Бонева, која во изминатите две години зела 12.000 евра за патни трошоци од Струмица до Скопје,а ја следи Урумов од Гевгелија, кој наплатил 6.800 евра. Силвана Бонева беше на насловните страници на медиумите и додека беше пратеник бидејќи само за една година успеа да наплати 25.000 евра за патни трошоци. Иако исплатите беа законски, ниту таа ниту, пак, нејзината партија не дадоа отчет од морален и етички аспект.

Горан Адамовски